Професорот д-р Трајко Славески е избран од Собранието на Република Македонија за нов гувернер на Народната банка. Во македонското собрание, новиот гувернер Славески е избран на следниот начин: „за“ гласаа 68 пратеници, а 16 беа „против“. Гувернерот Славески ќе раководи со Народната банка на Македонија (НБРМ) во следните седум години.
Во биографијата, приложена кон предлогот на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, се напишани следниве информации за новиот гувернер.
Проф. д-р Трајко Славески е роден во Охрид во 1960 година. Студирал и дипломирал на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Бил на постдипломски студии во САД на Калифорнискиот државен универзитет во академската 1986/1987 година и на Универзитетот „Харвард“ во 1989/1990 година. Славески е редовен професор на Економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во 1997 година Славески престојувал шест месеци на Државниот универзитет „Аризона“ во Темпи, во САД, како гостувачки професор.
Славески е коавтор на првата Антиинфлаторна програма, важен документ при монетарното осамостојување на Република Македонија во април 1992 година во борбата со тогаш присутната хиперинфлација и воведувањето на националната валута – денарот.
Во минатото проф. Славески ги извршуваше функциите министер за развој (1999-2000) и министер за финансии (2006-2009) во Владата на Македонија. За време на извршувањето на функцијата министер за финансии во Владата на Република Македонија тој ја вршеше функцијата гувернер во Светската банка и гувернер во Европската банка за обнова и развој. Како член на Владата на Република Македонија поттикнувал и водел многубројни реформи во економскиот и финансискиот систем на земјата, како, на пример, воведување на рамниот данок во 2007 година, осовременување на системот за вршење на плаќања, интегрирана наплата на придонесите за социјално осигурување (системот бруто-плата, 2009 година) и проф. д-р Славески е долгогодишен активен учесник во домашните јавни расправи за економски и финансиски прашања. Автор е на осум научни книги, од кои неколку во коавторство, на многубројни статии во домашни и странски академски списанија, како и во печатени и електронски медиуми за пошироката јавност.
На локалните избори, одржани во 2021 година, беше носител на листа за советници на коалицијата Обнова на Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ. На конститутивната седница на Советот на град Скопје, одржана на 17.11. 2021 година, Славески беше избран за претседател на Советот, од таа позиција сега и доаѓа на местото гувернер на Народната банка на Македонија.
По положувањето на свечената заклетва, Славески ги претстави неговите приоритети:
– Во мојот фокус ќе бидат ниска и стабилна инфлација и финансиска стабилност што ќе бидат поддршка на амбициозните владини политики. Ќе има стабилен девизен курс, но јас како професионален економист, го следам и реалниот девизен курс кој зависи од односот на домашните цени и цените со нашите трговски партнери, пред сè, оние во еврозоната. За жал во изминатиот период, особено по 2022 година имаме значителна реална прецијација на реалниот девизен курс, а тоа се должи на високата инфлација кај нас, која беше повисока во просек од онаа во еврозоната. Реалниот девизен курс на денарот од ноември во 2002 , до јануари оваа година, е зајакнат за 5,4% во однос на сите трговски партнери, а во однос на еврото денарот има апресирано цели 9%, што значеше губење на конкурентноста на македонската економија. Гувернерот на НБРМ подвлече дека во никој случај нема да воведе флексибилен девизен курс.
П.Р.