Со одлуката на американскиот претседател Бајден да дозволи употреба на проектили со долг дострел од типот АТАКМС за гаѓање цели на руска територија се создава можност за прогласување вонредна или воена состојба во САД, дури и за отворање конфликт од поширок размер. Со таквата одлука се суспендираат сите извршни институции на власта, вклучувајќи ја и изборната волја на американските граѓани, при што досегашниот претседател Бајден останува на власт, со сите ингеренции што ги има. Со тоа, како врховен командант на вооружените сили може да продолжи да носи полноважни одлуки од воен карактер. Токму и хипотезата на нашите соговорници, експерти од областа на меѓународното право и добри познавачи на меѓународните услови, се темели на американските уставни принципи, кои формалноправно овозможуваат сценарија што експертите стручно ги елаборираат во анализата што следува
Контроверзна одлука на Џо Бајден што би можела да спречи мирен трансфер на власта во САД, а да активира нешто досега невидено
По убедливата победа на републиканскиот кандидат Доналд Трамп на неодамнешните претседателски избори во САД, неговата противкандидатка од редовите на демократите Камала Харис, признавајќи го изборниот пораз, истакна дека ќе следува мирно предавање (трансфер) на власта, што официјално треба да се случи со почетокот на следната година.
Имено, на 20 јануари 2025 година, 78-годишниот Трамп ќе ја преземе функцијата како 47. претседател на земјата и прв претседател што освоил два непоследователни мандати од Гровер Кливленд во 1890-тите. Тој е најстариот избран претседател во историјата на САД.
Но со дистанцирањето на Харис по изборниот пораз и ветувањето дека ќе следува мирен трансфер на власта, Бајден опкружен со т.н. „воени јастреби“ околу него, целосно скршна од таа линија и дури во последно време можат да се слушнат најави дека „луѓето во поблиското негово опкружување не се подготвени да се откажат од власта“ и дека „за таа цел ќе ги искористат сите можни алатки да го спречат Трамп да ја преземе претседателската функција“!
Со други зборови, луѓето блиски до Бајден ќе сторат сѐ што е во нивна моќ, па дури преземајќи и радикални чекори, само за да го спречат процесот на трансфер на власта во САД, занемарувајќи ја изборната волја на Американците.
Кој посакува САД да влезат во вонредна или во воена состојба?
Сериозни индиции дека работите се движат во таа насока е последната одлука на актуелниот американски претседател Џо Бајден да дозволи употреба на моќни ракети со дострел од 300 километри за гаѓање цели на руска територија, што за добар дел од светската јавност е изненадување.
Досега Бајден ѝ дозволи на Украина да користи американско оружје на цели во Русија само за одбрана на руската офанзива во источниот украински град Харков. Овде Вашингтон ја одобри употребата на системот за ракетни фрлачи од типот „химарс“ со дострел од околу 80 километри. До оваа одлука имаше ограничувања за употребата на Армискиот тактички ракетен систем. Украинскиот претседател Володимир Зеленски со месеци бара одобрување за напади подлабоко во руската внатрешност и веќе изрази задоволство од последната одлука на Бајден, кратко изјавувајќи дека „ракетите ќе зборуваат понатаму“.
Одлуката на администрацијата на Бајден ја коментираше и синот на Доналд Трамп, кој остро го критикуваше овој потег.
– Изгледа дека воено-индустрискиот комплекс сака да се погрижи да започне трета светска војна пред татко ми да добие шанса да постигне мир и да спасува животи. Проклети да сте, имбецили – остро реагираше Доналд Трамп Џуниор.
Одлуката ја коментираа и луѓето блиски до новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп. Илон Маск, кој ќе го води Одделот за ефикасност на американската администрација во мандатот на Трамп, се вклучи во дискусијата на социјалната мрежа Икс. На статусите во кои се наведува дека „либералите ја сакаат војната“, Маск напиша „вистина“.
Од Русија стигнаа предупредувања за ескалација поради украинската употреба на американско оружје со поголем дострел.
– Доколку проектилите испорачани од САД бидат истрелани длабоко во Русија, Москва ќе го смета нападот не за украински, туку за американски. Очигледно е дека администрацијата на Бајден во заминување има намера да преземе чекори за да долее масло на огнот и дополнително да ги ескалира тензиите во овој конфликт – истакна портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Повеќе од извесно е дека одлуката на Бајден за употреба на американско оружје со долг дострел за напади на цели длабоко на руска територија значи дека работата се усложнува и е една од алатките САД намерно да се донесат во ситуација на вонредна, па дури и во воена состојба, користејќи ги до последен момент ингеренциите на актуелниот американски претседател (жртвувајќи ја Америка како колепка на демократијата, како и недвосмислената одлука на граѓаните на изборите), носејќи ја земјата во гореспоменатата состојба, само за да се остане на власт, а да се суспендираат другите демократски столбови на американската власт.
Ако се земат предвид изјавите на официјален Кремљ, тогаш со употребата на ракетите со долг дострел логично САД влегуваат во војна со Русија, при што мора да се прогласи воена состојба и во таков случај Бајден останува на власт сѐ додека не биде надмината воената закана и додека не биде донесена нова одлука за укинување на вонредната или на воената состојба. Во меѓувреме, трансферот на власта не би можел да се реализира и ќе се чека „нормализирање“ на состојбата, што би можело да потрае многу подолго.
