Фото: Пиксабеј

За динамиката на македонските евроинтеграции: Одложените уставни измени како импакт-фактор

  • Зачленувањето на Македонија во ЕУ (но во процедура според секундарните критериуми и принципи за проширување на Унијата) останува стратегиска определба на државата, со голема поддршка и од граѓаните, иако во значителна мера разочарани од неверодостојноста во ветувањата на Брисел. Во еден таков контекст, предизвикот на македонската дипломатија се чини станува навигација по евроинтеграцискиот пат на Македонија на стандардните принципиелни и изворни патеки востановени од Европската Унија. А надвор од тоа, веќе надалеку е познат „нестандардниот“ момент во предлог-преговарачката рамка за Македонија (надвор и од меѓународното право), а тоа е условувањето на отворањето на преговарачките поглавја со спроведување еднострани (насилни) притисоци за измени во македонскиот устав
  • Според мислењето на нашите соговорници, кога-тогаш, излезот (принципиелно, но и во согласност со меѓународното право) ќе мора „да се бара во откажување на контроверзниот втор протокол со Бугарија, со што автоматски пропаѓа и ултиматумот за промена на Уставот и самата преговарачка рамка, која се повикува на него“. Затоа што, според експертите, за жал, „со оваа преговарачка рамка, ние сме прифатиле нашиот пат за Брисел да оди преку Софија, што значи дека излез од ќор-сокакот мора да се бара паралелно и со Бугарија и со Европската Унија“…

Статусот на македонските евроинтеграции од 19 јули 2022 година во бриселските графикони е означен како „преговори во тек“. Во тие графикони за процесот на создавање и градење на Европската Унија, во кои се претставуваат текот и начинот на придружување на земјите членки, кандидатите и апликантите, обично не се наведуваат „деталите“ на пристапувањето, туку само датумите на аплицирање, зачленување и тековниот статус. Во тие графикони ги нема наведено ниту „специјалните услови“ во предлог-преговарачката рамка за Македонија, позната како „француски предлог“, за да започне отворањето на поглавјата, односно ефективните преговори. Се наведува само – „преговори во тек“, иако македонските граѓани уште кога беше „доставен“ францускиот предлог, своето неприфаќање го изразија со протести, а непроменетиот став по тоа прашање го потврдија на последните парламентарни и претседателски избори одржани годинава.
Сепак, и покрај сѐ, зачленувањето на Македонија во ЕУ (но во процедура според стандардните критериуми и принципи за проширување на Унијата) останува стратегиска определба на државата, со голема поддршка и од граѓаните, иако во значителна мера разочарани од неверодостојноста во ветувањата на Брисел. Во еден таков контекст, предизвикот на македонската дипломатија се чини станува навигација по евроинтеграцискиот пат на Македонија на стандардните принципиелни и изворни патеки востановени од Европската Унија. А надвор од тоа, веќе надалеку е познат „нестандардниот“ момент во предлог-преговарачката рамка за Македонија (надвор и од меѓународното право), а тоа е условувањето на отворањето на преговарачките поглавја со спроведување еднострани (насилни) притисоци за измени во македонскиот устав.
Во повеќе наврати, и пред изборите, а и актуелниот премиер, како и други претставници на Владата, наведуваа дека како своевидна гаранција за отстранување на сомнежите за постојани уцени од бугарска страна, во текот на преговарачкиот процес е, всушност Македонија да ги спроведе уставните измени по завршувањето на преговорите, пред гласањето за нејзин прием во членство во Унијата. Неодамна, министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски го нагласи одложувањето на уставните измени како клучен фактор во стратегијата на евроинтеграциите.
– Зборуваме за изнаоѓање соодветно решение, решение што ќе биде одржливо и решение што ќе даде предвидливост, како на нашиот евроинтеграциски пат, така и во заштитата на кредибилитетот на ЕУ. Бидејќи повторно одложување на процесот на пристапување на земјава кон ЕУ заради некој билатерален спор, заради дополнителна билатерализација од страна на кој било сосед, ќе удри по легитимитетот на Унијата, како во нашата држава така и во регионот – кажа Муцунски во едно интервју за македонските медиуми, додавајќи дека е потребно да се најде заеднички рационално решение, кое за нас ќе има вградени гаранции дека нема повторно да се соочуваме со вакви предизвици и заеднички да чекориме напред врз основа на мерит-принципите.
Во истото интервју, Муцунски потсети дека Бугарија има 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за права на здружување во форма на здруженија на граѓани на територија на земја што е земја членка на ЕУ и која е обврзана со меѓународен договор што произлегуваат од Советот на Европа.

