Фото: Дом на култура-Кавадарци

Одбележан јубилејот 50 години од воведувањето посебни паралелки за деца со посебни образовни потреби во ОУ „Страшо Пинџур“ во Кавадарци

  • Овој јубилеј не е само бројка. Тој е сведоштво за постојаност, визија и љубов, за хуманост преточена во пракса. За генерации наставници, стручни лица, родители и ученици што чекореле заедно – понекогаш бавно, понекогаш брзо, но секогаш напред, секогаш во насока на креирање подобро, поправедно и поинклузивно општество, вели Верица Петрова

По повод одбележувањето на 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, и одбележувањето на големиот јубилеј 50 години од воведувањето на посебните паралелки во образовниот процес на ОУ „Страшо Пинџур“ во Кавадарци, во салата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ се одржа прекрасна приредба исполнета со многу емоции, топлина и голем број аплаузи. Со настанот насловен „Подај ми рака“, учениците и наставниците од ова училиште покажаа дека Кавадарци е град што верува во секое дете, град што знае дека вклучувањето во образовниот систем не е избор, туку обврска и град што има сила да продолжи да гради иднина во која секој ученик без исклучок ќе има можност да расте, да се развива и да блесне.
Во општината Кавадарци ова училиште повеќе од половина век претставува пример за инклузивна клима, за отвореност, разбирање и за професионализам. Многу други средини во Македонија учеле токму оттука, од наставниците што со посветеност работеле, од стручните служби што создавале модели на поддршка и од заедницата што стоела зад нив.

Прв дипломиран дефектолог од Кавадарци

На почетокот свое обраќање имаше Зоран Велков, првиот дипломиран дефектолог на Белградскиот универзитет од Кавадарци, кој 33 години работи со децата од посебните паралелки.
– Почнувајќи од 1992-та, кога една година волонтирав во училиштето „Страшо Пинџур“ за да се создадат услови за моето вработување, па до денес, целосно сум посветен на децата со посебни образовни потреби. Денес во посебните паралелки работиме шестмина дефектолози, кои моментално ја задоволуваат потребата од ваков кадар. Се разбира, тука е и несебичната помош на голем број општествено одговорни компании од Кавадарци, со донации, финансиски средства, училиштен прибор и најразлична техничка поддршка, за што сме многу благодарни. Со задоволство можам да кажам дека зад нас се 50 успешни години и оти во Центарот за поддршка во учењето на учениците со посебни образовни потреби во „Страшо Пинџур“ досега своето образование го поминаа повеќе од 200 деца со попречености. Затоа и овој пат ја испраќаме пораката на хуманост и посветеност на овој ден, кој е потсетник на љубовта, грижата и безусловната поддршка што секојдневно им ја подаруваме на нашите ученици. Тоа е нашата сила, нашата верба и нашата заедничка радост – истакна Зоран Велков.
Особена чест и радост на приредбата предизвика и присуството на брачната двојка, професорот од Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет Ристо Петров и неговата сопруга, дефектологот Верица Петрова, една од првите учители во посебните паралелки во Кавадарци, сега и двајцата во пензија. Тие целиот свој работен век го им посветија на лицата со попреченост.

Столб на поддршка и прифаќање

За Верица Петрова посебните паралелки во Кавадарци со децении претставуваат столб на подршката, развојот и прифаќањето за учениците со посебни образовни потреби.
– Овој јубилеј не е само бројка. Тој е сведоштво за постојаност, визија и љубов, за хуманост преточена во пракса. За генерации наставници, стручни лица, родители и ученици што чекореле заедно – понекогаш бавно, понекогаш брзо, но секогаш напред, секогаш во насока на креирање подобро, поправедно и поинклузивно општество. Денес го одбележуваме 3 Декември со јасна цел: да се унапреди разбирањето за попреченоста и да се мобилизира поддршката за достоинство, права и благосостојба за нив. Значењето на овој ден не е само во одбележувањето туку и во потсетувањето дека секој наш чекор – во училиштата, во институциите, во заедницата – е дел од пошироката глобална мисија за создавање општества што нема да исклучуваат, туку ќе охрабруваат и ќе вклучуваат. Тиквешкиот Регион дал голем број стручни кадри што учествувале во институционалниот живот и во оние најтопли човечки вонинституционални облици на подршка. Кадар што придонел не само локално туку и станал ресурс за целата држава, покажувајќи дека вистинското значење секогаш оди заедно со срцето. Нека следните 50 години бидат уште посветли, уште поуспешни и уште поинклузивни. Секогаш да ни биде чест што сите ние сме дел од оваа приказна – изјави Верица Петрова по повод одбележувањето на овој значаен јубилеј.
Приредбата заврши со промоција на песната „Јас сум само едно дете“, која може да се проследи на јутјуб-каналот на здружението „Подај ми рака“ – Центар за поддршка во учењето ООУ „Страшо Пинџур“.