На Фестивалот за класичен балет и модерен танц, кој се одржа по петти пат, чија уметничка директорка е Маја Каревски, а е во организација на Детскиот културен центар во Карпош, кој го води директорката Билјана Лалчевска Серафимовска, беше воспоставена наградата „Ѓорѓи Македонски“ според основоположникот на македонскиот балет, кој постхумно доби награда за неговата дејност, која во негово име ја презедоа членови на семејството.
Наградата ѝ е доделена на кореографката и актуелна деканка на Филмската академија – Катедра за современ танц и балетска педагогија, при универзитетот „Гоце Делчев“, Рисима Рисимкин, која годинава одбележува 45 години уметничко творештво. Наградата „Ѓорѓи Македонски“ на Рисимкин ѝ се доделува како на авангарден претставник во современата танцова едукација и творештво. Наедно, универзитетот „Гоце Делчев“ доби благодарница за особен придонес во балетската уметност.
– Ми претставува огромна чест да добијам награда што го носи името на Ѓорги Македонски, основоположник на балетската уметност кај нас, без чија работа никој од нас не би бил тука во моментов. Знаеме дека без минато, немаме ни иднина и сакам да ја споделам оваа награда со сите млади ученици и уметници што вечерва ќе настапат на сцената, а кои се наши идни балерини и современи танчари – изјави Рисимкин.