Надица Нане, наставничка по влашки јазик во крушевското училиште „Никола Карев“, ја режираше претставата, чиј текст го адаптираше наставникот Ставре Шоке, а сценографијата ја подготви наставникот Емил Солески. Улогите ги толкуваа учениците Ивана Колчакоска, Илија Христоски, Талија Хасаноска, Марија Котеска, Борис Николоски и Анастасија Дуза. Музички точки во претставата имаа учениците Цветанче Стојческа и Верица Јанкулоска

Во Крушево

Во Крушево минатиот викенд, на голема радост на дечињата и на љубителите на културата, се одигра претставата за деца „Јованче и Марика“ на влашки јазик. Според наставникот Ставре Шоке, кој направи адаптација на претставата, ова е прва изведба на претстава на влашки јазик во Крушево, откако влашкиот јазик се изучува во рамките на наставата од 1994 година. Екипата на „Колибри“ беше присутна на овој настан, па ќе се потрудиме низ текст, изјави и фотографии да ви ја пренесеме убавата креативна атмосфера.
Организатори на ова културно случување се домот на културата „Наум Наумовски-Борче“ од Крушево и наставниците по влашки јазик Надица Нане и Ставре Шоке, а ја изведоа учениците од ООУ „Никола Карев“ и од СОУ „Наум Наумовски-Борче“.

ДОБРА МЕЃУСЕБНА СОРАБОТКА

В.д. директорката на домот на културата Пандора Стеваноска не го криеше задоволството поради успешната изведба на децата, но и поради големиот интерес од страна на публиката.
– Со оглед на тоа дека Крушево е тријазична општина, оваа претстава предизвика голем интерес кај нашите сограѓани. Соработката со учениците и наставничкиот колегиум на основното и средното училиште е секогаш на највисоко ниво. Преку разни едукативни работилници, одржување поетски читања, организирање уметнички изложби и музички концерти ја промовираме културата, а најмногу за тоа се интересираат младите. И во иднина ќе се трудиме да соработуваме со нашите ученици и со нивните ментори и ќе организираме голем број културни настани со цел што повеќе да ја покажеме нашата соработка со етничките заедници во нашата општина – изјави директорката Стеваноска.
Надица Нане, наставничка по влашки јазик во крушевското училиште „Никола Карев“, ја режираше претставата, чиј текст го адаптираше наставникот Ставре Шоке, а сценографијата ја подготви наставникот Емил Солески. Според наставничката Надица Нане, на претставата ѝ претходеле разговор со учениците и аудиција на која биле избрани младите актери што ќе ги толкуваат улогите.

– Пробите се одвиваа добро и интересно, секоја нова средба беше збогатена со нова идеја, а на крајот сѐ се заокружи со прекрасна детска претстава на влашки јазик, која е проткаена со многу љубов и емоции, не само кон актерскиот предизвик туку и кон влашкиот јазик – раскажа наставничката Нане.

ПОСТОИ ЖЕЛБА ЗА ИЗУЧУВАЊЕ НА ВЛАШКИОТ ЈАЗИК

Улогите ги толкуваа учениците Ивана Колчакоска, Илија Христоски, Талија Хасаноска, Марија Котеска, Борис Николоски и Анастасија Дуза. Музички точки во претставата имаа учениците Цветанче Стојческа и Верица Јанкулоска.
И секако, овој приказ на настанот не би бил целосен доколку не ги слушневме впечатоците на дечињата што учествуваа во претставата, но и на посетителите на настанот.
– Во оваа претстава јас ја имав улогата на раскажувач. Кога почнавме со подготовките ни беше малку напорно, но со текот на времето стануваше сѐ полесно и полесно – ни рече Ивана Колчакоска.
Марија Котеска ја играше вештерката.
– Имав малку тешкотии во однос на совладувањето на влашкиот јазик, но наставниците по влашки многу ни помогнаа. За костимот ми помогна наставникот Емил, кој ја направи и костимографијата за нашата претстава – вели таа.
Ученикот Илија Христоски ни кажа дека многу уживал во пробите и оти сите заедно се добра екипа, која не се расправа, добро се познаваат меѓу себе и брзо ги надминуваат проблемите.
Борис Николоски, пак, ни рече дека немал никаква трема, бидејќи заедно со своите ученици честопати се на сцена, изведувајќи претстави но и гостувајќи на телевизија.
Спасиче Николовска, родител, вели дека е многу задоволна од она што го видела на сцената.
– Воодушевена сум од денешниот настап на нашите деца. Јас сум Влаинка по мајка и мајка ми на моето дете му зборува влашки, а син ми Борис сака да го изучува јазикот затоа што неговите наставници по влашки се многу заангажирани и посветени. Постојано се вклучени во проекти за изучување на влашкиот јазик, култура и традиција – вели Спасиче.
Веќе е договорено претставата „Јованче и Марика“ на влашки јазик да биде одиграна и во Штип, Битола и во Скопје.
Проектот е поддржан од Министерство за култура и од Општина Крушево.