Задача на верската дипломатија, за која неодамна пишуваше „Нова Македонија“, е да ја пренесе и оваа порака, дека Македонија е светски пример како верата, културите и цивилизациите можат да живеат во слога и хармонија и покрај сите разлики. Уште повеќе, задача на верската дипломатија е да образложи зошто со децении ничие право во државата не било ускратено, без оглед на неговата верска, етничка или каква било друга припадност, па затоа ниту правото на сопствен идентитет, јазик, историја и култура никому не треба да му биде ускратувано
Повод: Заедничката декларација против насилниот екстремизам потпишана од сите верски лидери во државава
Во време кога светот се соочува со геостратегиски превирања од колосални димензии и кога повеќе од јасно станува дека по осум децении од крајот на Втората светска војна се воспоставува нов светски поредок, кохезијата внатре во секое општество е повеќе од круцијална за да може секоја држава полесно да се справува со идните предизвици.
Задача на политичките елити е да се борат земјата што подобро да ја позиционираат во однос на новите прераспределби на силите, се разбира во согласност со нејзините национални интереси. Задача на економијата е да се приспособи на новите економски текови и така да го структурира производството, наоѓајќи нови пазари, нови технологии и дополнително проширувајќи ги и надградувајќи постојните трговски конекции.
Во повеќеконфесиско општество како што е македонското, впрочем и какво што било со векови, задача на верските лидери е да работат на воспоставување уште посилни кохезивни врски меѓу припадниците на сите верски заедници што живеат во земјава, во интерес на општествената благосостојба, но и во насока на испраќање јасна порака до светот дека кога меѓуверската хармонија може да функционира според македонскиот пример, таа може да функционира и секаде во светот.
Задача на верската дипломатија, за која неодамна пишуваше „Нова Македонија“, е да ја пренесе и оваа порака, дека Македонија е светски пример како верата, културите и цивилизациите можат да живеат во слога и хармонија и покрај сите разлики. Уште повеќе, задача на верската дипломатија е да образложи зошто со децении ничие право во државата не било ускратено, без оглед на неговата верска, етничка или каква било друга припадност, па затоа ниту правото на сопствен идентитет, јазик, историја и култура никому не треба да му биде ускратувано.
Декларацијата против насилниот екстремизам е цивилизиран одговор на новите предизвици
Неодамна во Скопје поглаварите на сите верски заедници што се наведени во македонскиот Устав потпишаа Декларација против насилен екстремизам.
Во име на МПЦ-ОА, декларацијата ја потпиша архиепископот г.г. Стефан, потоа реисот на Исламската верска заедница Шаќир еф. Фетаху, од страна на Католичката црква потписник е скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, потпис ставија и суперинтендентот на Евангелско-методистичката црква Марјан Димов, претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви, како и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Оливера Трајковска и директорот на МЦМС, Александар Кржаловски.
– Ние, потписниците на оваа декларација, верски лидери и претставници на признатите верски заедници во Република С. Македонија, собрани во духот на заемна почит и водени од чувството за заедничка одговорност, свесни за нашата улога за зачувувањето на општествениот мир, согласни сме со оваа декларација како израз на заедничка определба за градење достоинствен соживот и отпорност против насилниот екстремизам. Свесни дека Република С. Македонија е заеднички дом на различни народи, култури и верувања, како и дека соживотот е вредност што постојано мора да се негува и штити. Соочени со злоупотребата на верата како изговор за поделби и насилство, со сѐ почести форми на говор на омраза и процеси на радикализација што водат до насилство и насилен екстремизам, со дезинформации, идеолошки наративи и пропаганда, што ја искривуваат суштината на верата и поттикнуваат недоверба – пишува меѓу другото во декларацијата.
Понатаму уште се осудува насилниот екстремизам во сите негови облици, со повик преку верата да се прокламираат мир и соживот.
