На Педесетница, преку Светиот Дух се востанови Црквата и Светиот дух ги преобрази апостолите, кои, а преку нив и човекот, од смртни луѓе, станаа живи членови на воскреснатото тело Христово.
– „Со Божјата благодат се чистат и нашите гревови. Никој не може да добие светост без таа Божја сила. Благодатта од Светиот Дух ни помага и нѐ крепи во сите наши немоќи против злото во овој свет – ни вели отец Стефчо Беќарски, свештеник во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје

В НЕДЕЛА Е ПРАЗНИКОТ ПЕДЕСЕТНИЦА, ЕДЕН ОД ДВАНАЕСЕТТЕ ГОЛЕМИ ПРАЗНИЦИ ВО ПРАВОСЛАВИЕТО

Педесет дена по Велигден, а десет дена по Христовото вознесение на Небесата, го празнуваме празникот Педесетница, кој е празник на Светата Троица, на нејзините три личности – Отецот, Синот и Светиот Дух, со што учиме дека Бог е Троичен – дека постои како три ипостаси, кои ја имаат истата суштина. Педесетница е еден од дванаесетте големи празници во православието.
Цел на вочовечувањето на Исус Христос е луѓето да го примат Светиот Дух и да станат членови на телото Христово, и така да станат живеалиште на Троичниот Бог. Затоа и цел на духовниот живот е учеството во Светиот Дух, преку Кого стануваме живи членови на Црквата и на телото Христово и имаме заедница со Троичниот Дух. На Педесетница, преку Светиот Дух се востанови Црквата и Светиот дух ги преобрази апостолите (учениците), кои, а преку нив и човекот, од смртни луѓе, иако и претходно имаа заедница со Христа, сега со силата и дејството на Светиот Дух, станаа живи членови на воскреснатото тело Христово.
Пред да се вознесе на Небесата, Христос им заповеда на Своите ученици да се вратат по Неговото вознесение во Ерусалим и да останат таму додека не се облечат со сила, одозгора, од Небото, ветувајќи им дека ќе го примат Светиот Дух, за кого Спасителот зборуваше за време на Својот живот и кој ќе го преобрази нивното целокупно битие и ќе им стане духовно оружје во борбата против непријателот.
Без Духот, Единородниот Син е непоимлив (свети Григориј Ниски). Апостолот Павле вели дека никој не може да Го нарече Исуса Господ, освен преку Светиот Дух (1 Кор. 12,3). На денот на Педесетницата, Светиот Дух слезе врз апостолите и така и Тој го прослави Синот (Лав Мудриот).
Каде што е Христос, таму е и Духот. Каде што е Духот, таму е и Христос. Светиот Максим Исповедник вели дека во сите луѓе, на различен начин во секого, дејствува Светиот Дух. Светиот Дух ги просветлува, усовршува, осветува и озарува луѓето, а Самиот не се усовршува, бидејќи Тој е совршен Бог. Затоа, и апостолите, кои биле несовршени, ги усовршил. На Педесетница апостолите разбрале дека Светиот Дух е посебна личност, а не обична Божја енергија.
Волјата на Отецот е и волја на Синот и на Светиот Дух, и обратно. Светиот Дух дејствува во луѓето кои стануваат многу радосни и треба да одговорат на неговото дејство со својата природна волја, бидејќи Бог не ја прегазува нивната слобода.
Помеѓу многуте дарови во кои се облекува оној кој го прима дарот на Светиот Дух се и преподобниот живот, кога човекот се бори да ги запази Божјите заповеди и да ја живее чистотата на душата и на телото, брачниот живот во Христа во општествените услови, пастирското служење во Христа со многу грижи… Така, Светиот Дух го устројува целото устројство на Црквата, која е телото Христово.

