Фото: „Нова Македонија“

Осумдесет и една година „Нова Македонија“

Најстариот дневен весник „Нова Македонија“ непоколебливо работи во сите услови за весникот да излегува секој ден, откако во Горно Врановци, во далечната 1944 година, е отпечатен првиот број. Осумдесет и една година историја е сериозно сведоштво за еден народ и една нација што минале многубројни предизвици и разни премрежиња. Да се биде сведок на еден таков колективен заеднички живот и на индивидуални човечки животи и судбини е сериозна работа и бара одговорност, а пред сè објективност, праведност и родољубие.
Токму тоа „Нова Македонија“ секој ден им го нуди на читателите. Затоа нашата читателска публика знае дека во „Нова Македонија“ може да гледа свој искрен пријател што нема никогаш да ја изневери и на кој може здраво да се потпре.
На денешниот 81. роденден, со радост се сеќаваме и се потсетуваме на раѓањето на „Нова Македонија“: Имено, на печатарската машина „бостонка“ е отпечатен првиот број на „Нова Македонија“. Над еден тон тешката печатарска машина, искалена од железо, рачно склопена, партизаните ја носеле на раце есента во 1944 година, низ шумските патишта и планини до Горно Врановци. Во мугрите на 29 октомври, партизанските „колпортери“ тргнале на терен со првите пакети на весникот.
Потсетуваме и на 1963 година, кога катастрофалниот земјотрес го сруши речиси цело Скопје, па додека сите си ги бараа своите блиски, новинарите од „Нова Македонија“ бараа печатница за да биде отпечатен и следниот број, за да им помогне на граѓаните. Тие се воделе од начелото дека новинарите се своевидни запишувачи на историјата.
Но ова се само дел од впечатливите примери за професионалноста и посветеноста на „Нова Македонија“ првенствено кон граѓаните и јавноста, а ги има уште многу до ден-денес. Така ќе биде и во иднина затоа што ние се грижиме за читателите, државата, нацијата… за сите нас.
Вработените со радост во срцето го одбележуваат овој голем ден за македонското новинарство, секој со посебна љубов кон она што го работи и создава. Нека ни е честит роденденот! Р.Н.М.


Азбукарска балада

(Славко Јаневски – „Нова Македонија“, октомври 1944 г.)

ЈАЗИК од уста ми корнеле, го кркале…
Cera како да бандорам?
Во овие дни запенети
(сепак говорам по толку векови нем)
меѓу првите hommes de redaction имаше и недоописменети
Јазик ми корнеле, очи ми копале, од глоб ги локале…
Ceгa како да се кокорам?
Сепак гледам сватови – на колк шаржери, подгуша машингевери,
една невеста femme-gazette (конкретно – Писменоста), а повеќе девери.
Ме чкопале, сепак свадба ќе биде…
На оро се деверите, некои со превиени рани, ја почнуваат историјата на еден весник – сенката на војната сѐ уште седи на нив.
Чаделе вековите, чаделе, реска од грло ми јаделе…
И како ceгa да почнам? со АБВГДЃЕ?…
И – свадба ли без вино и каци?
Сеедно: топи ги куршумите и леј од нив печатарски знаци.
Прсти ми глодале, до лактот рака имам долга…
Но еве плискаат првите страници, сѐ уште пелтечав хор.
И скршена муцкава ми е полна со апеж…
Од куршум – буква, од шаржер – збор, речениците се канонада на Ка-Пе.
Нокти ми боделе в месо, чепкале мозок, желудник, сплинка.
Некој господ од сплинката на педа за животот ме држел со чинка.
Без пцости, молам. Не ни доликува.
Земјо, замавни, грозомората гони ја.
Денес покојниот Гутенберг на жур повикува дузина колпортери за „Нова Македонија“.
Меѓу нас речено: по некоја запирка ќе залута на ненужно место, некој извичник-шутрак ќе се испречи на половина мисла;
натрапник – цар,
пролетерите ли ќе му делкаат престол или ќе сплетат бесилка да висне стар?
Затоа уредникот сонува: пред извичниците со штик да пробијат заедно со
контрареволуцијата ги испраќа на робија.
Уредници – младоженци, невеста – култура, мираз – илјадници неописменети, куршум – буква, шаржер – збор, мото – ура, такви се дните запенети.
Затоа и на редовиве извичник не ставајте, и вака им е тесно, под мишки пукаат… Другари уредници, повеќе внимавајте утре муви со vise de journalism страниците да не ви ги наплукаат.
Зашто јазик ми корнеле, зашто очи ми локале, зашто, зашто, затоа…


Химна на „Нова Македонија“

Венко Андоновски

Пред многаја лета, во земјава света
во Врановци Горно и во време морно
печатница се стори и азбука в миг
и весник се роди со оловен жиг.

А потем колумна и фељтон и вест
„Скопска“, „Култура“ и „Спортска“ за чест
„Колибри“ и ЛИК, на страници шест.
Критика ил фалба, новинарски тест.

Денес сме и ние современ свет
побрзи од молња, Фејсбук, интернет
букет од вести, демократски цвет
со тебе од младост до животен век.
Први сме ние, новинарски дар
Читателу, со нас – биди новинар.
Кога ќе нè купиш ти си како цар
џебот ти е полн, а ние сме без ќар!

