Според повеќе наши соговорници што се добро упатени во оваа област, „Македонија не треба постојано да оди со отворен гард, со безрезервна доверба и со увереност во искреноста на другата страна“ и априори да заклучува дека „другата страна е чесна и добронамерна“. Нашиот однос треба да биде искрен, но внимателен, и со силна антиципација на чекорите што следуваат во една таква меѓудржавна и меѓуинституционална соработка, каде што досега, за жал, биле заложници, па и заробеници, македонскиот идентитет, јазик, историја…
Никнуваат ли нови никулци на негаторски политики во Грција во полето на културната соработка
Во амфитеатарот на универзитетот „Македонија“ во Солун, во организација на Лабораторијата за култура, граници и родови при Катедрата за балкански, словенски и ориентални студии и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје, неодамна се одржа научна конференција на академско ниво за македонскиот јазик. За овој настан, Весна Мојсова-Чепишевска нагласи дека за првпат се случува конференција на толку високо ниво за перспективите за културна соработка на полето на македонскиот јазик, а во слична насока беше и искажувањето на Владимир Мартиновски, деканот на Филолошкиот факултет, дека се случил еден вид на „духовна гозба“ посветена на македонскиот јазик и литература. Споменатата научната конференција остави позитивен впечаток кај пошироката македонска јавност, а некои ја протолкуваа и како унапредување на македонско-грчките односи, кои во изминативе децении беа нарушени поради наметнатиот проблем за уставното име на Република Македонија и ветото за НАТО и Европската Унија.
Грчки контрадикторности за македонскиот јазик
Повеќе наши соговорници, кои се добро упатени во оваа област, сметаат дека Македонија не треба постојано да оди „со отворен гард“, со безрезервна доверба и со увереност во искреноста на другата страна“ и априори да заклучува дека „другата страна е чесна и добронамерна“. Нашиот однос треба да биде искрен, но внимателен, и со силна антиципација на чекорите што следуваат во една таква соработка во која досега биле заложници, па и заробеници, македонскиот идентитет, јазик, историја итн.
– Навистина, научната конференција на која учествуваа интелектуалци, професори и лингвисти што се ослободени од стегите на политиката беше настан што може да се квалификува како нов позитивен чекор на Грција кон македонските национални особености – јазик, историја, култура итн. Но, тргнувајќи од досегашното искуство и однос на Грција кон Македонија, не би сакале да веруваме дека оваа конференција е обичен параван што треба да го покаже демократскиот капацитет на Грција. Зошто сомневање?! Токму поради Центарот за македонски јазик, кој се соочува со пречки во работењето – издвојуваат нашите соговорници.
Нашите соговорници имаат добра меморија и сакаат да ѝ обрнат внимание на македонската јавност на апсурдниот став на Атина кон македонскиот јазик преку неколку настани што го потврдуваат тоа.
1. Имено, Апелацискиот суд во Кожани одлучи да ја поништи регистрацијата на Центарот за македонски јазик, што беше во спротивност со одлуката на грчкиот суд во Лерин, кој ја потврди законитоста на регистрацијата на оваа невладина организација. Тоа беше протолкувано како признавање на македонскиот јазик од Република Грција и доследно почитување на одредбите од Преспанскиот договор. Регистрацијата, како и подоцнежната забрана на Центарот за македонски јазик, испрати збунувачки пораки, а македонскиот премиер Христијан Мицкоски нагласи дека им се потребни провокации, за ние да изреагираме реципрочно и да направиме нешто што нема никаква врска со нашите интереси.
– Уште еднаш нашите партнери од ЕУ можат да сведочат на непочитување на договореното од страна на нашите соседи, иако јас сум свесен дека тие ќе се вадат дека е тоа судска одлука. Но, нашинците ја имаат нашата поддршка и ќе ги поддржиме во барање на нивното право. Ние како политичари можеме да дадеме логистика, тука е и Европскиот суд за човекови права, така што тие ќе ја имаат апсолутно нашата поддршка. Нема да реагираме како во минатото. Свесни сме дека сè ќе направат нашите соседи за да нè вовлечат во нивната внатрешна политичка расправа и ќе ја направат Македонија како тема, но ние сме одговорни и зрели и нема да го дозволиме тоа – рече Мицкоски по забраната на Центарот за македонски јазик.
