Вечерва, од 20 часот, во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп премиерно ќе биде изведена претставата „По име Господин“, по текст од Филип Леле, во режија на Борис Василески.
– Идејата да се отфрлат општествените правила и да се живее живот надвор од капиталистичките и потрошувачки рамки – и тоа денес, во западниот свет – тоа, за волја на вистината, се граничи со апсурд. Но за Господин, апсурдни и бесмислени се бесконечните наметнати потреби и норми на денешното живеење, кои ги трошат и ги обезвреднуваат нашите животи. Прекуглава му е од сѐ, па решава да се ослободи, да живее едноставно и да достигне апсолутна индивидуална слобода и независност, надвор од „капиталистичката работничка мелница“. Ниту прифаќа да работи, ниту да користи пари. Неговата идеја е радикална, но тој не гледа друга можност за себе. За да се издржува, во подрумот сместува еден необичен придружник – лама, која му помага да се одржува во живот без да се предаде на бескрупулозното секојдневие и материјализмот – вели Василески.
Играат: Димитар Ѓорѓиевски (Господин), Даниела Иваноска (Анета, Мајката), Михајло Миленкоски (Едни, Карл, прв иследник), Дарко Карбески (Норберт, Хајо) и Наталија Ристеска (Силвија, втор иследник). Драматургијата е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографијата е на Ненад Тонкин, за костимите се погрижи Марта Дојчиновска, музиката е на Серафим Чернит, а за дизајнот на светло е задолжен Бобан Смилкоски.

Ка.М.