ПОВЕЌЕСЛОЈНОСТА НА МАКЕДОНСКИОТ СУВЕРЕНИЗАМ
„Нова Македонија“ од неодамна почна со серијал анализи во кои редакцијата се осврнува на повеќеслојноста на феноменот суверенизам (правно-политички суверенитет, територијален суверенитет, економски суверенитет, енергетски суверенитет, културен суверенитет, суверенитет на водите во државава…) и, во тој контекст, за повеќеслојноста и на македонскиот суверенизам, кој доживува длабока ерозија нешто повеќе од три децении. За потсетување, веќе компаративно се осврнавме и кон општествениот феномен наречен (нео)либерализам, како целосен идеолошки – доктринарен антипод на суверенизмот, а сето тоа заради добивање целосен и објективен впечаток за читателот.
Редакцијата на „Нова Македонија“ се надева дека со серијалот што продолжува ќе фрли дополнителна светлина на новите и уште потешки предизвици пред нашата нација и држава, а на јавноста ќе ѝ овозможи да отвори нови и пошироки видици за чекорење по патот што чека да биде изоден во блиска иднина. За таа цел, во продолжение ќе направиме темелен осврт на суверенизмот (идеологија и доктрина што го поддржува стекнувањето или зачувувањето на политичката независност на една нација) како повеќеслоен општествен феномен.
- Со првиот устав на независна Македонија од 17 ноември 1991 година, таа беше „дефинирана како национална држава на македонскиот народ, во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија…“ Албанците преку нивните политички претставници уште веднаш го отфрлија Уставот со ваквата преамбула, незадоволни од нивниот прокламиран уставен статус како национално малцинство, односно поради тоа што не беа прогласени како „еден од двата државотворни народа и носитела на суверенитетот на Македонија, паралелно со македонскиот народ“
Три децении трае без прекин, сѐ до денес, длабокото поткопување на македонскиот суверенизам, на суверенитетот на Македонија како држава, но и обидите за целосно поништување на македонскиот идентитетски комплекс, сочинет од идентитетот, јазикот, културата и историјата на македонскиот народ. Со првиот устав на независна Македонија од 17 ноември 1991 година, таа беше „дефинирана како национална држава на македонскиот народ, во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија…“ Албанците преку нивните политички претставници уште веднаш го отфрлија Уставот со ваквата преамбула, незадоволни од нивниот прокламиран уставен статус како национално малцинство, односно поради тоа што не беа прогласени како „еден од двата државотворни народа и носитела на суверенитетот на Македонија, паралелно со македонскиот народ“.
По донесувањето на Охридскиот рамковен договор во 2001 година и по масивната интервенција од меѓународниот чинител, олицетворен тогаш од САД и ЕУ, преамбулата беше отстранета со амандман 4 од 16 ноември 2001 година, во кој беше нагласено: „граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите…“ Вкупно дури 15 амандмани беа вметнати во 2001 година во изворниот устав, како резултат на примената на рамковниот договор. Со нив беше прекината македонската уставна приказна, заснована врз државотворните решенија од Првото заседание на АСНОМ од 1944 година, и се удрија темелите на новата „мултиетничка“, поточно „двонационална етничка приказна“ на Македонија.
Но, вмешувањето на меѓународниот фактор во Уставот и неговата „голгота“ започнаа многу порано, по нецели два месеца од донесувањето, со усвојување на амандманите 1 и 2 во 1992 година, доминантно под притисок и барање на Грција. Со амандманот 1, Македонија мораше да наведе во Уставот дека „нема територијални претензии кон соседните држави“, што значи ниту кон својот егејски дел, анектиран од Грција во 1913 година со Букурешкиот договор. Членот 49 дека „Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји…“ беше дополнет со амандманот 2 дека „Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“, што се однесуваше на Македонците во Егејска Македонија, Грција.
Во 2018 и 2019 година следуваше третиот бран на амандмани, насилно наметнати исто така со масивна интервенција на меѓународниот чинител, пак главно од САД и ЕУ, и повторно во полза на Грција. Беа донесени четири амандмани, односно амандманите 33, 34, 35 и 36, произлезени како обврска од Преспанскиот договор. Со амандманот 33, зборовите „Република Македонија“ и „Македонија“ се заменија со „Република Северна Македонија“ и „Северна Македонија“. Со амандманот 34 по вторпат се направени измени во преамбулата: покрај другото, формулацијата „одлуките на АСНОМ“ се замени со зборовите „правните одлуки, кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“. Појасно кажано, по „рамковниот инженеринг“ во 2001 година и „ампутирањето“ на државотворноста на македонскиот народ и националниот карактер на Македонија како држава, во 2019 година со огромни меѓународни притисоци се спроведе и „идентитетски инженеринг“ врз македонскиот народ и Македонија: одземање на името Македонија и идентификациската придавка „македонски“ и нивно припишување на Грција и грчкиот народ како „вистински сопственици“.
Овие денови добиваат нов силен замав обидите за третиот „идентитетски инженеринг“ врз Македонија и врз македонскиот идентитетско-јазичен и историски комплекс, кои траат уште од неговото потпишување во 2017 година.
Овој пат врз основа на Договорот за добрососедство со Бугарија, поточно кажано Бугарскиот договор, под изговор „отворање на преговорите за интегрирање во ЕУ“, Брисел, Бугарија, Франција и Германија вршат жесток притисок за новите уставни промени, односно заради внесување на „бугарскиот државотворен народ“ во преамбулата и да се признае, според вториот протокол, дека Македонците имаат „заедничка историја со Бугарија“ и оти „македонскиот јазик има бугарски темели“.
Почнувајќи од шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, до последниот еврокомесар и емисар што дошол во Македонија да притиска за промена на Уставот, вклучувајќи ги и многубројните европски претседатели, премиери, министри за надворешни работи, амбасадори и емисари што доаѓале во иста „уставна мисија“, сите кажувале и кажуваат едно исто: да го исполниме она што самите сте сме го прифатиле – нова промена на Уставот. Значи, бараат од нас ние самите да го сториме тоа нешто.
Свето Тоевски
Продолжува утре со: Недозволиво е да се задира во сувереното политичко право: Идентитетот и националното самоопределување на секој народ!


































