Полска
В недела, близу 29 милиони Полјаци излегуваат на гласачките места за во вториот круг да изберат нов претседател, кој ќе има петгодишен мандат.
Според анкетите, градоначалникот на Варшава, Рафал Тшасковски, од владејачката Граѓанска коалиција (КО), е малку пред Карол Навроцки, кандидат поддржан од главната опозициска партија Право и правда (ПиС). Овие двајца кандидати претставуваат спротивставени визии за Полска, за нејзините меѓународни односи, безбедносната стратегија и за социјалната политика.
1. Либералната агенда на кандидатот Тшасковски блиска до ЕУ-либералните елити
Рафал Тшасковски (53), човек образован на „Оксфорд“ и син на џез-музичар, се залага за либерална агенда што ги нагласува силните врски со сегашното раководство на Европската Унија (и НАТО). Тој ветува „мирна соработка“ со владата на полскиот премиер Доналд Туск и дека ќе помогне во поништувањето на промените во судството спроведени од ПиС, кои беа под силни критики на либералните елити од Брисел.
Тој рече дека е посветен на либерализација на законите за абортус. Тшасковски верува дека безбедноста на Полска зависи од тоа дали Украина ќе стане членка на НАТО.
2. Конзервативецот и суверенист Карол Навроцки е инспириран од Трамп
Карол Навроцки (42), историчар поддржан од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, се претставува себеси како политички аутсајдер без багаж од минатото, сака Полска да следи пат инспириран од Трамп и верува дека Вашингтон, а не Брисел, е клучниот сојузник на Варшава. Навроцки рече дека по години грешки, вклучувајќи го и климатскиот договор на ЕУ, на Европа ѝ е потребен „силен, конзервативен глас, и тоа од Полска“.
– Ќе ја направам Полска лидер на Европската Унија во трансатлантските односи. Имаме најдобри карти за тоа – рече тој на Конференцијата за конзервативна политичка акција (CPAC). Неговата кампања беше обележана со суверенистичка реторика и фокус на традиционалните вредности. Навроцки е против абортусот и сака рудниците за јаглен да останат отворени сè додека Полска не развие сопствена нуклеарна енергија, а се спротивставува и на миграциската политика на ЕУ. Иако тврди дека ја поддржува континуираната помош за Украина во војната, тој вели дека не би го ратификувал барањето на Киев за членство во НАТО.
Изборите се одржуваат во услови на растечко антиестаблишменско расположение во Полска, при што десницата го постигна својот најдобар резултат досега. Анкетите на јавното мислење очекуваат дека мнозинството гласови на крајната десница ќе одат кај Навроцки.
Р.С.