ВО ООУ „БЛАЖЕ КОНЕСКИ“ ВО ПРИЛЕП ОДБЕЛЕЖАН МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН
НА ЛИТЕРАТУРАТА ЗА ДЕЦА
Учениците и наставниците од ООУ „Блаже Конески“ од Прилеп годинава Светскиот ден на литературата за деца им го посветија на македонските поети за деца и го одбележија со рецитирање песни од македонски автори со кои израснале и сѐ уште растат многу генерации. Како што вели училишната библиотекарка Вера Искова, со оваа активност сакале да ги тргнат прашинките заборав од безвремените стихови на Ванчо Николески, Васил Куновски, Стојан Тарапуза, Боро Ситниковски, Перо Миленкоски…
– Нашите ученици од одделенска настава го делеа мегданот во рецитирање, деветтите одделенија твореа акростихови на поими поврзани со споменатиот ден, на платно течеа драгите ликови на македонските поети за деца, а училишниот хор создаде особен шарм и атмосфера бидејќи изведуваше познати детски песни на текст од македонски поети. Кој ќе остане рамнодушен кога ќе ги чуе звуците на „Во светот на бајките“ или „Дајте музика“ од поетот Васил Пујовски -раскажува библиотекарката Вера Искова, која исто така пишува поезија.
Со својата поезија, настанот го збогатија роднокрајните авторки Мирјана Славеска, Блага Тутеска и Вера Искова. На учениците што рецитираа, поддршка им беа нивните наставници.
Многубројните активности за одбележување на овој значаен ден умешно беа вклопени во складна целина благодарение на наставничката Виолета Христоска и библиотекарката Вера Искова.
– Светскиот ден на литературата за деца го одбележивме достојно за почит, а доказ ни се широките насмевки и позитивната енергија генерирана од детските срца. Нека расте љубовта кон поезијата и целата литература за деца – порачува Искова.
Инаку, Светскиот ден на литературата за деца се прославува од 1967 година во чест на роденденот на данскиот книжевник и еден од најголемите автори на бајките Ханс Кристијан Андерсен.
Ф.Д.