Аристотел и неговиот ученик Александар

Извадок од книгата „Беше си биле… Приказни за Македон и Македонците“ на Ангелина Маркус

Во тоа лето во Пела во царските палати на Македонците под силни небески огнови се родил Александар, миленикот на боговите, на царевите, на фалангата, македонскиот народ, а подоцна станал миленик на целиот свет. Тоа дете растело за среќа на сите како ремек-дело на човечко суштество, за да стане најславниот човек што го дал човечкиот род.
Тоа дете имало од кого да учи, да научи и да знае сè за светот и човекот. Го опкружувале традициите на предците, на долга листа наследни царства, војни, историја, искуствата опишани во „Илијадата“. Така спиел, растел, сонувал и го освојувал светот Александар со своите врсници, царски другари, генерација. Тоа беа: Клито, Неарх, Птоломеј, Хефестион, Филота, школите, учителите, филозофите, уметниците и најмногу од сè строгата личност на Аристотел, сите заедно влијаеле на младиот принц. Сепак Александар во душата бил дете како и секое друго. Тоа се потврдило оној ден на стадионот во Пела кога се сретнале Александар и Букефал и од тогаш станале најславен коњаник и најславен коњ до денешните дни.
Своеглавоста и нескротливата сила на Букефал силно го одушевиле Александра. Коњот не се предавал, се пропињал на двете нозе, клоцал, ’ржел и ги соборувал на земја сите јавачи што му се доближувале. Филип се договарал за судбината на коњот: да се погуби или да се проба да му се скрши силата со изгладнување. Кога коњот бил затворен без вода и храна, Александар се искрал и тргнал на запознавање на таа грдосија од снага на коњот. Се соочил со него. Дванаесетгодишното дете со своето мало раче му дало трева, го заранило и коњот го прифатил со топлиот здив, Александар се испотил, си ја размениле топлина. Секој ден коњот ги чулел ушите, ги ширел ноздрите, ја тресел гривата и гребел со нозете. Александар му подавал во едната дланка трева, во другата вода. Се стекнале со меѓусебна доверба. Генералите на Филип Втори се плашеле за своите глави, да не му се случи нешто на принцот од тој див коњ.
На стадионот се повторувала здивената сцена. Букефал рипал и на својата сопствена сенка. Никој не можел да му се доближи, а кога сите се откажале, Александар го замолил Филипа да дозвола и тој да се проба. Кога коњот го намирисал рачето што тајно го хранело, се смирил и му дозволил да го грабне за гривата, да го сврти спроти сонцето, да го јавне и да прелета низ полето. Сè замрело во исчекување, а на крајот Филип прозборел: Сине, Македонија е мала земја за тебе, со таков коњ тебе ти припаѓа светот. И така бидна. Александар јавнат на Букефал, на чело на фалангата, прелета преку сите битки, создавајќи нови патишта и градови низ целиот свет. Херонеја, Теба, Граник, Ис, Гавгамела, Тир, Мемфис, планините на Хинду Куш, Памир, реката Хидасп во Индија и назад до Вавилон. Букефал го носел Александра на своите плеќи со споменот на детската дланка што го хранела. Александар, Букефал и Македонија… беше си биле и останале најсветли настани за сите Македонци.


Александар Трети Македонски или Александар Велики е роден во Пела, на 21 јули 356, а умрел во Вавилон, на 11 јуни 323 г. пр. н.е. Тој е античко-македонски крал од династијата Аргеади, син на Филип Втори Македонски и Олимпија, ќерка на молоскиот владетел Неоптолем. Римјаните му го дале прекарот Велик (Magnus). Бил воспитуван во духот на македонската аристократска традиција. На тринаесетгодишна возраст бил подучуван од филозофот Аристотел во неговото училиште во тогашниот град Миеза наречено Миески нимфеј, западно од денешното село Копаново, Негушко. Неговото образование ги опфаќало: поезијата, астрономијата, геометријата, реториката, натпреварите во гимнастички вежби, јавањето и ловот. На шеснаесетгодишна возраст, Филип му го доверил управувањето над Македонија, додека тој бил во поход против Византион


За авторката

Ангелина Маркус е родена во селото Тополчани, крај Прилеп, во 1932 година, а почина на 23 април 2022 година, во Скопје, на 90-годишна возраст. Работниот век го поминала како професорка по филозофија, а по пензионирањето во 1990 година им се посветила на пишувањето и на истражувањата за древните вредности на Македонија, но создала и неколку книги за деца.
Објавила повеќе дела, меѓу кои се „По трагите на славните Македонци“, „Македонски древни вредности“ 1 и 2, „Поеми за македонските цареви“, „Македонската древна медицина“, „Ксантика – древно македонско празнување“, „Исхраната на древните Македонци“, „Алкомена, древен град во Пелагонија“, „Беше си биле“ – „Приказни за Македон и Македонците“, „Поеми за македонските цареви“ и други.
Ангелина Маркус ѝ беше сестра на поетесата Евгенија Шуплинова, идеен творец и долгогодишна уредничка на додатокот за деца „Колибри“.