Фото: Театарска архива

„Колибри“ во посета на Театарот за деца и младинци во Скопје

  • Театарот годинава постигна извонредни успеси со „Роња, ќерката на ограбувачот“, претстава што сѐ повеќе ја освојува домашната и регионалната театарска публика. Таа досега е наградена со 18 награди за музика, сценографија, режија, но и за изработка на кукли. Меѓу признанијата е и „Златна бубамара“ за најпопуларна детска претстава

Сигурно знаете дека во срцето на Скопје се наоѓа единствениот национален театар во Македонија што е специјализиран за програма за деца и млади. Формиран е пред 35 години. На 25 март 1990 година е одиграна првата претстава на овој театар. Веќе погодувате, нели? Станува збор за Театарот за деца и младинци (ТДМ) во Скопје. Бидејќи овој театар имаше многу успешна сезона, а оствари извонредни успеси со претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“; „Колибри“ отиде во посета, со желба да ѕирне зад завесите и да поразговара со некои од актерите што го сочинуваат театарскиот ансамбл.
Драматургот Горјан Милошевски на почетокот ни раскажа за ликот на Роња, кој е многу популарен меѓу децата.
– Роња ви открива нов свет на ограбувачи, печуркасти џуџиња, диви шуми и авантуристички предели во приказната со наслов „Роња, ќерката на ограбувачот“. Помеѓу завојуваните ривали, помеѓу две банди, две деца го градат својот пат во животот. Две деца што се од различни кланови на ограбувачи започнуваат една сосема поинаква авантура. Нивната приказна е приказна за пријателството и силната врска меѓу две чисти души – вели драматургот Горјан Милошевски.
Станува збор за текст што досега не е поставуван во форма на театарска претстава за деца во нашата земја, а е наменет за момчиња и девојчиња над шест години. Приказната е полна со акција, а адаптирана е во куклена претстава со многу ритмични и музички секвенци. Својата премиера претставата ја имаше во декември 2022 година, така што нејзиниот патувачки живот почнува од 2023 година, меѓутоа претставата живее до ден-денес и секогаш за неа се бара билет повеќе.

Роња невозможното го прави возможно

Роња од Астрид Линдгрен е навистина ќерка на еден ограбувач – таа е дива, своеглава и од ништо не се плаши. Приказната за неа е полна со акција, па затоа природно дошло истата таа да биде адаптирана во куклена претстава со многу ритмични и музички секвенци. Додека таа расте, доживува многу пресвртници. За едно такво дете, природно е што некои од нејзините сознанија ќе бидат малку различни од начинот на кој размислуваат нејзините родители.
Се обидовме да провериме која актерка се крие зад ликот на Роња. И успеавме! Тоа е актерката Матеа Јанковска, која беше расположена за разговор со нас.
– Претставата „Роња…“ е феномен сама по себе. Неочекувано, ама со голема верба пред подготовките, а и за време на подготовките, направивме ремек-дело. Со самото тоа што режисерот Јакуб Максимов од Чешка беше доволно упорен да ја постави токму неа, „Роња-ќерката на ограбувачот“, едно од делата на шведската писателка Астрид Линдгрен, неминовен беше нејзиниот успех – вели Јанковска.
Првиот фестивал и првиот успех беа во Нови Сад, каде ТДМ освои гран при, а актерката Матеа Јанковска, која го толкува ликот на Роња, ја доби првата награда за актерско остварување.
– Потоа истата година следуваа фестивалите во Крагуевац, Котор, Подгорица, Риека, како и во Прилеп на фестивалот „Војдан Чернодрински“, каде што за првпат во историјата на фестивалот ние бевме во конкуренција со претстава за деца. Потоа, во 2024 година следуваше фестивалите ПИФ во Загреб, како и „Лутке“ во Љубљана, кој има ревијален карактер, а ние бевме единствени претставници од бившите југословенски републики, па и од Балканот, и имавме три изведби. Годинава настапивме и во Мостар – со радост раскажува актерката Матеа Јанковска.

Осумнаесет награди за „Роња, ќерката на ограбувачот“

На споменатите фестивали актерската екипа од претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ освоила четири гранпри награди, а во Риека ја добила единствената награда на фестивалот – награда од публиката за најдобра претстава. Нашата соговорничка Матеа е добитничка уште на четири награди за улогата на Роња.
Претставата освојува и голем број награди за музика, сценографија, режија и изработка на кукли. Годинава ансамблот ја освои наградата „Златна бубамара на популарноста“ за најпопуларна детска претстава. И верувале или не, досега оваа претстава е наградена осумнаесет пати.
Актерската екипа ја сочинуваат Матеа Јанковска, Никола Наковски, Мики Анчевски, Катарина Илиевска Силјановска, Ангела Димитрова и Петар Стојанов. Како што спомнавме погоре, режисер и драматург е Јакуб Максимов, драматург на пробите е Горјан Милошевски, кој направи и превод на текстот од англиски на македонски јазик, сценографијата и куклите се на Олга Зјебинска од Полска, а музиката е на Лазар Новков од Нови Сад, Србија.

