Кус осврт кон еден дел од амандманските интервенции во највисокиот правно-политички акт, кои, наместо за подобрување на уставниот текст, се вметнаа заради негово дерогирање
- Секоја евентуална промена на Уставот мора да биде исклучиво поради наши внатрешни потреби, при што највисокиот државен правно-политички акт треба да се врати во рамките во кои функционираат повеќето европски устави и кои дефинираат национални држави со еден носечки државотворен народ и малцински заедници со загарантирани највисоки малцински права. Сите овие елементи стојат во преамбулите на уставите на голем дел од земјите членки на ЕУ бидејќи се важни за да се дефинира националниот идентитет, а со тоа и посебноста на еден народ и врската на тој народ со сопствената држава
Едно подолгорочно новинарско истражување, консултации, разговори и интервјуа со уставноправни експерти и професори по право од земјава и од странство дијагностицираат индикатори што фрлаат светлина за сега „јасно видливо систематско поткопување на македонскиот устав преку многубројните амандмански интервенции во највисокиот правно-политички акт, особено во делот на преамбулата“. Според повеќето соговорници со кои се консултиравме, тоа „упатува на јасна намера да се прекине историската врска на македонскиот народ со сопствената држава“!
Имено, „Нова Македонија“ во серија написи посочуваше на ваквите трендови и од тие причини постојано ги актуализира прашањата во врска со Уставот, како темел, фундамент на државата и како највисок политичко-правен акт од кој треба да тргне крвотокот на целиот политичко-правен систем во државата. Симптоматична дијагноза на многу реномирани експерти е дека „Уставот треба да се ослободи од накриво насадените амандмански интервенции, кои не беа во функција на негово подобрување, туку придонесоа тој да стане целосно дисфункционален и во директна колизија со она што значат вистински европски правни практики“.
Од тие причини, секоја евентуалната промена на Уставот мора да биде исклучиво поради внатрешни наши потреби, при што највисокиот државен правно-политички акт треба да се врати во рамките во кои Уставот би бил во центарот на државата и правото, функционален, чисто и недвосмислено срочен, правно уважен и почитуван без исклучок, со преамбула во која се дефинира уставниот концепт на национална (а не граѓанска) држава, со еден носечки државотворен народ и малцински заедници со загарантирани највисоки малцински права, според меѓународното право и меѓународната пракса, која гарантира стабилни и суверени држави со одржлив раст и развој.
Имено, во врска со ова, во преамбулите на уставите на голем дел од земјите членки на ЕУ се дефинира националниот идентитет, а со тоа и посебноста на еден народ и врската на тој народ со сопствената држава. Но, за жал, во Македонија беше направено спротивното, со амандмански интервенции во преамбулата, што инаку е правен преседан сам по себе, всушност се прави инженеринг како да се избрише државотворната улога на македонскиот народ и како да се прекине секаква врска на државата Македонија и македонскиот народ. Крајната цел е Македонија да се претвори во административна територија без народи, туку со граѓани или заедници, што е клучен чекор за бришење на македонскиот идентитет како автохтон на овие простори. На овој наш внатрешен експеримент се надоврзаа и хегемонистички инспирирани центри, особено од соседството, при што нашата „идентитетска аморфност и инфериорност“ ја искористија за наметнување меѓународни договори (надвор од принципите меѓународното право) што ги прифативме и кои дополнително нѐ ставија во процес на национално гниење и трансформација.
Токму затоа Македонија мора да создава услови за да се направи нов решителен чекор, не во насока да ги задоволи условувањата од Брисел и одредени земји членки на ЕУ, туку поради потребата да се зачува историскиот континуитет на македонската држава и на македонскиот народ како стожерен и главен носител на државноста, остварена, меѓу другото, и со помош на малцинствата што живееле на оваа територија и кои веќе се опфатени во преамбулата. Тоа е единствениот начин земјава сама да си ги обезбеди потребните гаранции дека никој во иднина нема да го загрозува македонскиот идентитет, било да го прави тоа однадвор или однатре.
– Кога ќе се направи еден хронолошки преглед на тоа кога и како се правени амандманските интервенции во Уставот, не може, а да не се забележи една очигледна тенденција смислено да се одзема силата на највисокиот правно-политички акт, да се поткопува и да ја губи смислата на национален концепт на устав на една унитарна држава. Систематски се правени измените, да не биде наеднаш, менувани се одредени зборови во преамбулата, без оглед што и само еден збор суштински менува многу. Тоа е децениски процес и едно класично систематско демонтирање на уставниот поредок во земјава – констатираат дел од експертите.

































