Танцот значи сè за мене, тој ме комплетира како личност. Тој е моето бегство од овој осудувачки свет! Тоа е моето безбедно место, вели Анди Исмаили

АНДИ ИСМАИЛ (16), СВЕТСКИ ПРВАК ВО ТАНЦ

На Светскиот џез-танчарски куп организиран од Интернационалната танчарска организација (IDO-Internacional dance organization), кој деновиве се случува во Киелце, Полска, нашиот Анди Исмаили (16) од Гостивар се закити со првото место во категоријата перформативна уметничка импровизација. Менторка и тренерка на Анди Исмаили е Андријана Петковски, додека кореографијата во модерен балет е дело на Карол Ментол од Полска.
Овој успех беше повод да поразговараме со него за неговиот најнов успех, за претходните активности и постигнувања, за танцот и за идните планови.
– Оваа награда ја добив во конкуренција од 72 танчари од целиот свет. Ми значи многу, но сепак сметам дека сум само на почетокот од она што сакам да му го покажам на светот. Сѐ уште не сте го виделе најдоброто од Анди – низ смеа вели тој.
Анди е на сцената од мала возраст и одлично се чувствува кога е таму, добитник е на високи награди на државно и на меѓународно ниво. Исмаили е петкратен светски шампион, еднаш вицешампион и еднаш европски шампион.
– Секако дека титулите ми значат многу, бидејќи чувствувам дека целиот мој труд се исплател – ни рече Анди.
Но на прашањето кои се неговите идни цели и планови, тој не сака да открива премногу.
– Не сакам да зборувам за моите идни цели и планови, бидејќи се поврзувам со цитатот „помалку зборување, повеќе танцување“. Затоа, мојата прекрасна публика ќе мора да почека и да ме види како успевам, бидејќи не сакам да им откријам ништо однапред! Сакам сè да биде изненадување – категоричен е овој амбициозен 15-годишник.
Светот и Европа, а полека и Македонија, сфаќа каков млад уметник имаме во името Анди Исмаили. И веројатно сите негови досегашни достигнувања не би постоеле да не беа неговата пожртвуваност, посветеност и длабоко чувствување на танцовата уметност.
– Танцот значи сè за мене, тој ме комплетира како личност. Тој е моето бегство од овој осудувачки свет! Тоа е моето безбедно место – искрен е Анди Исмаили.
Неговата љубопитност кон уметноста не завршува со танцот. Напротив, тој навлегува и ги спознава и другите уметности.
– Исто така многу сакам да глумам и неколкупати имам пробано да се занимавам со манекенство! Глумата многу ми помага да испорачам извонреден перформанс преку моите емоции и затоа толку многу ја сакам! Исто така, учествував во краток филм наречен „BreakFree“, каде што бев главниот лик. Тоа беше прекрасно искуство. Имам желба и многу сум отворен да пробам нови нешта што имаат врска со уметноста – раскажува инспиративниот Анди Исмаили.
На крајот го замоливме да ги охрабри неговите врсници да бидат упорни во остварувањето на своите желби, особено оние што имаат талент за некоја уметност.
– Им препорачувам на младите да работат напорно за остварување на своите соништа, да веруваат во себе и да не дозволуваат некој да ги обесхрабри – рече тој.

Ф.Д.