– Ве поканувам да ја погледнете претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ и да ја почувствувате моќта на пораката што ја носи. Роња, фала што невозможното го направи возможно само затоа што имаше чисто срце -порачува актерката Матеа Јанковска.

Дваесет активни претстави на сцената на Театарот за деца и младинци

Актерот Мики Анчевски ни откри дека во моментов на сцената на Театарот за деца и младинци се играат дури дваесет претстави.
– Со гордост можам да кажам дека сме еден од театрите што имаат можеби најголем број активни претстави, а многу од нив се играат речиси две децении. Имаме претстави за различни возрасти и различни вкусови – истакна Анчевски.
И како што можете да претпоставите, во Театарот за деца и младинци врие како во кошница со пчели. Една претстава завршува, а почнува друга, една актерска екипа е на проба, а друга излегува премиерно на сцената, друга пак се поклонува којзнае по кој пат пред публиката, која со радост одредени претстави ги гледа со децении. Но, волкот од „Црвенкапа“, актерот Петар Стојанов, не беше страшен како волкот од приказната. Тој дури и сакаше да разговара со нас, па ни откри дека во тек се подготовките за нова претстава, а нѐ покани и на премиерата, која се очекува да биде наскоро.

Во подготовка претстава за децата со пречки в о развојот

– Во Театарот за деца и младинци моментално се во тек подготовките и пробите за новата претстава „Која е Лорет?“, во режија на Драгана Милошевска. Ова е, можам слободно да кажам, најспецифичната претстава на која сум работел досега. Темата е длабока и исклучително значајна – претставата се фокусира на децата со пречки во развојот, поточно на децата со Даунов синдром – вели Стојанов.
На крајот од нашата посета на Театарот за деца и младинци и дружбата со неколкуте актери, Роња, упс, Матеа, упати една силна порака до сите наши читатели. Таа рече дека иако, за жал, живееме во виртуелен свет и во време со погрешни вредности и идоли, сепак театарот е тука и ни дава други можности.
Таа вели дека среќа е што го имаме театарот – едно од ретките места каде што можеме да ѝ погледнеме на вистината в очи, да почувствуваме вистински емоции и да размениме енергија во живо. Важно е, како што додава таа, децата и младите да одат во театар, а не само да седат пред екрани и социјални мрежи – затоа што таму се учи да се чувствува, да се слуша, да се живее вистински.
– Секое дете, секој гледач што ќе влезе во театар, излегува побогато со соништа, чувства и храброст – да верува во својата приказна, во невозможните нешта, во себе. Следете приказни во театар наместо содржини на инстаграм – порачува актерката Матеа Јанковска.


Претставата „Црвенкапа“ 300 пати поздравена од публиката

Годинава ансамблот на театарот ја одигра во Кочани и 300-та изведба на претставата „Црвенкапа“, која веќе 25 години е на сцената. Дел од актерската екипа е променет, но жарот со кој се игра претставата е ист. Ликот на мајката на Црвенкапа сега го толкува актерката Катарина Илиевска Силјановска, која ни зборуваше за моќта на оваа претстава да биде актуелна и по две и пол децении.
– Оваа претстава живее долго на репертоарот на ТДМ, не само поради насловот, кој неминовно е да поминува добро затоа што многу, многу генерации растат со оваа приказна, туку најмногу поради радоста и енергијата со која се игра, насмевката на секој актер во претставата, не затоа што е модерна и свежа туку, напротив, таа е целосно ретро во однос на сценографијата денес, но има приказна во која има вметнато нов лик, како Иванка, другарката на Црвенкапа, која не сака да учи, туку сите други работи ѝ се поинтересни. И тука е вечно актуелната борба помеѓу правилното и неправилното – открива Илиевска Силјановска.
Што се однесува на историјатот на оваа претстава, таа датира од далечната 2001 година. Автор на текстот е Александар Поповиќ, а режисер е Димитар Христов.
А еве и како спонтано се случила прославата за 300-та изведба во Кочани.
– На самиот почеток на претставата, еден од колегите излезе на сцена и најави дека токму таму и тогаш е нашата 30-та изведба, а по завршувањето на претставата прославивме скромно со една торта и фотографии, како што прилега за секој роденден – ни раскажа актерката Илиевска Силјановска.