Илустрација: „Нова Македонија“

Историски извештај за претстојните реформи на ЕУ: За запирање на економскиот пад и за перспективите на развој на Унијата

Европа мора да инвестира двојно повеќе отколку во обновата по Втората светска војна, да дозволи спојување на повеќе технолошки и телекомуникациски компании, како и да преземе драстични мерки за трошоците за одбрана, според препораките на Марио Драги. Во историскиот извештај за тоа како да се запре економскиот пад на континентот, поранешниот претседател на Европската централна банка (ЕЦБ) истакна дека Европа треба да инвестира дополнителни 800 милијарди евра годишно за да се извлече од состојбата на ниска продуктивност и слаб раст што ја става зад САД и Кина во меѓународниот поредок. Тој нагласи дека станува збор за егзистенцијален предизвик

Поранешниот италијански премиер Марио Драги беше поздравен како спасител на еврозоната за време на должничката криза, кога беше претседател на Европската централна банка (ЕЦБ), но сега тој се соочува и со поголем предизвик – како да се запре економскиот пад на Стариот Континент, за значително да се подобри позицијата на Европа на глобалната сцена. Токму затоа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред околу една година побара од Драги да напише извештај за перспективите на конкурентноста на Европската Унија што опфаќа повеќе полиња, а чија реализација се смета за тешко остварлива, според известувањето во светските медиуми.
Европа мора да инвестира двојно повеќе отколку во обновата по Втората светска војна, да дозволи спојување на повеќе технолошки и телекомуникациски компании и да преземе драстични мерки за трошоците за одбрана, според препораките на Драги. Во историскиот извештај поранешниот претседател на Европската централна банка истакна дека Европа треба да инвестира дополнителни 800 милијарди евра годишно за да се извлече од состојбата на ниска продуктивност и слаб раст што ја става зад САД и Кина во меѓународниот поредок. Тој нагласи дека станува збор за „егзистенцијален предизвик“.

Додека европскиот блок се подготвува за следните пет години под новоформираната Европска комисија, извештајот на Драги на 400 страници треба да претставува водилка за работата за Урсула фон дер Лајен и нејзиниот обновен тим. За реализација на многу од неговите препораки ќе биде потребна согласност од сите 27 влади во Унијата, што може да се покаже неостварливо. И тоа се случува кога ЕУ е потресена од сили што прават радикалните промени да изгледаат навидум невозможно.
– Во нејзините две најголеми земји, изнемоштениот германски канцелар Олаф Шолц претседава со економијата што е на колена, а Франција, оптоварена со огромниот јавен долг, има нов парламент, расцепен меѓу спротивставени крајности – наведува европското издание на магазинот „Политико“.

Марио Драги и Урсула фон дер Лајен при претставувањето на извештајот за ЕУ – Фото: ЕПА

Нема друга опција освен драстични реформи

Драги, кој е заслужен за спасот на еврозоната во екот на грчката должничка криза во 2011 година, рече дека нема друга опција освен да се протуркаат драстичните реформи.
– Треба да ја напуштиме илузијата дека само одолжувањето може да го зачува консензусот. Дојдовме до точка каде што, без акција, ќе мораме да ја компромитираме нашата благосостојба, нашата животна средина или нашата слобода – рече Драги.

Во срцевината на извештајот на Драги е барањето за масивни приватни и јавни инвестиции, какви што не се забележани во Европа уште од 60-тите и 70-тите години на минатиот век. Зголемувањето на инвестициите би било „без преседан“, според Италијанецот.
– Ако Европа не може да стане попродуктивна, ќе бидеме принудени да избереме. Нема да можеме да станеме лидер во новите технологии, светилник на одговорноста за климата и независен играч на светската сцена. Нема да бидеме во можност да го финансираме нашиот општествен модел, ќе мора да намалиме некои, ако не и сите, од нашите амбиции – категоричен е врвниот технократ.

Извештајот се залага за промени во правилата за конкуренција, со што некои договори на полето на технологијата и одбраната би можеле полесно да добиваат одобрение од ЕУ. Телекомите треба да се соочат со полесна регулатива и да им се помогне да постигнат напредок со дефинирање на пазарот низ ЕУ. При регулирање на спојувањата на компаниите треба да се земат предвид и „иновативниот дел“ и економската безбедност. Таквата состојба би била значително различна од одлуката на Комисијата во 2019 година за блокирање на спојувањето на производителите на возови, германски „Сименс“ и француски „Алстом“, што би создало европски шампион и лидер на глобалниот пазар на тоа поле.

Драги се залага за ЕУ да усвои нов заеднички долг за финансирање на нејзините индустриски и одбранбени потреби, на што се противат неколку влади, а што веќе се чинеше дека го стави во судир со Фон дер Лајен кога двајцата се појавија на прес-конференција во Брисел. Тој призна дека темата е „многу чувствителна“.

Но се чини дека се зголемува согласноста за потребата од реформирање на буџетот на ЕУ од 1,2 трилион евра, пренасочувајќи ги средствата од посиромашните региони во Европа кон индустриски и иновативни политики, како и кон дигитализацијата. Ова ќе ги усогласи замислите на Драги со плановите што Комисијата веќе ги поставува и на кои позитивно се гледа во Берлин.

Драги истакна дека целта на Европа за намалување на емисиите на стакленички гасови на нула до средината на векот му нуди на блокот шанса да создава и извезува чисти технологии низ целиот свет. И тој ја гледа вештачката интелигенција како можност за Европа „да ги поправи своите пропусти во иновативноста и продуктивноста и да го врати својот производствен потенцијал“. Тој повика вештачката интелигенција да се интегрира „во постојните индустрии за да можат тие да останат на врвот“.