Светиот Василиј Велики вели дека кога ги примаме даровите што ги разделува Светиот Дух, најпрво Го среќаваме Оној кој разделува, односно Светиот Дух, потоа Го поимаме Оној Кој испраќа, односно Синот, и во продолжение се издигнуваме кон изворот и кон причината на добрата, а тоа е Отецот. Светиот Симеон Нов Богослов вели дека ако Христос е вратата, тогаш Светиот Дух е клучот преку Кого ја отвораме вратата и така стигнуваме во домот на Отецот. Преку Светиот Дух се очистува срцето на човекот, Го познава Христа и потоа се издигнува кон Отецот.
Светиот Дух ги претвора даровите во тело и крв Христови, а ние се причестуваме со чесните дарови и стануваме живеалиште на Троичниот Бог. Отците учат дека иако Светиот Дух дејствува во сите луѓе, сепак, секој човек учествува во Неговите енергии согласно на својата приемчивост. Треба да имаме приемчив орган за да ги примиме разновидните дарови на Светиот Дух.
За светата Педесетница, прекрасни појаснувања ни дава отец Стефчо Беќарски, свештеник во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, кој вели дека споменот на овој Господов празник нѐ потсетува на едно неописливо и возбудливо чудо.
– Имено, апостолите, простите галилејски рибари, кои не посетувале никакви световни школи, почнале да зборуваат за премудрото Христово евангелие и тоа на разни јазици. До скоро преплашени од еврејските гонители, сега бодро зборувале за Христа Месијата и неговото спасоносно Евангелие. Што било причина за нивната чудесна промена? Исполнетото ветување на Христа дека „Тој си оди, но да не се плашат, нема да ги остави сираци, туку ќе им испрати друг Утешител, Духот на вистината, кој ќе ги научи на сѐ што ќе зборуваат“. Просветени со Божјата благодат, излеана преку Светиот Дух, апостолите постанале нови битија. Од нивните усти се слушало Словото Божјо, онака како што и во Стариот завет зборуваа помазаниците Божји. Секој што ќе ја прими таа Божја благодат се просветува. Неговиот ум е озарен од Светиот Дух и проникнува во божествените тајни – напоменува отец Стефчо Беќарски на почетокот од разговоров.
Отец Стефчо додава дека со Божјата благодат се чистат и нашите гревови. Никој не може да добие светост без таа Божја сила. Благодатта од Светиот Дух ни помага и нѐ крепи во сите наши немоќи против злото во овој свет.

– Таа ни дава утеха во секоја тага и несреќа. Затоа Светиот Дух го именуваме како утешител, оти им дава сила и утеха на сите што страдаат за Божјата правда. Радоста од Светиот Дух е потполна, блажена и неспоредлива. Таа благодат не ни се дава по наша заслуга, туку е дар од Бога, со неа можат да бидат дарувани само членовите на Божјата Црква -вели Свештеникот Беќарски кој во продолжение зборува за светите тајни.
А членството се здобива преку првата света Тајна – Крштението, во која се ослободуваме од гревовноста на првородниот грев, а и од, доколку се крштеваме на поголема возраст во која имаме одговорност за нашите согрешенија, други гревови.
– Преку следствената задолжителна света Тајна – Миропомазанието, како веќе новородени во вечноста на Црквата се поткрепуваме и зајакнуваме со печатот на Светиот Дух, да бидеме цврсти во духовниот раст. За да бидеме реални членови на Христовата Црква, која е Негово тело, ја примаме и светата Причест, која е вистинското тело Христово, па затоа, кога Светиот Дух ќе слегне на лебот и виното, преку Божјата благодат, на секоја света Литургија, лебот и виното, постануваат вистинско тело и крв Христови. Од ова произлегува едната вистина, дека надвор од Црквата нема света Причест – вели отец Стефчо Беќарски.

Да ја спомнеме и светата Тајна покајание и исповед, каде што повторно преку Божјата благодат, на таинствен начин, добиваме ослободување (прошка) на гревовите.
– И така следствено и преку преостанатите три свети Тајни – бракот, свештенството и елеосветување – како преку некои непресушни извори, постојано во Светата Црква тече изобилно благодатта Божја дарувана преку Светиот Дух. Тие извори започнале да течат на денот на света Педесетница, течат сѐ уште и никогаш нема да престанат да течат во Христовата Црква. Затоа Благодатта што ги преобразила светите апостоли, кои ја ширеле основата на Христовата Црква, ќе ги преобразува и сите други нејзини членови во иднина додека трае векот. Погледнете го црковниот календар! Во него се запишани имиња на безброј мажи и жени, учени и прости, од разно време и место. Сите тие се херои на духовната борба и победа, потпомогнати со Божјата благодат. Од убијци, крадци и други неморалности, преобразени со Благодатта постанувале светии -завршува отец Беќарски.

Живко Здравкоски