Забраната на Центарот за македонски јазик е во спротивност со научната конференција при универзитетот „Македонија“, настан за кој Весна Мојсова-Чепишевска истакна дека се темели на некои претходни објави-настани, како и дека за првпат се случува конференција на толку високо ниво за перспективите за културна соработка на полето на македонскиот јазик.
Нашите соговорници што се добро упатени во оваа проблематика велат дека контрадикторните ставови на Република Грција за македонскиот јазик не се новина, всушност тие се продолжување на вековната грчка политика кон македонските национални особености, вклучувајќи го и македонскиот јазик. Историјата потврдува дека последните контрадикторни случувања поврзани со македонскиот јазик, како што се забраната на Центарот за македонски јазик и промоцијата на македонскиот јазик при универзитетот „Македонија“, не се новитет, бидејќи Грција како држава отсекогаш имала два критериума за македонскиот јазик, еден за меѓународната сцена, а друг за грчката територија, велат нашите соговорници.
Зар не треба да очекуваме позитивна клима за македонскиот јазик во Грција?
Очигледно е дека македонските интелектуалци, професори и лингвисти сосема слободно можеа да ги искажат своите мисли и ставови за македонскиот јазик на научен настан организиран од грчка образовна институција. Но тоа не треба да се протолкува како промена на ставот на Грција кон изучувањето и негувањето на македонскиот јазик на нејзина територија, велат нашите соговорници. Добро упатени лица во оваа проблематика нагласуваат дека современите македонско-грчки односи, како и прашањето за македонскиот јазик во Грција, се обременети од историските процеси што се случуваа во минатото, а се поврзани со политиките на Грција кон македонското прашање.
– Секоја грчка влада од независноста на Грција има свој став за македонското прашање, како и за македонскиот јазик, притоа Грција секогаш се грижела исклучиво за сопствените интереси. Доколку внимателно се анализира повеќевековниот грчки став за македонскиот јазик, очигледно е дека Грција се приспособува на политичките состојби, оттука се забележливи и постојаните промени на Атина кон македонскиот јазик. Во зависност од политичките околности и геополитичката поставеност на Балканот, Атина го менува и својот став за македонскиот јазик. Дека постои грчка метаморфоза за македонскиот јазик потврдуваат повеќе грчки документи и сведоштва во кои македонскиот јазик се именува како бугарски јазик, а Македонците како бугарофони Грци, а подоцна и како славофони или славомакедонци. Со оваа грчка приспособливост може да се објасни и денешната грчка позиција за македонскиот јазик – велат нашите соговорници.
Доколку внимателно се проследи грчката политика кон македонскиот јазик, последната научна конференција за македонскиот јазик во Солун треба да се разбере како манифестација за меѓународната јавност и Европската Унија, во насока дека Грција го почитува Преспанскиот договор, но и дека има демократски капацитет. Грција и во минатото постапувала слично, а таков е и примерот со букварот „Абецедар“ од 1925 година, кој беше објавен во Атина, но под притисок на Друштвото на народите во Женева, велат нашите соговорници.
– Но тоа не значи дека Република Грција ќе дозволи непречено изучување, негување и афирмирање на македонскиот јазик на грчка територија. Напротив, и понатаму треба да очекуваме пречки од грчка страна, бидејќи тоа е во согласност со политиките на Атина за создавање македонска нација, нешто што беше потврдено од Никос Коѕијас, поранешен грчки министер за надворешни работи и еден од потписниците на Преспанскиот договор, дека во Северна Македонија се роди нова нација, како и дека Софија ја нема сфатено етногенезата, во текот на 20 век, на нов словенски народ, славомакедонците – велат нашите соговорници.
Во блиска иднина не би требало да очекуваме промена на грчката политика кон македонскиот јазик, односно не треба да очекуваме воведување на македонскиот јазик во грчките училишта, бидејќи тоа е во согласност со грчките политики за целосно идентитетско обезличување на македонскиот народ.