Сето ова е резултат на брзоплето потпишаниот Договор за добрососедство и пријателство со Бугарија пред шест години, во кој се употреби терминот „заедничка историја“, што очигледно сега ни се удира од глава. Но многу позагрижувачки е што дури и кога се удира врз темелите на македонската државност, идентитет и јазик, надлежните институции, Владата и Министерството за надворешни работи воопшто не реагираат на провокациите од Софија
Прифатената „заедничка историја“ значи прифаќање само на бугарскиот наратив
Македонските надлежни институции повторно не реагираа на неодамнешните провокации што стигнаа од Бугарија, кога Илинденското востание од страна на целиот бугарски државен врв беше означено како борба на македонските Бугари за ослободување од петвековното османлиско ропство и припојување кон „мајката Бугарија“.
И додека целиот македонски државен врв 120-годишнината од Илинденското востание ја одбележуваше на различни места, без централен настан и без масовно присуство на граѓаните, Бугарија организираше централна свеченост во Софија, на која присуствуваа и претседателот Радев и премиерот Денков, испраќајќи јасна порака дека за нив Илинденско-преображенското востание, како што го нарекуваат, станува најголем национален празник, дрско преземајќи ја македонската историја и удирајќи директно врз темелите на македонската државност. Помпезната прослава во Софија можеа да ја проследат и македонските граѓани преку државната бугарска телевизија, која и натаму сее бугарска пропаганда во македонскиот етер, додека Македонската радио-телевизија и натаму се соочува со „технички проблеми“ за емитување на бугарска територија.
Бугарија гласно си го присвои Илинденското востание, штама во МНР
Сето ова е резултат на брзоплето потпишаниот Договор за добрососедство и пријателство со Бугарија пред шест години, во кој се употреби терминот „заедничка историја“, што очигледно сега на македонските власти им се удира од глава. Но многу позагрижувачки е што дури и кога се удира врз темелите на македонската државност, идентитет и јазик, надлежните институции, Владата и Министерството за надворешни работи воопшто не реагираат на провокациите од Софија. Од друга страна, официјална Софија реагира и за најбанални настани во земјава што се исценирани од индоктринирани бугарски хулигани и провокатори, кои намерно сакаат да ја прикажат земјава како нетолерантна кон бугарските граѓани.
Клучното прашање на кое одговор бара целата македонска јавност е до кога македонските власти ќе се однесуваат инфериорно и понизно кон провокациите што доаѓаат од страна, без да има енергична и јасна реакција од дипломатијата, претседателот, како и премиерот, со што ќе се стави јасно до знаење дека пазарење со историјата, идентитетот и јазикот не може да има.
За професорката Наташа Котлар е целосно несфатливо да нема никаква реакција кога отворено од соседна земја се присвојува најсветиот датум во македонската историја.
– Како можат да дозволат нешто што претставува македонска национална меморија, македонска национална гордост, македонска национална историја, некој сосед да ни се топори и со целото свое безобразно однесување да ни кажува дека она што е македонско е бугарско и да му дава бугарски колорит – реагира Котлар.
Според неа, одбраната на македонските интереси треба да биде главна задача на оние што се наоѓаат на челните функции и тоа треба отворено да го демонстрираат, без оглед од каде доаѓаат негирањата и провокациите.
Стоп за сервилната политика кон соседите, која оди до крајно самопонижување
– Повторно на нашите претставници, дипломатски, политички, сакам да им упатам една проста реченица. На времето Македонците, уште пред да почне Втората светска војна, рекоа дека македонските интереси треба да бидат задача на Македонците што работат политички и општествено – заклучува професорката Котлар.
Добрите познавачи на дипломатските практики сметаат дека МНР морало веднаш да реагира на пораките што беа испратени од страна на официјална Софија.
– Последниве шест години сведоци сме на една сервилна политика кон соседите, која оди буквално до безобразлук и крајно понижување. Кога нема реакција во задирањето на темелот на државноста, како што е Илинден, тогаш не ми е јасно зошто воопшто оваа држава има политички претставници, само за да си ги полнат џебовите очигледно. По онаквите изјави на бугарскиот државен врв, македонското МНР требаше веднаш да го повика бугарскиот амбасадор и да побара објаснување, па дури и да врачи протестна нота, а дополнително да ги информира и европските тела. Вака, министрите си заминаа на одмор и не им е гајле дали некој ја присвојува македонската историја. Настапот на Радев и Денков е доволен сигнал за тоа како Софија ќе се однесува во иднина ако се направат уставните измени и се внесат Бугарите во Уставот. Тогаш ќе почне, да бидам малку ироничен, процесот на претопување на Македонија во Бугарија или, како што кажа Радев објаснувајќи ја борбата на востаниците во рамките на Илинденското востание, припојување кон „мајката Бугарија“ – вели добро упатен соговорник во македонско-бугарските дипломатски прилики.
Илјадници Македонци пред 100 години го одбележаа Илинденското востание среде Софија
Фотографии од весници во Бугарија го покажуваат одбележувањето на 20-годишнината од Илинденското востание во Софија. Таа 1923 година во главниот град на Бугарија се собрале илјадници Македонци да им оддадат чест на Илинденците и на водачот Гоце Делчев, кој бил убиен неколку месеци пред кревањето на востанието.
Интересно е што тогаш бугарските медиуми никаде не пишувале дека тоа е востание на Бугарите во Македонија, туку на Македонците, уште помалку го нарекуваат преображенско востание.
„Илинден национален празник на Македонците“ е еден од насловите во тамошните весници.