– И од таа гледна точка ние ќе имаме институционална комуникација како на билатерална основа со Бугарија, со земјите членки, така и со институциите во ЕУ, убедувајќи ги дека овој модел на одложена примена и она очекување дека нашиот сосед Бугарија ќе ги почитува фундаменталните вредности на ЕУ е во заеднички интерес и на нас како земја што пристапува и на ЕУ, која сака да има кредибилен процес на проширување – истакнува министерот Муцунски.
Сепак, министерот Муцунски е свесен за предизвиците што претстојат во моментот за промена на условите вградени во преговарачката рамка, па вели дека заедно со нашата дипломатска мрежа треба да работиме на убедување на нашите партнери дека ова решение е добро за нас, за Бугарија и за Европската Унија. Тој смета дека втора наша обврска е да бидеме цврсти на нашите позиции, да презентираме рационални решенија, да не бидеме како нашите претходници при секој притисок да попуштаме, туку да зборуваме на еднаква основа, почитувајќи ги туѓите аргументи, но стоејќи цврсто врз нашите аргументи кога веруваме дека се праведни и правични.
Дипломатите со искуство, пак, сметаат дека решението за излегување од стапицата, условот за уставни измени во преговарачката рамка, е отстранување на анектираниот втор протокол.
– Политиката дека уставните измени треба да се активираат со нашето членство во ЕУ тешко ќе помине. Не треба да заборавиме дека тоа е прецизно наведено во преговарачката рамка, со која Македонија се согласи, иако не е официјално прифатена. Се чини дека таквата наша позиција нема шанси да помине и треба да се бара друго решение. Во дадената ситуација, разбрале ние или не, со нашиот предлог де факто бараме промена на преговарачката рамка, а Брисел доволно јасно ни порача дека тоа не доаѓа предвид, додека позицијата на Бугарија е прецизна и јасна – прво уставни измени, па преговори. Кога-тогаш, излезот ќе мора да се бара во откажување на контроверзниот втор протокол со Бугарија, со што автоматски пропаѓа и ултиматумот за промена на Уставот и самата преговарачка рамка, која се повикува на него. Прецизно кажано, со оваа преговарачка рамка, ние сме прифатиле нашиот пат за Брисел да оди преку Софија, што значи дека излез од ќор-сокакот мора да се бара паралелно и со Бугарија и со Европската Унија – вели поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.


Она што е зачудувачки во односот на Европската Унија со својата земја членка, која има проблеми со демократијата (самиот претседател Радев се праша „дали парламентарната држава функционира правилно“), владеењето на правото, корупцијата… и конечно демократскиот капацитет да формира стабилна влада, е фактот што ѝ ја остава привилегијата да ја креира политиката на проширување на Унијата. Во првата година од политичката криза во Бугарија, Европската Унија ѝ дозволи да постави свои услови во преговарачката рамка за Македонија, практично уцена за нереципрочни уставни измени со кои се прекршуваат основните принципи на Европската Унија, на меѓународното право и Универзалната декларација за човекови права

Нефункционална членка на ЕУ што диктира политика за проширување!?

