Избрани дела од колекцијата на МСУ
Пред неколку дена беше отворена изложбата „Калдер флуидна модерност“, каде што е изложено едно од најпознатите и највредни дела во колекцијата на Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје, „Црвен полигон“ (1961) од американскиот уметник Александер Калдер. Ова е првата од четирите изложби што ќе се случат годинава и што овозможуваат препрочитување на избраните дела од колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје.
Уметници претставени во изложбата се: Роберт Адамс, Ај-O, Боб Бони, Виктор Вазарели, Жанета Вангели, Анхел Дуартe, Александер Калдер, Никола Карино, Ивон Крахт, Борко Лазески, Геза Пернецки, Бриџит Рајли, Хербет Фаерлихт, Жужа Сенеш и Мирослав Шутеј, со дела од колекцијата на МСУ. Специјално поканета уметничка е Дорит Крајслер, со звучното дело „Калдер свири (на) теремин“. Инструментот на Крајслер, теремин, бил активиран од движењата на уметничкото дело, т.е. мобилот на Александер Калдер, каде што произведениот звук послужил како основа за создавање на звучното дело, кое може да биде слушнато во рамките на оваа изложба.
Изложбата е курирана од страна на Нада Прља и ќе трае до 25 март. Соработници се Благоја Варошанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски (МСУ–Скопје колекција куратори)
– Нашето современо општество, кое го обележуваат брзи промени, неизвесност и непостојаност во општествените, културните и економските сфери, често се толкува преку призмата на „течна (флуидна) модерност“. Поимот флуиден укажува на тоа како општествените структури – како што се семејството, работата и другите институции – стануваат сѐ поеластични (флексибилно работно време, некохерентни семејни релации итн.). Во тој контекст на брзи промени и нестабилност се поставува прашањето за улогата и разбирањето на уметничките колекции од дваесеттиот век, како што е онаа на Музејот на современата уметност во Скопје, која опфаќа над 5.300 дела, претежно од модернистичкото наследство во периодот од 1945 до 1989 година. Како современите генерации, обликувани од флуидната модерност, пристапуваат кон уметничките дела од дваесеттиот век и како ги толкуваат? Кои концепти, идеи и, последователно, уметнички дела навистина наоѓаат одѕив во современите гледишта? Истражувајќи ги сѐ уште присутниот магнетизам и привлечноста на редуктивниот пристап во апстракцијата (геометриската апстракција и оп-артот), концептуалната и другите нефигуративни форми на уметност, оваа изложба е отворен повик за гледање и толкување на делата од минатиот век селектирани од колекцијата на МСУ-Скопје од перспектива на флуидната модерност. Од Калдеровата „геометрија“ во движењето, па до непредвидливото во истражувањата на Вангели и Ај-O, оваа изложба потврдува дека наследството на 20 век е сѐ уште витално, токму затоа што остава простор за флуидното, променливото и недофатливото – велат од МСУ.
В.Д.