Францускиот претседател Макрон реагира на газењето на меѓународното право на Блискиот Исток, а заборава дека тој постапи идентично кон нашата земја
- Македонија е синоним за прекршено меѓународно право, во кое „најдлабокиот клинец“ го закова францускиот претседател. Станува збор за двојни критериуми на Макрон во поглед на меѓународното право, односно тој бара тоа да се почитува кога се загрозени француските интереси, а замижува пред погазувањето на ова право кога се бара промена на име, знаме, идентитет, јазик, историја и култура на еден суверен народ. На нашиот, македонски! Замижува и пред идентитетскиот инженеринг што ни се прави во 21 век
Погазувањето на меѓународното право е процес што не се случува од вчера, туку станува збор за низа преседани на кои Македонија предупредува со години бидејќи врз својот грб најмногу го почувствува неправото.
Постојаното еднострано толкување на меѓународното право од страна на посилните држави доведе до целосно дерогирање на меѓународноправниот систем, на Обединетите нации како светска институција, што на крајот доведе до општиот хаос во кој денес се наоѓа светот, буквално на работ на планетарен конфликт.
А токму Македонија како мала земја меѓу првите алармираше дека преседаните со непочитувањето на меѓународното право, особено во делот на непочитувањето на сувереното право на детерминирање на името на државата, на автентичен идентитет на државотворниот народ, на симболите што ги избира, на јазикот, едноставно ќе го втурнат светот во хаос и анархија каде што само моќта на оружјето ќе ги одредува правилата.
Макрон со двојни критериуми
Истите тие што своевремено се оглушуваа на апелите од македонска страна да се почитува меѓународното право, денес и сами обвинуваат дека тоа е погазено.
Имено, францускиот претседател Емануел Макрон деновиве изјави дека американско-израелските напади врз Иран, кои започнаа минатиот викенд и во кои беше убиен врховниот лидер на земјата, беа спроведени „надвор од меѓународното право“ и дека Париз „не може да ги одобри“.
Реакцијата на Макрон следува откако на некој начин беа загрозени француските интереси на Блискиот Исток, па од тие причини алатката за која се фаќа сега францускиот претседател е „меѓународното право“.
Но кога во земјава се организираа редица протести поради францускиот предлог, чии одредби во најголем дел се спротивни на меѓународното право, пред сè во делот на самоопределувањето и самоидентификацијата на македонскиот народ, Макрон остана нем.
Тоа говори за двојните критериуми на Макрон во поглед на меѓународното право, односно се бара тоа да се почитува кога се загрозени француските интереси, а се замижува пред погазувањето на ова право кога се бара промена на име, знаме, идентитет, јазик, историја и култура на еден суверен народ. Се замижува и пред идентитетскиот инженеринг што се прави во 21 век, токму затоа што не се почитуваше меѓународното право, и се оди дотаму да се преименува еден цел народ.
Што се коси со меѓународното право во францускиот предлог?
Во моментот кога францускиот претседател работел на францускиот предлог, неговите меѓународноправни советници требало веднаш да го предупредат дека некои од одредбите во него се косат со меѓународното право.
Првиот спорен елемент е вметнување билатерални прашања во пристапниот процес на ЕУ, односно тоа што билатерални историски и идентитетски прашања (преку протоколот со Бугарија) стануваат дел од преговарачката рамка со ЕУ.
Тоа е во спротивност со принципот на добрососедство и забраната за злоупотреба на правото на вето, а се прекршува и членот 2 од Повелбата на ОН за повреда на принципот на еднаквост на државите.
Понатаму, она на што требало да реагираат француските советници се формулациите поврзани со историјата, учебниците, говорот на омраза и заедничката историска комисија, бидејќи тоа претставува директно мешање во внатрешни работи (принцип на немешање), што едно од главните начела на меѓународното право. На тој начин индиректно се доведува во прашање правото на самоопределување. Според меѓународното право, самоопределувањето (членот 1 од Повелбата на ОН) е колективно право, но неговата примена во контекст на ЕУ-преговори е правно сложена, па иако станува збор за доброволен процес на пристапување, Макрон требало и во такви случаи да држи до меѓународното право.
Следен спорен аргумент е барањето за уставни измени како предуслов за отворање поглавја. Имено, надворешно условување на уставни измени претставува притисок што го нарушува суверенитетот, па иако условите за пристапување се политички, францускиот претседател дури и во такви ситуации не смее да остава простор некој да го злоупотребува тоа.
На крајот, францускиот предлог се повикува на Договорот за пријателство од 2017 година меѓу Скопје и Софија, но проблем се вметнатите динамични протоколи (со можност за нови барања), кои може да создадат трајна обврска за земјава што не е прецизно дефинирана, што од друга страна би било спротивно на принципот на правна сигурност во меѓународните договори (Виенска конвенција за договорно право).
Меѓународното право опстојува врз конзистентност, а не врз селективна примена
Според дел од експертите по меѓународно право со кои се консултиравме, најголемата штета за глобалниот поредок не доаѓа од поединечен настан, туку од акумулација на преседани.
– Меѓународното право опстојува врз конзистентност, а не врз селективна примена. Кога еднаш ќе се прифати дека принципите можат да се релативизираат заради политичка цел, тогаш се отвора простор тие да бидат игнорирани и во многу посериозни ситуации.
Македонија беше пример како политичките условувања можат да навлезат во сферата на суверенитетот. Принципот на суверена еднаквост на државите, утврден во Повелбата на ОН, подразбира дека идентитетските прашања како името, уставниот поредок, јазикот се дел од внатрешната надлежност на една држава. Кога тие стануваат предмет на надворешно условување во процесот на пристапување кон Европската Унија, се создава преседан дека политичката моќ може да стои над правниот принцип. Токму тука лежи проблемот. Ако дозволиме билатерални спорови да се институционализираат во европски рамки, тогаш се разградува јасната линија меѓу правото и политиката. Денес тоа може да изгледа како „техничко прашање“ во пристапен процес, но утре станува аргумент за посериозни интервенции во суверените одлуки на државите – велат експертите.
Тие посочуваат дека кога францускиот претседател Макрон предупредува на повреда на меѓународното право во контекст на воените операции на Блискиот Исток, неговата позиција формално е во согласност со принципите за забрана на употреба на сила и почитување на суверенитетот.
– Кредибилитетот на таа позиција зависи од доследноста. Меѓународното право не може да се брани само кога се загрозени стратешки интереси, а да се релативизира кога станува збор за „помали“ држави или за политички процеси како проширувањето. Историјата во последните децении покажа дека селективната примена на нормите, било преку воени интервенции без јасен мандат, било преку политички условувања што навлегуваат во идентитетската сфера, постепено ја еродира довербата во правниот поредок. А кога довербата исчезнува, останува само логиката на сила. Светот денес изгледа похаотично токму затоа што принципите се толкуваат различно во зависност од геополитичкиот интерес. Ако сакаме стабилен меѓународен поредок, тогаш правилата мора да важат еднакво, и кога станува збор за кандидат за членство во ЕУ, и кога станува збор за оружен конфликт меѓу суверени држави. Меѓународното право не е декларативна алатка, туку систем што опстанува само ако се применува универзално. Секое отстапување, дури и кога изгледа политички оправдано, создава нов преседан. А преседаните, кога ќе се наталожат, го туркаат светот од правен поредок кон геополитички хаос – заклучуваат експертите по меѓународно право.
































