Кучето Џони ме следеше во чекор, вели Баже Маротов

Александар Џамбазов ми понуди на „Златно славејче“ да ја пеам песничката „Еј, гулаби, гулаби бели“, ама во последен момент ѝ ја дадоа на Билјана Дамјановска, па за два дена морав да учам друга песничка, „Деца“. Следната, 1972 година ја пеев „Болниот мачор“ на музика на Александар Џамбазов и на текст на Бошко Смаќовски. Тогаш, иако бев во потесниот избор, не ме избраа да го глумам Трајче во „Волшебното самарче“ и, ете, не станав актер, туку музичар

Времеплов – Кога бев ученик: Благој Маротов

Благој Маротов е познат македонски академски музичар, чија прва и најголема љубов е контрабасот. Работи како професор во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“, каде што предава контрабас и камерна музика. Компонира музика и свири во многу состави со своето семејство, а настапува и како пејач на забавна музика. Свирел и во Светскиот класичен оркестар во Будимпешта, а добитник е и на голем број награди.
Благој или Баже, како што го викаат пријателите, ги минал своите училишни денови во ОУ „Гоце Делчев“ во струмичкото село Вељуса, каде што е роден. Уште од мал победувал на музички натпревари за млади таленти, а како петтоодделенец пеел на фестивалот „Златно славејче“. Својот мултиталент го надградува на Музичката академија во Скопје, каде што дипломира како еден од најперспективните студенти во класата. Освен матичниот инструмент контрабас, свири и на гитара, бас-гитара и клавир, добро се снаоѓа и како пејач на поп-музика, а соработувал и со народни оркестри. Учествувал на многу фестивали на забавна музика, а снимил и неколку носачи на звук.

Се сеќавате ли на првиот училиштен час?
– Да бидам искрен, не сакав да одам на училиште, зашто знаев дека со тоа ќе завршат моите безгрижни детски денови. И малку се плашев за оценките, зашто сакав да бидам најдобар.

Па, бевте ли најдобар?
– До осмо бев со сите петки, а најмногу сакав географија, ликовно, моделирање и музичко. До четврто одделение имав учител, се викаше Митко, беше средовечен, строг, ама праведен.

Во петто одделение веќе ја почнавте музичката кариера. Како се случи тоа?
– Мајка ми постојано ме поттикнуваше да се пријавувам на натпревари за млади таленти во Струмица, па така, во петто одделение го освоив првото место и дојдов во Скопје, на големо финале, со најдобрите деца од цела Македонија. Ме забележа Александар Џамбазов и ми понуди да ја пеам песничката „Еј, гулаби, гулаби бели“, ама во последен момент ѝ ја дадоа на Билјана Дамјановска, па за два дена морав да учам друга песничка, „Деца“. Следната, 1972 година ја пеев „Болниот мачор“ на музика на Александар Џамбазов и на текст на Бошко Смаќовски. Тогаш, иако бев во потесниот избор, не ме избраа да го глумам Трајче во „Волшебното самарче“ и, ете, не станав актер, туку музичар.

Кога почнавте да си го заработувате џепарлакот?
– Во седмо одделение, бидејќи сам научив да свирам на гитара, па со другарите свиревме на игранки. Тоа беа моите први заработени пари.

Кој е Вашиот херој од детството?
– Тоа беа Винету и Олштерген. Еднаш во Скопје видов пушка како неговата и толку плачев што татко ми ми ја купи иако беше скапа. Потоа мајка ми ми соши кошула со реси како на Винету.

Имавте ли свое галениче?
– Џони, кучето на братучед ми, толку ме засака што речиси се пресели кај нас, па дури ме чекаше пред училница, иако беше на вториот кат. Ме следеше во чекор.

Велат сте биле главен со гитарата. Дали тоа Ви донесе поголема популарност кај девојчињата?
– Па, морам да признаам дека е така. Освен тоа, убаво ги пеев сите тогашни хитови. Сретсело имаше еден голем железен круг, остаток од стара воденица, и налето, секоја вечер, ние момчињата се собиравме таму. Девојчињата шетаа околу нас срамежливо. Тука се родија и првите симпатии: Оливера, Венера, Дивна… И денес постарите од Вељуса се сеќаваат на тие денови кај железото. Инаку, јас сум првиот академски музичар од Вељуса, а по мене уште неколкумина запловија во музичките води.