Кристијан го создава своето шоу според своите замисли, адаптирајќи атрактивна програма што ќе ги расположи, насмее и забавува присутните. Тој е автор на своите претстави и, како што вели, особено е горд на тоа што создал оригинална програма каква што не може да се види на друго место
СРЕДБИ: КРИСТИЈАН БЕНИТО, ПРОФЕСИОНАЛЕН ЗАБАВУВАЧ
Децата најмногу од сѐ сакаат да се смеат и да се забавуваат, затоа што низ смеата и играта, тие растат, осознаваат и созреваат. И секако дека ги сакаат оние луѓе што знаат да ги расположат и да им внесат ведрина во детскиот живот. Таквите луѓе се вистински пријатели на децата, а еден од нив е добропознатиот Кристијан Бенито, без кого не можат да се замислат најзабавните детски родендени. Низ денешниот разговор со него, тој ни открива што значи да се биде професионален забавувач за деца и за возрасни, зошто ужива во дружбата со детската публика, а ќе дознаеме и некои интереси случки од неговото богато искуство.
Сѐ започнало кога Кристијан во 2002 година отпатувал на одмор во близината на Сплит, Хрватска, кај неговиот другар Нино.
КОГА ЌЕ ПОРАСНАМ ЌЕ БИДАМ КАКО НИВ
– Тој има куќа во Каштел Штафилиќ, кој се наоѓа близината на Сплит. Отидов таму и со баба му и дедо му на Нико поминавме еден месец. Често бевме во центарот на Сплит, под палмите на кејот. Таму првпат видов жонглери што работеа на улица. Многу ми беа специфични. Паметам како да беше вчера, беа четворица, две женски и две машки, тројца удираа по џембиња, а еден вртеше со оган. Потоа се менуваа. Всушност, сите тропаа и сите жонглираа. Не знаев од каде се, не знаев како го научиле тоа, но знаев дека кога ќе пораснам сакам да бидам како нив – раскажува Кристијан.
За да се биде забавувач не постои ниту школа ниту курс, а нема ни литература, но затоа доколку нешто навистина се сака, со работа, истражување и посветеност се доаѓа до резултатите… Интересно, можеби и чудно ќе речете, но Кристијан вештината на забавувањето ја споредува со вештината на пишувањето… Па и пишувањето е игра со зборови, зарем не?
– Големиот американски писател Ернест Хемингвеј одамна има изјавено дека пишувањето е и занает и уметност. Мислам дека истата дефиниција може да се искористи и за правењето претстави. Школа нема, нема ниту курс. Јас на еден начин сум самоук. Сум учел од видеолекции, од американски забавувачи, но никој не застанал до мене да ми покаже како треба да се прави. Немам ментор. Затоа и велам дека сум самоук. Сам го испеков занаетот, никој не ми го даде. Бидејќи, по правило, занает се дава. Тој е како олимписки оган, се пренесува од рака на рака – вели Кристијан.
Треба да се стекне вештина, но, според него, кондицијата мора да се одржува и да се биде психички и физички подготвен.
– Трчам, скокам на јаже и одам на бокс, со татко ми. Тој е стар боксер и боксот ни е фамилијарен спорт. А, на крајот од краиштата, и самото жонглирање е спорт. Една од дефинициите за жонглирањето е токму тоа: креативен спорт -објаснува Кристијан Бенито.
ЗАБАВА ЗА СЕКОГО
– Во текот на денот слушам музика и вежбам. Кога не го правам тоа, читам или пишувам. А често читам литература за деца како: „Јан Бибијан“, „Повик од дивината“, „Старецот и морето“, „Малиот принц“… Тоа се книги за деца што ги напишале возрасни. А во секоја животна доба, различно ги доживуваме. И токму во тоа е убавината. Слично е и со моите претстави, луѓето од различна животна доба ги доживуваат на свој начин – ни раскажа Кристијан.
Тој дополни дека претставите за децата се интересни и за возрасните, бидејќи хуморот и вештините што ги прикажува ги адаптира на конкретните моменти и затоа се интересни за сите возрасни категории.
Кристијан го создава своето шоу според своите замисли, адаптирајќи атрактивна програма што ќе ги расположи, насмее и забавува присутните. Тој е автор на своите претстави и, како што вели, особено е горд на тоа што создал оригинална програма, каква што не може да се види на друго место.
За да се биде добар забавувач е потребен склоп на повеќе вештини и знаења.
– Еден забавувач треба да поседува харизма, да владее со разни вештини, да има смисла за хумор, да е оригинален и речит. Некои од наведениве особини се вродени, а другите треба да се стекнат. Во секој случај, оваа работа бара многу труд и посветеност – раскажува Кристијан.
За Кристијан секоја негова претстава е добра и посебна на свој начин.
– Секоја претстава е смешна на свој начин. Ако издвојам една, ќе ги запоставам другите, а не сакам да го направам тоа. Затоа не би издвоил ниедна. Само би рекол: ангажирајте го Кристијан Бенито, да доживеете многу смешни анегдоти (се смее) – нагласува Кристијан.
ПЛАСТЕЛИН НАМЕСТО ТЕЛЕФОН
Кристијан вели дека не е случајно што еден школски час трае 45 минути, исто колку што трае и едно полувреме во фудбал. Во неговото 45-минутно шоу има жонглирање, балансирање, акробации, магии и интеракција зачинета со хумор. Но тој веќе забележува дека екранизацијата си го зема данокот и дека децата имаат сѐ помала концентрација.
– Со жалење ќе констатирам дека како другите занаети така, на еден начин, и овој занает е во изумирање. Екранизацијата го зема данокот. Пред петнаесетина години, кога почнував да настапувам, денешниве уреди практично не постоеја. А децата имаа концентрација и бараа уште да гледаат. Четириесет и пет минути им беа малку. Сега понекогаш имам впечаток дека и половина час им е многу. Поголемиот дел од колегите во државава уште пред неколку години ги скратија претставите на 30 минути. Но не се даваме, се трудиме – констатира Кристијан Бенито.
Тој испраќа порака до родителите да го намалат времетраењето на изложеноста на децата пред екраните и, наместо телефон, да им дадат пластелин.
– Денешниве деца, за жал, не знаат што е пластелин! А ние израснавме со пластелин, со тесто и со кал. Тоа е архаичен метод, пренесуван од колено на колено. Така го вежбавме осетот на прстите. Така стекнувавме креативност. И што е најважно, не ни беше досадно – порачува нашиот соговорник, професионалниот забавувач Кристијан Бенито.