Што кажуваат експертите за ваквото хипотетичко сценарио?
Експертите од областа на меѓународното право и добри познавачи на геостратегиските состојби не исклучуваат можност дел од луѓето на блиското опкружување на Бајден да одат до крајот само за да се спречи трансфер на власта и Бајден и натаму да продолжи да ја врши функцијата со полн капацитет, што тие веќе јасно го ставаат на знаење.
– Сите овие работи, како и последната одлука за употреба на ракети со долг дострел за стрелање врз цели во Русија, се всушност потези со цел да не се дозволи примопредавање на власта. Затоа Бајден оди со ваква одлука, која де факто би довело до прогласување воена состојба во САД и на тој начин да му се овозможи да остане на власт. Ако биде прогласена воена состојба, тогаш останува Бајден, исто онака како што Зеленски остана на власт во Украина иако мандатот му заврши, но со оглед дека во земјата има прогласено воена состојба, таму немаше избори и состојбата остана иста. Доколку САД прогласат воена состојба, на пример поради евентуално руско бомбардирање на Киев или Харков или кој било друг украински град, или, пак, на нуклеарните постројки во Запорожје, Бајден останува претседател. Во тој случај, секако ќе профитираат воено-индустрискиот комплекс и длабоката држава. Ваквите одлуки се носат од длабоката држава и поразените сили на Демократската партија и луѓе околу Камала Харис – вели Игор Јанев, професор по меѓународно право на Институтот за политички студии во Белград.
Уште едно сценарио за да остане Џо Бајден на власт
Професорот Јанев, за читателите на „Нова Македонија“, елаборира уште едно сценарио, во кое повторно досегашниот претседател на САД, Џо Бајден, би останал да ја врши својата функција во полн капацитет.
– Еве уште една интересна хипотетичка ситуација што може да побуди интерес во јавноста како теориска варијанта:
Имено, доколку се случи да биде извршен повторно атентат на Трамп, што не е исклучено во ваква зовриена атмосфера, електорите ќе ја изберат во декември Камала Харис за претседателка, ако нема друг противкандидат. Тогаш, републиканците незадоволни од ова решение, би можеле да иницираат дури и граѓанска војна во САД. Едно од алтернативните приоди за прогласување вонредна или воена состојба би можело да биде и глобален хакерски напад, како и напад со употреба на EMP (електромагнетно пулсирачко оружје) – ја дополнува својата изјава за нашиот медиум д-р Игор Јанев, професор по меѓународно право на Институтот за политички студии во Белград, притоа додавајќи дека сега Трамп треба да му се јави на Путин и да го спречат Бајден во намерата по секоја цена да ја задржи власта.
Според Јанев, за реакција на Трамп има помалку од 40 часа бидејќи за 48 часа Зеленски може да тргне во акција на бомбардирање на Русија.
Идејата е Бајден да остане на власт и покрај јасно изразената демократска волја на американските граѓани
И други аналитичари, соговорници, коментираат дека е изненадувачка одлуката на Бајден, кој наместо мирно да го доврши мандатот, носи одлуки што радикално ја менуваат ситуацијата на безбедносен план не само на боиштето во Украина туку и во САД.
– Изненадувачки беше тоа што противкандидатката на Трамп на претседателските избори, Камала Харис, мошне долго не се огласи по изборниот пораз. Немаше обраќање до јавноста по завршувањето на изборниот процес, туку дури следниот ден. Она што беше особено интересно во нејзината изјава, тоа беше дека „ќе овозможат мирен трансфер на власта“, односно она што е својствено во високата американска демократија. Според аналитичарите, очигледно е дека со изјавата се работеше за некаква порака, поточно предупредување на Харис дека дел од демократите нема да се согласат со мирен трансфер на власта и дека ќе проблематизираат. По таа изјава, ја снема Харис од политичката сцена, како таа да кажа нешто што не требаше јавно да го изјави. Очигледно, според аналитичарите, од оваа перспектива, имало вистина во тоа. Имено, сегашниот потег, идентификува амбиција за „останување на власт по секоја цена“. Бајден буквално во пет до 12 повлекува потег (одлука), да дозволи употреба на моќно американско оружје за уништување цели на руска територија пред да се збогува со функцијата. Тоа е всушност класичен „инструмент на демократите да спречат трансфер на власта“. Аналитичарите тврдат дека нема друга логика за да се објасни ваквата одлука на Бајден донесена во последен момент, освен дека „неолибералите ќе се обидат креирајќи вонредна или воена состојба во САД да го задржат владеењето, односно трансферот на власта во јануари воопшто да не се случи“. Идејата е Бајден да остане на власт и покрај јасно изразената демократска волја на американските граѓани. Ова можеби на прв поглед изгледа неверојатно, но развојот на настаните и потезите што се влечат упатува на едно такво сценарио – заклучуваат аналитичарите.
Кои се ракетите АТАКМС што имаат потенцијал да предизвикаат апокалиптично сценарио?