Новото списание за култура „Трактатус“ деновиве во својот нов број го објавува расказот на Томислав Османли насловен „Наредното евангелие“. Расказот од македонски го преведе нашиот истакнат преведувач Мехмед Јонуз, додека како негов уредник се јавува книжевната теоретичарка и писателка м-р Сема Ватансевер. Списанието ја носи одредницата „Мисла и уметност“. Неговиот прв број се појави во декември минатата година, при што тоа се јавува во две изданија, печатено и електронско.
Прозата на Османли е апострофирана во воведната белешка на уредникот на списанието, Хасан Орхан.
– „Наредното евангелие“ на Томислав Османли е куса проза што го проблематизира отуѓениот свет на денешницата, фокусирајќи ја пандемијата како метафизичка казна за современото човештво одродено од автентичните етички и морални вредности што го доведува пред самиот раб на постоењето. Во видувањето на Османли, пандемијата е конечна предупреда за глобалната цивилизација, која ризикува да се самоукине, крајно изневерувајќи ја филантопската бит, која треба да ѝ е неотстапна одлика. Според авторот, глобалната поделеност и егоизам се повод за социјалните дистанцирања во денешницата од затворања, самоизолации, осамувања, при што новата реалност се држи на истенчените конци од сочувственоста. Со зборови на горчлива иронија, авторот му ја припишува сочувственоста единствено на бога, која како таква се заканува да стане неизустена катастрофа на светот… – вели Орхан.
Расказот „Наредното евангелие“, пишуван во библиски стил и јазик, беше објавен низ повеќе книжевни медиуми во регионот, почнувајќи од прилогот ЛИК во Македонија, преку Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина до Грција.
Оваа е инаку втора објава на прозата на македонскиот писател во Турција. За првпат, заедно со биографија на авторот, расказот „Наредното евангелие“ пред три години беше публикуван на е-порталот за литература и книжевна критика „Критикбу“ од Истанбул, што се појавуваше двојазично – на турски и на англиски јазик. Неодамна списанието згасна, па неговата уредничка С. Ватансевер го предложи преводот на М. Јонуз за објавување во новото книжевно списание „Трактатус“.