Учениците деновиве ја обработуваа нивната втора книга во рамките на проектот, „Одврзи-заврзи“ од грчката писателка Еви Герокоста, која одржа онлајн средба со овие мали и весели љубители на литературата.На часот по ликовно децата направиле патики на кои сами ги шнирале врвките и учеле како да ги врзуваат. Секој ученик научил самостојно да си ги врзува врвките на патиките, а тоа ѝ го презентирале и на
писателката, бидејќи јунакот на нејзината книга има осум години и сѐ уште не знае да си ги врзе патиките, а тоа за него е голем проблем
Меѓународниот проект „Наша мала библиотека“ се реализира и во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп
Годинава учениците од 3-3 одделение од прилепското општинско основно училиште „Кире Гаврилоски-Јане“ со нивната наставничка Кети Стевананџија, сакајќи подлабоко да нурнат во благородниот свет на книгите, се вклучија во еден меѓународен проект посветен на поттикнување на љубовта кон книгите, наречен „Наша мала библиотека“.
Тие имаат задача да обработат пет книги што опфаќаат различни теми, а обработката треба да биде на различни начини во зависност од креативноста на наставникот. Тие деновиве ја обработуваат нивната втора книга, според задачата, а станува збор за насловот „Одврзи-заврзи“ од грчката писателка Еви Герокоста, која одржа онлајн средба со овие мали и весели љубители на книгата.
Онлајн средба со писателката Герокоста
Писателката Герокоста им раскажуваше на учениците за нејзиното творештво, но и за изворот на нејзината инспирација, која ја добива од навидум неважни предмети и случувања.
Учениците, пак, на авторката ѝ поставуваа прашања поврзани со книгата „Одврзи-заврзи“. За полесна комуникација беше задолжена преведувачка од англиски на македонски јазик, но некои од учениците успеаја да постават и прашања на англиски.
Средбата заврши со десетминутен квиз, во кој по електронски пат беа вклучени наставници, воспитувачи и дечиња од други градинка и училишта, но третоодделенците на наставничката Кети успеаја да одговорат на најголем број прашања.
Тоа беше нивна прва средба со писателка од ваков вид, на која сите се израдуваа. Тие ја очекуваат наредната средба, која ќе се случи наскоро.
Како што ни откри наставничката Кети Стевананџија, на оваа средба ѝ претходеле анализа и обработка на книгата, што се случувало во текот на неколку училишни дена, а обработката опфатила разнородни активности.
– Секој ученик најпрво ја прочита книгата. На часот по ликовно направивме патики на кои сами ги шниравме врвките и учевме да врзуваме врвки. Секој ученик научи самостојно да си ги врзува врвките на патиките, а тоа ѝ го презентиравме и на писателката. Со училишниот педагог имавме работилница на која разговаравме за стравовите што ги мачат учениците. Во однос на перспективата имавме час на отворено, па спознавме што значи да се гледа надолу, право пред нас и нагоре кон небото – ни објасни наставничката Стевананџија.
Справување со проблемите од најрана возраст
Главен јунак во книгата е едно осумгодишно дете, кое сѐ уште не знаело да врзува врвки и поради тоа секогаш носело чевли со лепенки. Тоа секогаш се чувствувало многу засрамено поради тоа и од таа причина секогаш гледало во нозете на минувачите, не кревајќи го погледот нагоре. Детето не знаело што му се случува и не можело да се справи со чувствата, како страв, гнев, разочараност и анксиозност. Но детето погледнало нагоре, ја променило својата перспектива, ги разврзало своите чувства и успеало да научи да врзува врвки.
Инаку, проектот „Наша мала библиотека“ веќе шеснаесет години успешно ја поттикнува љубовта кон читањето кај словенечките деца од основните училишта и кај децата од предучилишна возраст. Проектот е во организација на КУД „Содобност интернационал“ (KUD Sodobnost International), започнал во 2008 година со 2.500 ученици, потоа се проширил во Полска и во Литванија, а натаму во Хрватска, Естонија и Летонија. Од 2024 година овој проект се спроведува во Италија, Естонија, Грција и во Македонија. Европската комисија на овој проект му го додели насловот „Успешна приказна“, a исто така во 2021 година доби признание и од ИББУ-Словенија.