Промовирана поетската збирка „Од две страни сонце грее“
Македонскиот филолог и доктор по науки за кинеска филологија Игор Радев учествуваше на промотивна церемонија во Гуангчжоу, Кина, на ретко издание – поетска збирка што треба да излезе од печат во септември. Книгата носи наслов „Од две страни сонце грее: Современа македонска и кинеска поезија и книжевен дијалог“.
Станува збор за тројазична поетска збирка (македонски, кинески и англиски) во која се претставени седум македонски и седум кинески современ поети, која ќе биде издадена од издавачката куќа „Хуа ченг“ од Гуангчжоу, инаку најреномираното кинеско издаваштво за уметничка литература. Песните што се поместени во ова издание претставуваат резултат на „Македонско-кинеската поетско-преведувачка работилница: Поезијата во превод меѓу цивилизациите“, која се одржа во организација на МАНУ и во соработка со Пекиншкиот јазичен универзитет во Охрид, во август минатата година.
Уредници на изданието се: од македонска страна – Игор Радев, а од кинеска страна – поетесата Лју Јуе, додека на церемонијата на потпишување издавачката куќа „Хуа ченг“ беше претставувана од нејзината директорка Чжанг Ји. Ова книжевно издание најверојатно претставува прво систематско претставување на современата македонска поезија во огромното кинеско говорно подрачје, па од таа гледна точка е со историска вредност.
Настанот се одржа во книжевниот салон „Ван‘чју“ во Гуангчжоу и беше во организација на Кинескиот институт за иновации и развојни решенија, Центарот за културна размена на градот Гуангчжоу, издаваштвото „Хуа ченг“ и литературниот институт „Хуа ченг“. Настанот насловен „Поетската суштина и искра меѓу цивилизациите“ беше проследен со читање македонска и кинеска поезија во заемен превод, модерна културно-уметничка програма и јавна дебата на теми од областа на поезијата во контекст на меѓуцивилизацискиот превод.