Вие ни јавувате
Основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ од Скопје повеќе од 50 години изведува воспитно-образовна програма со ученици со нетипичен развој. Речиси толку време функционира и училишната библиотека како значаен ресурс за изведување на наставата во училиштето. Како место каде што учениците креативно се изразуваат и творат, библиотеката со задоволство ја посетуваат учениците од училиштето, но и учениците што го посетуваат ресурсниот центар.
Секоја година директорката Лорета Андреевска се грижи за доопремување на библиотеката со книги и средства приспособени на потребите и можностите на учениците. Поттикнати од заинтересираноста за книгите произлезе и идејата за проектот „Посебни сме – ги сакаме книгите“.
Во соработка со Библиотекарското здружение на Македонија, кое е партнер на проектот, а финансиски поддржан од Министерството за култура, проектот се реализира во текот на 2024 година. На 27 ноември во просториите на училиштето беа промовирани активностите од проектот. Пред присутните гости: директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Јовица Никчевски, претседателката на Библиотекарското здружение на Македонија, Јана Михајловска, Зорица Јаковлеска-Спировска, проф. д-р Наташа Чичевска Јовановска и проф. д-р Гоце Наневски, учениците ги презентираа активностите што ги изведуваа и готовите производи од својата работа – репарирани стари книги и изработени торбички.
Координаторката на проектот Славица Тодорова го потенцира значењето на овој тип работа на учениците за развивање на нивните мануелни способности и за поттикнување на нивниот развој во насока на подоцнежна конкурентност на пазарот на трудот. Стручната соработничка Катерина Величковска ги презентираше визуелните материјали подготвени за реализирање на работилниците. Специјалните едукаторки и рехабилитаторки Елеонора Наумоска и Кристина Велковска, со стручна поддршка од Гордана Арсеновска, ја презентираа работата со учениците.
Основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ од Скопје