Во суштината на економските проблеми на Европа, се тврди во извештајот, е цената на енергијата за индустријата, која во моментов е принудена да плаќа 158 отсто повеќе за електрична енергија отколку што е случај во САД и 345 отсто повеќе за природен гас. ЕУ нема да може да обезбеди доволно бакар, литиум и други суровини ако не ја имитира моќната вертикална интеграција на Кина од рударството до транспортот, имплицираше Драги во своите препораки за наоѓање метали потребни за дигитална и енергетска транзиција.
– Фармацевтскиот сектор на Европа заостанува во однос на САД поради ниските инвестиции и несоодветните регулативи – наведе Драги.

Американскиот приватен сектор троши 0,45 отсто од БДП за фармаколошки истражувања во споредба со 0,11 отсто во ЕУ. САД се исто така многу побрзи во добивањето одобрение за нови лекови, со средно време на одобрување од 334 дена во споредба со 430 дена во Европа.

Драги гледа лекции што треба да се извлечат од истражувачките центри како што е Калифорнија. Тој вели дека ЕУ треба да го фокусира финансирањето на развој на ограничен број „иновациски центри од светска класа“, фокусирани на напредни терапии засновани на гени, клетки или ткивно инженерство.

Познато е дека имаше претходни обиди да се преиспитаат клучните економски и индустриски структури што ја поткрепуваат ЕУ – последен пат со планот за инвестиции на поранешниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, од 2019 година, како и преку сопствените напори на Драги во 2012 година, за да ја преструктурира тогаш скршената европска економија.

Но ниту еден од тие пристапи не мораше да се бори со товарот на опаѓачката глобализација, растечкиот протекционизам, енергетската транзиција и зголеменото отфрлање на старите норми на слободниот пазар. Згора, сето ова се случува додека финансиските пазари стануваат подготвени да размислуваат за нов мултиполарен поредок. Р.С.


„Бриселскиот проект Менхетн“ создаден во тајност, во тесен круг на креатори на политики и економски експерти

Извештајот на Драги е сличен со големото преструктурирање во духот на перестројката од советската ера или на Њу дил на Америка од 1930-тите години, со што станува јасно дека не е само уште една бирократска вежба. Бидејќи извештајот беше создаван во тајност, со месеци работа зад затворени врати, зачудувачки е што до денес протече само еден дел од содржината, што се однесува на одбраната, според сознанијата на „Политико“.

Соработувајќи само со неколку креатори на политики и главни економисти од различни директорати, на своевиден „бриселски проект Менхетн“, малиот секретаријат на Драги во Европската комисија не направи доволно напори за да се консултира со пошироките групи на граѓанското општество. Многу такви групи се загрижени поради недостигот од транспарентност и можноста за повратни информации – и што тоа би можело да значи за нивните сектори. Од друга страна, поздравен е директниот стил на обраќање на Драги, кој јасно ги истакнува целите во извештајот. Р.С


Со реформите се бара фаворизирање на европската индустрија за оружје

Фото: ЕПА

Најголемиот дел од трошоците за одбрана на ЕУ оди во САД, така што земјите членки треба да ја фаворизираат сопствената индустрија за оружје на блокот кога купуваат оружје, се посочува во извештајот. Враќањето на трошоците дома, со цел да се зајакне одбраната, е еден од 10-те предлози дадени од Марио Драги.

Многу земји од ЕУ брзо се вооружуваат по војната во Украина, но 78 отсто од 75-те милијарди евра потрошени од членки на ЕУ за одбрана помеѓу јуни 2022 и јуни 2023 година отидоа надвор од блокот, односно 63 отсто отидоа во САД, изјави поранешниот шеф на ЕЦБ.

Купувањето од САД „може да биде оправдано во некои случаи бидејќи ЕУ нема некои производи во својот каталог“, се наведува во извештајот. Но се додава дека „во многу други случаи постои европски еквивалент или, пак, може брзо да биде достапен“.
Додека Европа прави сопствена опрема, како што се млазните ловци „тајфун“ и „рафал“ и главниот борбен тенк „леопард 2 A7+“, многу земји купуваат оружје од странство. На пример, Холандија, Германија, Полска, Романија, Белгија, Данска, Чешка и други планираат да купат стелт-ловец „Ф-35“ од американски „Локхид Мартин“.

Европските компании за оружје исто така имаат тешкотии да го зголемат производството на оружје и муниција за да ја задоволат побарувачката од националните програми, како и да ја снабдуваат Украина.

Драги затоа повика на „суштински механизми за поттикнување“, веројатно поврзани со финансирањето на ЕУ, за да се охрабрат владите да купуваат европски. Еден пристап би можел да биде поврзување на финансирањето со механизмите за критериуми за подобност, како што се веќе поставените во Европскиот одбранбен фонд (ЕДФ) и во предложената програма за европска одбранбена индустрија (ЕДИП).
Извештајот исто така ги повика земјите членки на ЕУ да ги подобрат заедничкото трошење и заедничките набавки, што е обид да се надмине малиот и фрагментиран одбранбен пазар на континентот. Затоа Драги рече дека блокот треба да го зголеми обемот на своите фирми за оружје.

Одбранбената индустрија на блокот исто така треба да добие подобар пристап до финансиите на ЕУ „за да се мобилизира приватен капитал“, рече Драги. На пример, политиките за заеми на Европската инвестициска банка треба да дозволат повеќе од проекти со двојна употреба, а исто така да поддржуваат чисто одбранбени инвестиции. Р.С.