Првиот број на „Нова Македонија“ има историско значење како прв официјален документ во кој Блаже Конески го извршил нормирањето на јазикот. Но кога станува збор за македонскиот литературен јазик и за азбуката, весникот има уште поголема историска улога, бидејќи на неговите страници е објавена првата македонска официјална азбука.
По донесувањето на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945-та за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо и за озаконувањето на првиот правопис, со што беше стандардизиран македонскиот јазик, создадена е азбуката на 3 мај 1945 и ѝ е предложена на тогашната влада. Таа ја прифатила и азбуката е официјализирана на 5 мај, со објавување во весникот „Нова Македонија“, зашто во тоа време не постоел „Службен весник“ каде што државата ги објавува своите одлуки. Објавувањето на 5 мај се смета за службен документ.
Забележано е дека тробројот на весникот од 5, 6 и 7 мај 1945 година, редакцијата го подготвувала со особено внимание. Во овој дотогаш најголем број се застапени текстови со различни теми од областа на јазикот, но најзначаен е документот со наслов „Решението на Народната влада на федерална Македонија за македонската азбука“. Весникот водел историска битка за почист и воедначен јазик. Уште во првите години биле присутни специјални рубрики, како „Јазично катче“, „Дневната јазична практика“… И денес весникот ја има благородната улога за зачувување на македонскиот јазик, особено внимавајќи да не потфрли на ова поле. Чистотата на јазикот е наша највисока задача, а неговото негување сѐ уште е еден од белезите на „Нова Македонија“.


Жив е Конески

На нашиот вечен учител

Беше кроток во одот кон сводот,
и уште покроток во зборот,
а зборот му тежи повеќе од злато,
беше топол ко лебот насушен
штотуку изваден од пламен,
беше вулкан во Азбуката
на нашиот земен живот,
беше веда во песната своја,
беше корен во коренот наш,
беше мисла што се коти,
поцврста од кремен-камен.
И, уште беше на страдањата – лек,
остана патоводна ѕвезда
на нашиот минат и иден век,
беше скала со која се качивме
до небесата сини и тајни,
беше трајно семе на племе,
јунаци што раѓа незнајни,
беше искра во вивнат оган,
застанат на пусија и стража
што нѐ чува од душман поган.
А, ние си го знаеме долгот
та се браниме и храниме
секогаш со твоето вечно име,
беше и остана вековна каријатида
што ја потпира нашата родина,
нашата куќа – Македонија,
ти си наш траен светилник
и бескрајна совест човекова.
Ни остави аманет – мајковина:
„Јазикот е нашата татковина“

Мишо Китаноски