Фото: МИА

Писателите за денот на простувањето

Прочка е голем верски празник. На тој ден се собиравме сите дома и си ги простувавме грешките што во текот на годината не сакајќи сме ги направиле.
Кога дојде Прочка, се собравме вечерта сите дома и баба ми ни рече:
– Ајде сега да се простиме!
Потоа застана пред дедо ми.
– Прости ми, мажу, ако нешто сум ти згрешила! – му рече таа.
– Простено ти е жено, но јас колку што знам никогаш во животот не си ми згрешила! – ѝ рече дедо ми.
Баба ми седна до дедо ми и кај нив дојдоа да се простат татко ми и мајка ми.
– Простете ни сакани родители ако и ние сме ви згрешиле!
– Простено ви е! – рекоа во еден глас дедо ми и баба ми.
Сега ни дојде редот и ние да се простиме. Отидоа прво постариот брат и сестра, а потоа и ние помладите. Кога ми дојде редот, застанав пред дедо ми, баба ми, мајка ми и братот и сестрата и им реков:
– И мене простете ми ве молам! – и почнав да им ги бакнувам рацете. Сите ми дадоа по една паричка.
Кога завршивме со простувањето, седнавме околу софрата на богата вечера. По вечерата татко ми зеде едно варено излупено јајце, го врза со долг конец и почна да го ламка пред нас.
– Ајде сега да видиме кој од вас ќе биде најсреќен. Оној што ќе го лапне јајцето со уста без да го фати со раце, тој ќе биде најсреќен – ни рече. Потоа почна да ни го ниша јајцето пред устите.
– Уф! За малку ќе го лапнев! – рече постариот брат.
– И јас! – рече постарата сестра.
Кога се доближи јајцето до мојата уста, јас го лапнав.
– Браво! Ти ќе бидеш најсреќен оваа година! – ми рекоа сите.
– А јас? – почна да плаче помалиот брат.
– И ти ќе бидеш среќен! – му рече дедо ми, отвори ја устата.
Брат ми ја отвори устата и дедо ми му стави варено јајце.
Сите се насмеавме.
Потоа дедо ми ја зеде гајдата и почна да свири. Ние почнавме да пееме и да играме. Потоа отидовме на големиот оган надвор…
Така ја прославивме Прочка. На тој ден сите си ги простивме грешките и си ја прочистивме душата.

Пени Трпковски (Од книгата „Приказни од Саракиново“)


Еден ден сѐ да исправиме!

Не се сите празници
денеска измислени.
Па – не се работи. И точка.

Ги имаме со векови,
од колено на колено,
Таков е и – Прочка.

Луѓето се
сретнуваат,
сенешто меѓу себе
си простуваат,
се извинуваат.

Не се ова смешки.
Откога има луѓе,
има и расправии и грешки.

За нива, за меѓа,
за патче.
Кај децата – „Не лути се човече“.
Да не редиме
повеќе.

Сфатиле.
Смислиле празник,
порака испратиле:
– Без разбирање ништо не правиме.
Еве ден – сѐ да исправиме!

И вака:
Нашите сретсело,
сите во руба подновена.
Рамо до рамо сложено
со гајда благословена

А ти.
Еве ти шанса.
За некое фудбалско промашување,
замоли ги другарите
за извинување.

Околу тебе велат:
– Ова ќе ти важи
година цела.

Васил Мукаетов (Од книгата „Има ли и страна петта“?)


За грешките направени мора да простуваме

Прости мамо, тогаш погрешив
избегав од час –
и ти реков: „Ај престани!“
со повишен глас.

Ако можеш и ти, дедо,
да ми простиш сега –
уште жалам за грешките
срце ми се стега.

Криво ми е уште бабо,
што истурив тава,
и побегнав од куќата,
без да свртам глава.

Да ми простиш и ти, тато,
ако нешто погрешив,
од денеска ќе бидам чесен
конечно сам решив.

Денеска е Прочка
сите ја чувствуваме,
за грешките направени
мора да простуваме.

Стојан Арсиќ (Од книгата „Раскрилени пораки“)