Екокатче за родителите: Децата и заштитата на животната средина
Прво нешто што помислуваме кога ќе запролети е заштитата на животната средина. Со почетокот на убавите денови се буди и потребата од чиста и средена околина. Секаде околу нас може да се забележат луѓе како чистат, садат цвеќиња, ја косат тревата. Но кога ќе погледнеме малку подолго, ќе видиме дека ретко кој од нив ќесите од земјата за во саксиите ги фрла во канта за отпадоци, речиси никој не прави свој хумус, малите пластични саксии се расфрлаат насекаде.
Она што прво ми паѓа на ум е дека екологијата не е само чистење и садење цвеќиња. Зошто да не размислиме малку подлабоко што правиме ние за заштита на животната средина. Дали го селектираме отпадот, купуваме ли пластична амбалажа и ќеси, затоплуваме или ладиме со клима, во огнот се гори секакво ѓубре, се возиме ли со автомобил и на кратки релации? Кога на сите овие прашања ќе дадеме искрени одговори, тогаш ќе знаеме како да ги воспитуваме децата и да ги учиме да ја заштитуваат животната средина. Еколошкото воспитание е важно за иднината на сите нас. И тоа е она што прво треба да им се каже на децата. Природата сака генерации што водат грижа за неа.
Точно е дека на децата треба да им се укаже дека ѓубрето не се фрла по улица, оти тревата не се гази и не се пали оган во планина. Но кој родител од мали нозе ги учи децата дека возилата го загадуваат воздухот и дека треба да се користи јавен превоз, оти фреонот од клима-уредите придонесува за зголемување на озонската дупка, дека постојат климатски промени за кои сите ние сме виновни, дека треба да ги исфрлиме фосилните горива и да почнеме да користиме друг вид енергија, да ја штедиме водата затоа што навистина ќе ни треба?
Се разбира, тоа го прават навистина малку родители. А целата едукација треба да почне од најмалите. Тогаш животната средина ќе биде почиста.
Засега се задржуваме само на садење цвеќиња, чистење ѓубре, собирање пластични шишиња за рециклирање, без да се размисли дека мотивирањето за купување пластика е лошо. Па, нели тој што не купува сок или вода во пластични шишиња е поголем заштитник на животната средина. Она на што треба да ги учиме децата е што помалку да се купува пластика или гума. Треба да им се укаже дека штетата од нив е многу поголема затоа што пластиката почнува да скапува дури по сто години во земјата.
Последиците што ѝ ги нанесуваме на природата се големи, па затоа да почнеме да се грижиме за неа и едукацијата да ја дополнуваме чекор по чекор. Од чистење, садење, селектирање отпад, штедење вода, па до намалување на загадувањето. Да се обидеме секој ден да водиме грижа за природата, а не само на Денот на пролетта, Денот на планетата Земја или во месецот на екологијата. Природата е насекаде околу нас и постојано ѝ треба нега.
М-р Катерина Спасовска Трпковска