На промотивниот настан на третото издание на фестивалот „Стрип трип“, кој се одржа вчера, се претставија илустраторите Симон Калајџиев и Белкис Аксу со своите дела и инспирациите што стојат зад нив. Дополнително, се одржа и цртачка „џем сесија“ со дел од најактуелните автори во македонскиот стрип. Во текот на вечерта, беа споделени и дел од содржините што се подготвуваат за главниот настан на фестивалот, кој ќе се одржи од 6 до 8 јуни во Младинскиот културен центар во Скопје. „Стрип трип“ е меѓународен фестивал на стрипот чија цел е промоција и популаризација на македонскиот и светскиот стрип. На фестивалот ќе бидат претставени најновите достигнувања и иновативни изрази во деветтата уметност и сродните креативни индустрии. Наедно, ќе бидат претставени стриповите на најмладата генерација стрип-автори.
Симон Калајџиев е уметник и футурист од Скопје, кој живее и работи како професионален илустратор во Токио, Јапонија. Има работено како независен илустратор и графички дизајнер за многу различни проекти, вклучувајќи: филмови, списанија, реклами, учебници, веб-сајтови и фестивали. Тој е добитник на повеќе престижни награди од полето на архитектонската илустрација. Меѓу позначајните изданија, автор е на арт-зборникот „Верлосен“ (2023) и експерименталниот графичко-книжевен проект за асемичко пишување „Öлпест“ (2025). Белкис Аксу е илустраторка што потекнува од Измир, Турција, а веќе неколку години живее и работи во Скопје. Периодов работи на графичкиот роман „Всушност, нејзиното лице е прекрасно“ заедно со Дерија Атлас. Дополнително, Аксу илустрира детски книги и атласи, објавува месечен билтен во вебкомик-формат, предава на работилници за илустрација, а организира и клуб за графички романи заедно со Атлас.