ООУ „Стив Наумов“ од Битола одбележи 105 години од раѓањето на патронот

Со голем број активности и настани, учениците, наставниците и вработените во ООУ „Стив Наумов“ од Битола ги одбележија својот патронен празник и 105-годишнината од раѓањето на нивниот патрон, народниот херој Стеван Наумов-Стив.
Меѓу големиот број активности ќе ги спомнеме уредувањето на училиштето, општинските натпревари во мал фудбал, одбојка, пинг-понг и шах, како и литературниот и ликовниот конкурс на државно ниво. Учениците од цела Македонија твореа на темата „Да се зачува магијата на детството во дигиталната ера“.
Во рамките на активностите се одржа и традиционалната крводарителна акција во соработка со Црвен крст-Битола, од каде што изјавија дека бројот на доброволци од година на година се зголемува и е показ за една успешна вклученост на колектив, родители и соработници подготвени да ја подарат најскапоцената капка.
Со свежо цвеќе беше оддадена почит и пред споменикот на херојот во училиштето и се одржа историски час, но и пред грандиозниот споменик на Стив Наумов пред Офицерскиот дом во центарот на градот.
Централната приредба беше круна на прославата. На сцената на Центарот за култура продефилираа повеќе од 300 ученици, со подготвена драматизација, балетски точки, фолклорна група, хор, инструменталисти, и најмалите со одлични кореографски точки. Координатор на програмата беше наставничката Магдалена Сајкова.
Свое обраќање имаше и директорот на основното училиште Никола Пискачев, кој низ видеоматеријал премиерно ги претстави сите досегашни достигнувања, тргнувајќи од поставувањето на фотоволтаиците до топлинските пумпи и, најновото, енергетска фасада. Со сите овие активности училиштето е во рангот на модерните европски образовни установи.
– ООУ,,Стив Наумов“ е патоказ, стандард како треба да изгледа едно европско училиште каде што се гради знаење, каде што се поттикнува креативноста, каде што се создаваат лидери. Заедно продолжуваме, со тимот на наставници и ентузијазмот и мотивираноста на учениците, соработката на родителите и мојата лична посветеност, да се истакнеме како пример во државата – рече директорот Пискачев.


Наградена ученичка творба

Моето детство, мојот свет

Во раката држам телефони
пеам на микрофон.
Играм игри разни,
но најмногу сакам да читам сказни.

Сакам видеа и песни,
сакам цртани во боја,
но кога надвор трчам
како да сум во бајка своја!

Книгите ми се крила,
со нив летам без да слетам.
Во секоја приказна влегувам,
како херој што шета.

Телефонот ми е прозорец,
а светот — огромна сцена,
Мама ми шепоти тивко:
„Играта надвор е без замена!“

Во дигитална ера живеам,
а срцето ми зборува:
„Детството е магија
која не се повторува!“

Ана Петровска,
5- а одделение,
ООУ,,Стив Наумов“-Битола
Ментор: Виолета
Цветановска