Рецензија
Во моменти кога Македонија е обвиена во црнила, сепак мора да најдеме некој преостанат промил на надежен нектар и светлост што за момент ќе нѐ внесе во магичниот свет на филмот. Тоа е најновиот документарец „Одење пеш“ на Тамара Котевска, која претходно се прослави со планетарна слава за „Медена земја“, кој беше номиниран и за „оскар“.
Филмот нѐ воведува во суровиот свет на десетгодишното сириско девојче Асил, кое во виорот на војната ги губи родителите, но и домот. Не сакајќи да се препушти на неизвесните животни предизвици решава прво да замине во Истанбул. Со себе ја носи деветметарската кукла Амал како метафора за животниот патос на сираците. Таму сретнува врсници што ја прифаќаат како своја сестра.
„Одење пеш“ треба да ја разбуди свеста на децата што си ги размениле местата на ова авантуристичко патување. На ова патување заминува со кукларот, уметничкиот директор Амир Зуаби. Комуникацијата меѓу куклата и малата Асил ја симболизира хармоничната конекција. Сцените на дизајнираните куклени тестови, чеканите се тесно поврзани со погледите на Асил, која ја црта Амал пресликувајќи го својот автопортрет.
Тамара Котевска мудро размислува, секогаш стрела во целта: при гласовната нарација (воис овер) како алтер его изнурнува друг глас. Но тоа не е гласот на Асил, која поетски порачува: „Мора да најдам потопло место каде што ќе ги оставам ноќните кошмари“. Асил во ниеден момент не отстапува од зацртаните цели; стоички, истрајно решена е да оди докрај. Од Истанбул заминува за Атина, а од таму во Рим. Асил ја дотуркува и Амал до рацете на моќниот папа Франциско, кој почнува да го опипува пулсот на ентузијазмот. На крајот од престојот ѝ пожелува добро здравје и исполнување на понатамошните сни.
Кревкиот сензибилитет на Котевска е очигледен, таа со љубовен вознес ги отсликува сцените со гулабите. Сепак, се чини имала и добар „учител“ од кого учела, секако помислуваме на Хичкок, авторот на „Птици“. Овде би го парафразирал големиот Хичкок, кој кого го прашале што претставува за него слобода тој моќно одговорил: „За мене слобода претставува чисто сино небо без облаци“.
Прометејскиот дух на Асил по римската авантура нѐ префрла во Париз, каде што се насетува свежиот мирис на кроасаните помешани со мирисот на утринското кафе, но и лелекот на илјадници млади грла нејзини врсници. Во Лондон се инволвира во образовниот систем каде што во училиште ги изучува европската култура и географски поими. Зад мајсторските монтажни прсти стои името на Мартин Иванов, кој на сличен начин како што го прави тоа вештиот мозаичар што ги создава коцките, го создава монтажното богатство. Секако една од најважните компоненти во филмската магија е фотографијата. Во висината со летот на птиците е камерата на двоецот Џин Декер и Самир Љума, кој диригираат соодветно. Декер ја отсликува убавината преку претставата на птиците, минарето и дините. Успешно ги „лови“ раселените лица од градските улици, но и психичките пликови на Асил и ги споделува со голем број раселени бегалци. Поетската рефлексија ја открива фундаменталната порака, која гласи: „Домот е таму каде што те води патот“.
Посебен впечаток ми остави пријателството на спротивставените страни на Палестина и Сирија. Тука помислувам на Палестинката Фида и Сириецот Муад Румије. Претпоставувам со ист интензитет на емпатичност како во моето срце и кај вас ќе навлезе приказната од љубовната игра од детството што ја прераскажува Муад на Фида. Таа на прекрасен начин му возвраќа со прекрасен линорез и со мапа од неговото родно огниште. Две децении наназад, Жан Пјер Жане во своето ремек-дело „Амели Пулен“ (2001) ја навести смелата игра на Амели спрема татко ѝ, кој сака да го разубеди да патува токму преку играта со кукла.
При крајот на овој осврт сами на површина испливуваат некои неодговорени прашања, и ние се прашуваме? Дали по разрушениот град на Газа, антидемонстрациите за бегалците во Грција, реторички Асил/Амал се прашува „Кога ќе остане само прашина и урнатини дали некој ќе знае дека сме постоеле?“ Освен океанските музички погледи на Дуке Бојаџиев, вреди да се спомене и Сол Ертх, кој нѐ води низ хипнотичен танц со прекрасната хармонизација „Сеќавање на Магдалена“ левитацијата на Асил.
„Одење пеш“ имаше интересна одисеја на филмските фестивали низ светските меридијани како Фолкстон, Токио, Париз, Лос Анџелес и др. Минатата година беше прикажан и на затворањето на фестивалот за документарен филм кај нас, „Македокс“, тогаш не успеав да дојдам до билет. Но затоа не дозволив овој пат да го пропуштам, филмот моментално е на репертоарот на „Синеплекс“. Затоа заслужува овој бисер на Котевска да испише историја, не само во македонската туку и во светската документаристика.