Анджеј Дуда / Фото: ЕПА

Како реагираше официјален Вашингтон на повикот на полскиот претседател Анджеј Дуда, САД да пренесат нуклеарно оружје на полска територија? Имено, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс истиот ден кога беше објавено интервјуто на Дуда (во четвртокот) изјави дека „тој би бил шокиран доколку претседателот Доналд Трамп сака нуклеарното оружје да се движи понатаму на исток во Европа“

Нуклеарни „предизвици“ во срцето на Европа

Полскиот претседател ги повика САД да пренесат нуклеарно оружје на полска територија. Полскиот претседател Анджеј Дуда го образложи тоа во јавноста како „одвраќање против идната руска агресија“!
Токму за ова прашање, според реномираниот медиум „Фајненшл тајмс“ (во текст/интервју со Дуда, објавен пред два дена), полскиот претседател Анджеј Дуда рекол дека неодамна разговарал со специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина и Русија, Кит Келог.
– Границите на НАТО се поместија на исток во 1999 година, па 26 години подоцна, инфраструктурата на НАТО исто така треба да се движи кон исток. За мене тоа е очигледно – го цитира „Фајненшл тајмс“, Анджеј Дуда во интервјуто.
– Побезбедно би било ова оружје да биде веќе во земјата – додал полскиот претседател Анджеј Дуда.
Во истиот контекст, советникот на полскиот претседател Анджеј Дуда за меѓународни прашања, Војчех Коларски, се надоврза на ставот на својот претседател со интервју за полското радио РМФ ФМ. Тој во интервјуто излезе со цврсто становиште дека „нуклеарната заштита ќе ја подобри безбедноста на Полска, членка на НАТО на источното крило на Алијансата што граничи со Украина, Белорусија и со руската територија Калининград“.
Од друга страна, пак, политичкиот противник на Дуда, полскиот премиер Доналд Туск, повеќе сака да се потпре на Европа. Имено, полскиот премиер Доналд Туск минатата недела изјави во јавноста дека „Полска преговара со Франција во врска со неодамнешниот предлог на францускиот претседател Емануел Макрон да се користи француското нуклеарно оружје како нуклеарен чадор за заштита на континентот од руските закани“.
Москва на ваквата изјава веднаш реагираше нарекувајќи ја „екстремно конфронтирачка идеја“.

Реакции од Вашингтон за идејата на полскиот претседател Анджеј Дуда

Во гореспоменатото интервју за „Фајненшл тајмс“, полскиот претседател Анджеј Дуда отворено ги повика САД да распоредат нуклеарно оружје во Полска. За потсетување, официјална Варшава и во 2022 година го направи истото тоа, кога упати апел до администрацијата на Бајден.
Како реагираше на ова официјален Вашингтон? Имено, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс истиот ден кога беше објавено интервјуто на Дуда (во четвртокот) изјави дека „тој би бил шокиран доколку претседателот Доналд Трамп сака нуклеарното оружје да се движи понатаму на исток во Европа“.
– Не сум разговарал со претседателот Трамп за тоа конкретно прашање, но би бил шокиран доколку тој го поддржи ширењето на нуклеарното оружје понатаму на исток во Европа – рече Венс за време на интервјуто за Фокс њуз. Р.С.