Фото: Архива на библиотеката

Елизабета Ристевска Дамева верува дека животот има смисла само ако човек зад себе остави нешто што ќе придонесе за доброто на сите, па токму
затоа со голема љубов и посветеност се бори да го промовира читањето и да го зачува македонскиот јазик во Шведска

НАД 1.000 КНИГИ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ЧУВА БИБЛИОТЕКАТА ВО ТРЕЛЕБОРГ, ШВЕДСКА

Британецот Августин Брел рекол дека библиотеките не се градат туку тие растат. За среќа, расте и македонската библиотека во Трелеборг, Шведска, и по бројот на книги и по дечиња, но и возрасни што ја посетуваат за да зајмат книги, но и за да го изучуваат македонски јазик. Македонската библиотека во Трелеборг под ова име почна да работи на 7 мај 2023 година, како „наследничка“ на библиотеката што постоела како дел од македонскиот клуб „Пелистер“ во истиот град, но која престанала со работа пред десетина години. Ние поразговаравме со професорката Елизабета Ристевска Дамева, Македонка што живее во Шведска и која волонтерски и со голема љубов ја води оваа библиотека со цел македонскиот јазик, култура и традиција да им ги претстави и на Македонците што живеат таму, но и на Швеѓаните.

МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК И КУЛТУРА ПОБЛИСКУ ДО НОВИТЕ ГЕНЕРАЦИИ МАКЕДОНЦИ

– Желбата за повторно отворање на библиотеката беше резултат на моето согледување на ситуацијата во Трелеборг и заклучокот дека македонскиот јазик може да опстои на овие простори само ако го доближиме до луѓето, ако ги направиме горди на своето потекло, на јазикот, на културата, на традицијата. Јас сметав дека треба да покажеме дека Македонија ги има Прличев, Рацин, Стефановски, Тоше, ги има манастирите, црквите, езерата, планините, реките, ги има Охрид, Битола, Скопје, Хераклеја, Стоби, ги има уникатните традиции, Галичката свадба, посната вечера за Бадник, василичарите, илинденците и асномците – вели ентузијастичната Ристевска Дамева, наставничка по италијански и француски и магистерка за работа со надарени и талентирани деца.
Првиот чекор во нејзиното работење се однесувал на збогатување на библиотечниот фонд со литература на македонски јазик со наслови од современи автори. За таа цел контактирала со повеќе институции, издавачки куќи и приватни лица, од кои дел се одзвал на поканата да донира книги. Библиотечниот фонд почнал да се збогатува и денес библиотеката може да се пофали со малку повеќе од илјада книги исклучиво на македонски јазик, што ја прави единствена од ваков вид надвор од границите на нашата земја.
Библиотеката работи во рамките на македонското друштво „Пелистер“ од Трелеборг, на чело со г-н Марјан Бошевски, а најголем дел од нејзините активности е финансиран од членовите на друштвото.Членството во библиотеката е бесплатно и од неа може да позајми книга секој што може да чита на македонски јазик.

ЕДУКАТИВНИ РАБОТИЛНИЦИ И ЈАЗИЧНИ КУРСЕВИ

Покрај зголемувањето на библиотечниот фонд и активностите поврзани со примање и издавање книги на македонски јазик на нашите читатели, библиотеката организира и едукативно-креативни работилници водени од едукатори од Македонија и од Шведска.
– Првите такви работилници ги организиравме во декември 2023 година со нашата светски докажана учителка Весе-Весела Богдановиќ. Во библиотеката се организираат промоции на книги и литературни читања, а во октомври 2024 година бевме и домаќини на манифестацијата „Денови на македонската поезија во Шведска“, на која учествуваа повеќе од дваесет поети и вљубеници во пишаниот збор, кои рецитираа свои стихови и стихови на познати македонски и шведски поети – раскажува Ристевска Дамева.
Дека македонскиот јазик звучи бескрајно убаво на „штиците што живот значат“ беше прикажано и со организирањето „Викенд на македонски театар“, со учество на глумците од „Театар провокација“: Мирјана Ристов, Роберт Ристов и Радо Алексовски , на сцената во „Паркен“ во Трелеборг, кога тие со својата изведба на претставите „Штурецот и мравките“ и „Разведи ме“ ја воодушевија публиката желна за театарско доживување.

