Оваа талентирана тинејџерка настапила на голем број училишни концерти и учествувала на државни и меѓународни натпревари во Македонија, Србија и во Бугарија. Досега има освоено девет први награди, четири специјални, со освоени максимални 100 бода, четири втори места, а двапати е прогласена за лауреатка. Во оваа учебна година таа е прогласена и за ученик на генерацијата, со што е потврден нејзиниот музички талент

Илина Ристова (14), флејтистка

Илина Ристова веќе шест години го изучува инструментот флејта, во класата на професорката Силвана Чулева Атанасова во ОМБУ „Лазо Мицев Рале“ во Кавадарци. Сѐ уште нема полни 15 години, а веќе го реализира својот прв солистички концерт во музичкото училиште во родниот град, како своевидна круна на успешното завршување на основното музичко образование.
Илина со крупни чекори се движи напред и вешто ги решава пречките во текот на својот музички растеж. Настапила на голем број училишни концерти и учествувала на државни и меѓународни натпревари во Македонија, Србија и во Бугарија. Досега има освоено девет први награди, четири специјални, со освоени максимални 100 бода, четири втори места, а двапати е прогласена за лауреатка. Во оваа учебна година таа е прогласена и за ученик на генерацијата, со што е потврден нејзиниот музички талент.
За нејзиниот неодамнешен прв солистички концерт беше одбрана прекрасна програма, која беше реализирана со помош на професорката Лилјана Стојковска како корепетиторка. Како гости на концертот на инструментот пијано настапија ученичките: Ивана Давчева, Сирма Стојанова, Марија Бојкова и Јелица Лазарова, а на флејта Патриција Ѓорчева и Цветанка Петкова, како и нејзината професорка Силвана Чулева Атанасова.

Илина вели дека љубовта кон музиката ја открила уште од малечка, кога заедно со нејзиниот дедо пееле народни песни:
– Првите посериозни чекори во музиката ги започнав на осумгодишна возраст, кога се запишав во музичкото училиште да го изучувам инструментот флејта. Музичкото училиште за мене беше втор дом, кој топло ми ги отвори вратите уште првиот ден кога зачекорив во него. Затоа сакам да изразам голема благодарност до мојата наставничка Силвана Чулева Атанасова, која ме прими во нејзината прегратка и со години ми ги откриваше тајните на инструментот флејта. Таа за мене не е само наставничка, бидејќи во неа пронајдов пријател, идол и пред сѐ личност што ме одведе на вистински пат, по кој сега чекорам. Таа ми ги даваше најдобрите совети, но и најубавите чоколади кога ќе заслужев. Часот со неа го очекував со нетрпение и моментите поминати во учење за мене се незаборавни. Јас имав голема желба да се натпреварувам, а наставничката Силвана секогаш ми беше голема поддршка. Се разбира, и од моите родители имав безрезервна поддршка, како и од моите браќа Илија и Никола и од мојата другарка Ивана. И сега, кога успешно го реализирав мојот прв солистички концерт во музичкото училиште што го посетував сите овие години, сакам да кажам дека за мене ова не е крај туку нов почеток, бидејќи сакам да го продолжам образованието во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје и музиката да биде моја животна определба – вели Илина Ристова.
Од своја страна, професорката Силвана Чулева вели дека таа била убедена дека Илина ќе го продолжи своето музичко образование, додавајќи дека ѝ посакува многу успеси во иднина.

Ми.М.