Од творештвото за деца на Соња Гаврилова
- Расказот на авторката Соња Гаврилова и илустрацијата на талентираната ученичка Сара Колодезни се создадени специјално за „Колибри“ и денес првпат јавно ги претставуваме во нашето последно издание за 2025 година
Петок, крај на работната недела и правење планови за викенд, многу важен, предновогодишен! Обично мајка ми дава предлог за организирање на слободното време во сабота и недела. Овој пат, по повод Нова година, таа ми предложи да ги поканиме баба и дедо на еднодневен излет во зимското рекреативно место Пониква. Предлогот ни се допадна, само не бевме сигурни дали ќе го прифатат баба и дедо. Пријатно изненадени, тие веднаш прифатија, со коментарот на баба: „Одиме, само да испржам пишии, домашно си е домашно, на планина, брзо се огладнува“. Следниот ден, недела, расположени, со зимска опрема, а најинтересна беше „опремата“ на баба: очила за сонце со шарена рамка, жолта плетена капа со туфна, црвена јакна и торби со домашна храна. И конечно, подготвени, тргнавме.
Како на филмско платно, низ прозорецот се менуваа глетките на прекрасната природа, од радиото се слушаше пријатна музика и во добро расположение пристигнавме на Пониква. А таму, раздвижено од многубројни туристи, од кои некои веќе се скијаа, други се возеа на санки, а скијачката патека беше осветлена со зраците на планинското сонце. За кратко време и ние се подготвивме за белината на снегот, јас и сестра ми неколкупати се спуштивме со санката по разлизганата патека. Пробаа и мама и баба, но им се преврте санката, а дедо и татко ми од срце се насмеаја и се пошегуваа со нив. Баба, како и секогаш, полна со идеи, предложи: „Овде станува малку здодевно, ајде и ние да се забавуваме на снегов“! „За почеток, ставете ги телефоните во торбата, за да не ни пречат, додека го правиме Зимскиот град“. Се разбира, за да не ја навредиме баба и ги дадовме телефоните, а јас во себе помислив – „ќе издржиме малку и без телефоните“, не претпоставив дека ќе ни биде интересно.
Татко ми и дедо помагаа и носеа снег, но, како што ги градевме снежните куќички, па и кули, така почнаа да ни се приклучуваат и други туристи. Најпрво дечиња, а потоа и нивните родители. Баба, се разбира, беше главна, ги собираше телефоните и од нив и за чудо, сите ја послушаа. Местото личеше на вистинско градилиште, исполнето со радосни извици, потпевнување, се создаваа нови пријателства меѓу децата и возрасните, а се слушаа и коментари: „Види мамо, колку е убав мојот Снешко, ама и куќичката на брат ми, зградава…“.
Во весела атмосфера, со заруменети образи од сонцето и од чистиот планински воздух, незабележливо поминуваше времето и попладне успеавме да го завршивме најубавиот Зимски град. Следуваше силен аплауз, баба ми им се заблагодари на сите и откако им ги врати телефоните, сите радосни се фотографиравме. Си разменивме броеви за наредна средба, а потоа се почестивме со нејзините вкусни пишии и колачиња.
„Денес ми беше најзабавниот ден“, гласно искоментирав. Оваа предновогодишна забава задолжително мора да ја повториме. Како во хор, моите одговорија: „Договорено“! Малку изморени, но со многу позитивни впечатоци, си заминавме од снежната Пониква.
