ВО БИБЛИОТЕКАТА – КАТЧЕ И ЗА НАЈМАЛИТЕ

Во шведскиот образовен систем централно место заземаат предметите: Шведски јазик, Англиски јазик и Математика, за кои учениците полагаат и национални тестови на секои три години. Од успехот во овие три предмети многу зависи и текот на идното образование на секој ученик. Со цел да им помогне на македонските ученици во изучувањето на англискиот јазик, од јануари до јуни 2024 година библиотеката организираше дополнителна настава по англиски јазик со наставничката Јована Богдановски.
– Она на што сум особено горда е отворањето на првото забавиште надвор од границите на Македонија за дечиња на возраст од четири до шест години. На планот за негова реализација работев долго време и мило ми е што мојата идеја успеа да се реализира. Македонското забавиште прима дечиња на возраст од четири до шест години, два часа неделно, двапати по 60 минути – вели Ристевска Дамева.
Преку едукативно-креативни активности наставничката Љубица Кузманоска се обидува да ја всади љубовта кон македонскиот јазик кај најмладите и да ги подготви полесно да го прифатат предизвикот за изучување на македонскиот јазик и во редовната настава, од прво одделение. Имено, шведскиот образовен систем е уникатен по фактот што сите ученици што имаат странско потекло можат да го изучуваат својот мајчин јазик во рамките на наставата. Услов е ученикот да го зборува јазикот секојдневно пред да започне со следење на наставата. Во забавиштето не само што ги учат дечињата на македонски јазик туку и го враќаат јазикот во нивните семејства бидејќи во рамките на понудените активности влегуваат и заедничко читање книги со родителите и активно говорење на јазикот дома.

СОРАБОТКА МЕЃУ МАКЕДОНСКИТЕ И ШВЕДСКИТЕ ИНСТИТУЦИИ

Од витално значење за работата на библиотеката е соработката со институции од Македонија и од Шведска што работат на зачувување на македонскиот идентитет. Библиотеката има одлична соработка со НУБ „Св. Климент Охридски“ од Битола, со која и потпишале договор за соработка и чии претставници, г-ѓа Фатма Бајрам Аземовска и г-ѓа Гордана Ѓорѓиевска-Неделковски, биле во работна посета на библиотеката на почетокот на јуни 2024 година и донирале книги за деца и адолесценти, како и едукативни материјали за работа за деца од предучилишна возраст.
Во Шведска соработуваат со другите македонски клубови, како и со ОМД-Шведска, кои од почетокот на работата на библиотеката се ветер во грбот во реализацијата на предвидените планови преку финансиски донации и практични совети.
– Интересот за нашите активности постојано расте. Многубројната публика за време на одржувањето на поетската манифестација „Денови на македонската поезија во Шведска“ и посетеноста на театарските претстави покажуваат дека македонскиот јазик, иако полека, сепак се враќа на културната сцена во Трелеборг. Јас лично верувам дека најважно е да не престанеме со организирање активности, затоа што и најмалиот чекор е чекор. Однекаде мора да се почне – нагласува Ристовска Дамева.
Фондот на библиотеката постојано се менува и во моментот изнесува околу илјада книги, со што целосно се задоволуваат потребите на читателите.
Најмногу се позајмувани книгите за мали деца, кои обично ги позајмуваат родителите на децата што го посетуваат забавиштето, како и романите што се бестселери на светско ниво, а кои се многу читани и во Македонија.

СЀ ПОГОЛЕМ ИНТЕРЕС ЗА ИЗУЧУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

– Имам впечаток дека интересот за изучување на македонскиот јазик покажува мало зголемување во споредба со периодот пред неколку години. Јас работам во две општини,Трелеборг и Сведала. Во Сведала до пред две години не се ни изучуваше македонскиот јазик, а сега бројот на ученици се удвои. Зголемување на бројот на ученици се забележува и во општината Трелеборг, и тоа најмногу кај дечињата што припаѓаат на третата генерација на наши иселеници, од кои голем дел доаѓа и од мешани бракови. Искрено сакам да верувам дека активностите на нашата библиотека можеби придонеле за сето тоа – вели Ристовска Дамева, која покрај тоа што предава француски и италијански, преведува и романи од француски на македонски, предава македонски и е образовен водич на македонските ученици, но и на учениците од земјите во кои се зборува француски низ различни етапи од шведскиот образовен систем.
Елизабета Ристевска Дамева верува дека животот има смисла само ако човек зад себе остави нешто што ќе придонесе за доброто на сите, па токму затоа со голема љубов и посветеност се бори да го промовира читањето и да го зачува македонскиот јазик во Шведска.