Промоција на книгата „Оние работи: Есеи за женската сексуалност“ од хрватската авторка Јасна Жмак ќе се одржи денеска, од 19.30 часот, во просторот „Нетавил“, на ул. Никола Тесла бр. 9, во Скопје.
Уредничка на изданието е Грација Атанасовска, а преводот од хрватски на македонски јазик е на Мања Величковска и Фросина Крушкаровска. Книгата ќе биде претставена од писателката и професорка Румена Бужаровска, по што ќе следува разговор со авторката, преведувачките и уредничката на македонското издание. Оваа книга е второ издание во новата едиција на „Тиииит! Инк.“ – „Vagina Dentata“, чија главна уредничка е Јана Коцевска.
„Оние работи“ претставува збирка есеи во кои Жмак се занимава со теми за кои општеството често молчи: женското тело, сексуалноста и интимноста, но и прашања поврзани со родовиот идентитет, сексуалната ориентација, менструацијата, мастурбацијата, невиноста, сексот, телесните норми и гинекологијата. Наместо да ги третира овие теми како скандалозни или провокативни, авторката им пристапува отворено и истражувачки, комбинирајќи лични искуства со современа сексолошка литература, вградувајќи во текстот препознатлив феминистички светоглед.
Стилот на Жмак е динамичен, интелектуално прецизен и духовит, а есеите отвораат прашања што честопати се потиснувани во јавниот дискурс. Пишувајќи за телесноста и сексуалноста како дел од пошироки општествени и културни процеси, авторката ја афирмира идејата дека интимното е неизбежно политичко, а тишината околу „оние работи“ е дел од системски механизам на контрола и срам.
Како дел од едицијата „Vagina Dentata“, изданието на Жмак се надоврзува на пошироката заложба на „Тиииит! Инк.“ да создаде простор за книжевни и теоретски текстови што го отвораат прашањето за телото, сексуалноста и женското искуство на радикално различен начин – слободен од срам и со јасна политичка и културна свест.
Настанот се одржува со поддршка на „Квила тил Квина“, Амбасадата на Шведска и „Иквалити фаунд“.