АТЛЕТИКА
Македонската атлетичарка Адријана Поп Арсова успеа да обезбеди пласман на Светското првенство (СП) во атлетика во Токио 2025, станувајќи првата македонска атлетичарка во историјата што ќе настапи на три светски првенства во низа (Орегон 2022, Будимпешта 2023, Токио 2025). Поп Арсова успеа да го исполни критериумот за учество и се најде меѓу најдобрите 100 маратонки во светот, обезбедувајќи директен пласман преку ранг-листата на Светската атлетика, информира Атлетската федерација на Македонија (АФМ).
Овој резултат е уште еден доказ за континуираниот напредок и професионалниот развој на македонските атлетичари, како и потврда за вредноста на вложувањата во македонската атлетика. СП во Токио ќе се одржи од 13 до 21 септември годинава, каде што најдобрите атлетичари од целиот свет ќе се борат за светската титула. Како што е познато, претходно пласман обезбеди и Дарио Ивановски исто така во дисциплината маратон, што значи дека Македонија ќе биде застапена со двајца маратонци на СП во Токио. Г.И.