РЕФРЕН
„Нова Македонија“, „Нова Македонија“ (Нова, „Нова Македонија“)
ја чека, ја чита – цела нација.
„Нова Македонија“, „Нова Македонија“ (Нова, „Нова Македонија“)
се помни и ечи ко симфонија.

Фото: „Нова Македонија“

Нашата колумна водилка:

Ние сме „Нова Македонија“!

  • Зошто одбравме да бидеме вакви? Затоа што на Македонија ѝ е потребен високопрофесионален весник! Затоа што на Македонија ѝ треба весник во кој низ призмата на професионалноста и принципот на легалитет се штитат националните и државните интереси. Затоа што претставуваме главен противник на опструкциите и поделбите во и на Македонија.
    Затоа што „Нова Македонија“ од основањето до денес докажува дека е весник што е нераскинлив дел од нацијата. Таквиот весник е национално благо. Тоа е вистината!

Почитувани наши, ја чувствувате ли енергијата што сиве овие над осум децении блика од весникот со најдолга традиција во Македонија? Го препознавате ли весникот што во свеста на нацијата го отсликува континуитетот од постанокот на државноста на Македонија до денес? Оној весник, чие битие се совпаѓа со битието на македонскиот народ и идентитет и создадените цивилизациски вредности што нашата нација ги создала и што ќе ги создава во времето што следува? Оној весник чиј карактер создава кохезија на македонскиот народ и на сите оние што живеат во Р Македонија? Почитувани, го чувствувате ли својот весник, каде што вие читателите и јавноста сте основниот двигател, навигатор и коректив на уредувачката политика и негова архитектура?
Да, тоа сме ние, редакцијата на весникот „Нова Македонија“!
Весник во кој почитта кон вистината и правото на јавноста за дознавање на вистината е – првата наша должност! Весник во кој за остварување на таа должност постојано ги браниме принципите на слободата, правото и правдата, со чесно собирање и објавување вести, подготвување теми, анализи, истражувања, авторски колумни. Весник во кој лојалноста кон јавниот интерес и нацијата се тежиштен принцип во работењето. Весник во кој проверката на информациите пред да се објават е императив, како што е и основното правило да се ислуша втората страна и да се биде независен и објективен набљудувач. Весник во кој меѓусебно се храбриме, се бодриме и се мотивираме да издржиме на тој пат без да го изгубиме моралниот компас, почитувајќи го професионалниот кодекс и истовремено сакајќи ја својата татковина.
Да, нашиот весник е достоен носител на вистината и на нашите читатели им ги прави достапни сите информации, бидејќи читателите имаат право да ја знаат вистината. Тоа е света задача во демократското општество, бидејќи дневните весници се „библија на демократијата, единствената книга што мнозинството граѓани ја читаат секој ден“. Така барем веруваше Волтер Липман.
Ние во својата уредувачка политика секојдневно се обидуваме да ја подигаме културата на дијалогот, со амбиција да го артикулираме политичкиот простор и отворени сме кон сите политички опции. Нашиот весник инспирира творечки, креативен и спортски дух, според востановени правила, принципи и стандарди. „Нова Македонија“ се залага за владеење на правото, за човековите права и слободи, за достоен живот и почит меѓу луѓето.
Зошто одбравме да бидеме вакви?
Затоа што на Македонија ѝ е потребен високопрофесионален весник!
Затоа што на Македонија ѝ треба весник во кој низ призмата на професионалноста и принципот на легалитет се штитат националните и државните интереси. Затоа што претставуваме главен противник на опструкциите и поделбите во и на Македонија.
Затоа што „Нова Македонија“ од основањето до денес докажува дека е весник што е нераскинлив дел од нацијата. Таквиот весник е национално благо. Тоа е вистината!
Затоа што на Македонија ѝ треба медиум во кој секој може да полемизира со секого, каде што политичките разлики не се пречка за дијалогот. И дека токму во тие различности е богатството, чија резултанта ги ползува позитивните елементи од двете страни, во интерес на заедничкиот просперитет.
Затоа што на Македонија ѝ треба и патриотски весник, кој не ја избегнува острината ниту кон големите центри на моќ, а истовремено е отворен и за противниците и за нивните поддржувачи.
Затоа што на Македонија ѝ е потребен весник во кој има простор за зачувување на нашата посебност, по која се изделуваме и се разликуваме од соседите, и има место и за таков судир со домашни и странски политичари што имаат различно мислење по таа основа каков што многумина вистински интелектуалци би поддржале.
Ете, затоа непоколебливо чекориме по тој пат. Токму тој повеќедецениски пат нè води кон идеалот кон кој „Нова Македонија“ и денес, во новите околности, тежнее.
Ете, затоа секој читател што ќе го купи нашиот весник или ќе го прочита нашиот портал, има право да биде строг спрема новинарите и уредниците што денес ја прават „Нова Македонија“ доколку не го исполнуваат ова. Бидејќи преку традицијата, со професионалноста, со чесноста и посветеноста, ние го подигнавме професионалното скалило високо. Навистина многу високо. Продолжуваме понатаму, заедно со ВАС.

Ваша „Нова Македонија“