Претставата „Д (како Дездемона)“ на кореографката Рисима Рисимкин, која е втор дел од трилогијата „Жените во творештвото на Шекспир“, тема со која Рисимкин се занимава во последниве неколку години, е поканета да гостува на 13 септември на фестивал за Шекспир во Верона, Италија. Музиката е на Тони Китановски, а костимите на Благој Мицевски. Премиерно се изведе во рамките на манифестацијата „Денови на македонски кореографи“ во организација на Националната опера и балет. Во претставата учествуваат осум танчари: Дездемона – Анастасија Данчевска; Јаго – Дејан Битровски; Отело – Лука Ѓорѓиевски; Емилија – Сара Димовска; Смртта – Давор Милев; Гласови: Надја Луканова, Елена Терзиева, Ивона Маневска.
– Рисима Рисимкин ги поместува границите на театарската форма – воведувајќи го говорниот збор во невербалниот театар, вградувајќи го класичниот балет во современиот танц – и тоа го прави со елеганција и намера. Таа е уметница неограничена од конвенции, слободно црпејќи од алатките потребни за да ја пренесе својата визија за светот преку јазик што е единствено нејзин – вели грузискиот критичар Лаша Чхартишвили за претставата.