Низ страниците на македонската литература за деца: „Рано дојде љубовта“ на Горјан Петревски
Дојде март. Сонцето ѕирна меѓу штотуку дотресените од снег облаци. Времето малку се стопли.
– Ќе ја подадам главата! – извика качунката.
– И јас исто така! – се придружи кукурекот.
– Заедно со вас и јас! – се слушна гласот на јагликата.
Тие се појавија над земјата. Бранот свеж воздух што ги заплисна, им се допадна.
– Да ви се придружам? – праша темјанушката.
– Ајде, ајде! – извика врбата.
Но месецот март слушаше и се потсмеваше во себе.
– Време ми е за гнездото! – запеа ќосот.
– И мене! – ги размавта крилјата сеницата.
– А јас ќе го дотерам старото! – рече страчката.
– Мене никој и оваа пролет не ќе може да ме избрка од гнездото на ластовицата! – заџивка врабецот.
Одеднаш задува ветар. Почнаа да се веат и снегулки. Ранопролетниот разговор замре. Сите ги наведнаа главите и молчеа.
– А што очекувавте? Се прави ли „есап без крчмар“? Хи-хи-хи! – се засмеа еден старечки глас.
– Која си ти? – прашаа.
– Јас сум Баба Марта. Но немојте да ми се лутите што сум таква. Ме испрати мојот брат, месецот Март. Да ве предупредам дека никој не треба да избрзува предвреме. Ви велам, со негова дозвола, се разбира…
– Ха! Никој мене нема да ме спречи! – извика лалето од под стаклената оранжерија. – Не ми е грижа што надвор е студено!
Но, дивите цвеќиња и птиците молчеа, решија да ја почујат Баба Марта. Сѐ додека месецот март не им викне:
– Aјде, разбудете се! Време е да ја поздравите новата пролет! Добре дојдовте!
За авторот
Горјан Петревски е еден од најпознатите писатели за деца и за млади кај нас. Роден е на 14 јули 1951 година во селото Мренога, Демир Хисар. Основно училиште завршил во родното место, а средно образование стекнал во прилепската гимназија. Студирал на Филолошкиот факултет во Скопје, во групата на јужнословенска книжевност. Десетина години работел како новинар на Македонската телевизија на програмата за деца, а во 1986 година преминал на работа во НИП „Нова Македонија“, каде што работел во забавникот за млади „Наш свет“, а исто така бил и одговорен уредник на списанието „Развигор“, како и одговорен уредник на издавачката дејност во издавачката куќа „Детска радост“. Автор е на голем број книги, а многу наслови, меѓу кои „Споменка“, „Исти очи“, „Марта“, „Снеговите на Климентина Евин“, им се омилени четива на тинејџерите. За прозното дело „Рано дојде љубовта“, објавено во 2001 година, Петревски ја добива наградата „Свети Климент“, која ја доделува НУБ „Св. Климент Охридски“ за најбарана книга во 2002 година.
Неодамна книгоиздателството „Македонска реч“ од Скопје го објави петтиот том од избраните дела на Горјан Петревски, во кој се насловите „Задоцнети писма од Споменка“, „Вечниот ветар“ и „Ехото на старата тага“.

