ЕУ сѐ повеќе свесна дека Софија е на патерици

Во динамичните случувања и речиси секојдневни пресврти во внатрешната политика на Бугарија, во изминативе три години, Брисел не гледа „ништо ново“ и едноставно оценува дека „државата е на работ на уставна криза“. По шесте изборни циклуси во изминативе три години, кои не успеаја да создадат ситуација за формирање стабилна влада кај источниот сосед на Македонија, се чини дека Бугарија премина во стадиум кога се проблематизира и назначувањето службена влада од страна на претседателот пред седмиот изборен циклус. Откако стана јасно дека по неуспешните избори пролетва, во смисла на фактот дека никој од политичките субјекти што учествуваа на изборите не успеа самостојно да формира влада, бугарскиот претседател Румен Радев се соочи со ескалирана ситуација, во која кандидатите за вршење на должноста премиер или му ги одбиваат предлозите или нему не му се допаѓаат предложените кабинети од кандидатите.
Последното „ажурирање“ на состојбата со избор на службена влада во Бугарија е дека претседателот Румен Радев му даде рок на преодниот премиер Димитар Главчев до понеделник (26 август) да го претстави предлог-кабинетот со напомена дека очекува промени. Притоа, под „промени“, Радев мисли на „смена“ на првиот човек на МВР, Калин Стојанов, поради кој бугарскиот претседател одби да го потпише указот со кој министрите избрани од претходната в.д. кандидатка за премиер Горица Гранчарова Кожарева требаше да стапат на функција на почетокот од минатата недела.
Доколку сега нема проблеми со составот на кабинетот на Главчев, претседателот ќе донесе указ за именување влада, а веројатно истиот ден министрите ќе положат заклетва во парламентот. Доколку биде избрана нова службена влада, предвремените, седми во ред избори, најверојатно ќе се одржат на 27 октомври.
Спорниот момент во предлогот на Калин Стојанов за министер за внатрешни работи, за бугарскиот претседател претставува неговата наводната поврзаност со Делјан Пеевски, олигархот што поради обвинувања за корупција е под санкции на САД и Велика Британија.
– Радев го повика парламентот брзо да најде нови опции за именување привремен премиер и влада, но претседателот во рамките на големата уставна реформа на крајот на 2023 година ја изгуби моќта еднострано да одлучува за тоа кој би требало да биде привремен премиер. Во моментов претседателот може да избира меѓу 10 однапред дефинирани опции за именување привремен премиер – претседателот на Собранието, гувернерот или заменик-гувернерот на Бугарската народна банка, претседателот или заменик-претседателот на Државната ревизорска служба и омбудсманот или нивните заменици. Меѓутоа, долготрајната политичка криза остави и некои од овие позиции испразнети. Во Бугарија не постои омбудсман или заменик-омбудсман, а именување лице од раководството на Народната банка на политичка позиција е во спротивност со правото на ЕУ – пишува Еуроактив.

Она што е зачудувачки во односот на Европската Унија со својата земја членка, која има проблеми со демократијата (самиот претседател Радев се праша „дали парламентарната држава функционира правилно“), владеењето на правото, корупцијата… и конечно демократскиот капацитет да формира стабилна влада, е фактот што ѝ ја остава привилегијата да ја креира политиката на проширување на Унијата. Во првата година од политичката криза во Бугарија, Европската Унија ѝ дозволи да постави свои услови во преговарачката рамка за Македонија, практично уцена за нереципрочни уставни измени со кои се прекршуваат основните принципи на Европската Унија, на меѓународното право и Универзалната декларација за човекови права. Европската Унија со условената преговарачка рамка за Македонија, практично станува соучесник на Бугарија во деградирање на стандардите за владеење на правото. Она што е уште позагрижувачки е што и со евентуално стабилизирање на внатрешниот политички амбиент во Бугарија, нема најави за отстапување од нејзиниот уценувачки пристап во политиката на проширување на ЕУ, ниту од воспитувачко-демократски пристап на Унијата кон оваа нејзина земја членка. Унијата сепак треба да согледа дека Бугарија уставната криза во Бугарија нема да се реши со европските опструкции за Македонија, ниту Бугарија ќе ѝ „купи време“ за нејзините дилеми околу проширувањето. Сѐ што може да постигне ЕУ со „утешната награда“ за Бугарија да биде некаков „одлучувачки фактор“ во политиката за проширување е да ги изгуби веродостојноста и авторитетот, не само кај земјите кандидати туку и како геополитички фактор. Ј.П.