– Ги осудуваме насилниот екстремизам и сите облици на насилство без оглед на нивниот извор, облик или мотив. Верата е повик на мир, а не на омраза, на дијалог, а не на осуда. Ги повикуваме верниците од нашите заедници и сите наши сограѓани да ги негуваат вредностите на меѓусебно почитување, дијалог и разбирање, кои се темел за заеднички живот и на градење општество отпорно на омраза, поделба и насилен екстремизам. Се обврзуваме да придонесуваме за одговорноста на заедниците особено кај младите и ранливите групи преку пренесување и зацврстување на духовните и моралните вредности што произлегуваат од нашите свети учења и се спротивставуваат на насилство, омраза и искривување на верата – се наведува во декларацијата.
Декларацијата е иницијатива на Македонскиот центар за меѓународна соработка и на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, во соработка со верските заедници наведени во Уставот.
Верската дипломатија да ја промовира и лансира декларацијата на светско ниво
Несомнено со потпишувањето на декларацијата сите верски лидери во земјава со личен пример покажаа како преку верата се гради кохезија во македонското општество, откако политиката не успеа во доволна мера да ги сплоти граѓаните.
Содржината на оваа декларација не смее никако да остане врамена само во македонски рамки, туку преку верската дипломатија нејзината порака треба да се испрати до сите големи верски центри во светот, почнувајќи од Рим, Ерусалим, Истанбул, Москва, со цел Македонија да се прикаже како држава каде што верскиот соживот е вековна традиција, во која битисува нација што е духовно синхронизирана со универзалните и човечки вредности, кои подразбираат чесност, меѓусебно почитување, помагање, мир, соживот, просперитет и сите оние основни вредности што денес сѐ помалку го има во светот.
Поентата што македонската верска дипломатија треба да ја постигне е да покаже дека ако Македонија како мала држава успева на мал простор да хармонизира толку многу различности, тогаш заслужува да не биде предмет на постојани уцени, ултиматуми и напади врз идентитетот на македонскиот народ, на името на државата, на црквата, па дури и да се соочува со територијални претензии.
Пораката што верските лидери сплотени ја испратија е дека верниците од сите конфесии ја чувствуваат Македонија за свој дом, никој не се почувствувал загрозено или маргинализирано, ничии права ниту биле ускратени, ниту, пак, некој ќе им ги ускратува, туку дека сите сакаат мирна и просперитетна земја онаква каква што ја граделе многу минати генерации. Тоа е македонското заедничко духовно и културно наследство, така што земја што негува вакви високи цивилизациски духовни дострели не заслужува да биде предмет на поигрувања со нејзината иднина.
– Верската дипломатија мора да го користи аргументот на духовната кохезија помеѓу различните верски заедници што постои во земјава. Тоа е нашиот патент што треба да го користиме во меѓународните односи и во сите моќни светски центри да го истакнуваме како позитивен пример што другите треба да го следат. Ниту Преспанскиот договор ниту Бадентер не се примери од кои некој треба да учи и да се фалиме со нив, туку нашиот автохтон адут се верската кохезија и толеранцијата меѓу сите заедници. Тоа е нашиот успешен модел со кој треба да ја промовираме нашата земја насекаде, а тоа да го користиме како доказ дека различностите функционираат само кога се базирани врз заемна почит и разбирање. Европската почит на различностите е обична флоскула бидејќи излегува дека различностите не се прифаќаат ако не се во согласност со погледите на некои земји членки. Тоа е обично лицемерство и ништо повеќе. Како и да е, Декларацијата против насилен екстремизам мора дипломатски да ја промовираме во светски рамки, а со тоа и Македонија да ја истакнуваме како пример за држава што се залага за мир, соработка или, едноставно кажано, за враќање на светот кон постулатите на Обединетите нации и вистинските човечки и духовни вредности. Тоа во овој нов свет што се воспоставува ќе биде повеќе од потребно – порачуваат познавачите на состојбите.