Поезијата бара убаво одбрани зборови

Од творештвото на писателката Весна Шереметкоска

Весна Шереметкоска (51) е прилепска поетеса, членка на Клубот на литературни творци на Прилеп, која со години твори. Авторка е на повеќе поетски и збирки раскази, романи и други дела. Меѓу книгите што ги потпишува се: „Старецот со кавалот“ и „Жртва на љубовта“, стихозбирката „Под превезот на душата“ и збирката за деца „Бисерчиња“. Со стихови е застапена во голем број антологии, а добитничка е на повеќе награди за поезија и проза. За своето творештво неодамна се закити и со наградата „Трети ноември“ на Град Прилеп.
Според книжевните критичари, „љубовта извира од секој нејзин збор, се бранува како немирно море, отчукува со секој удар на градскиот саат. Таа е авторка која длабоко навлегла во размислите и мошне успешно ги преточува во стихови, кои се правилно и стилски богати со слоевити размисли, проткаени со рима, ритам и епитети“.
За Шереметкоска, која, како што вели, ја бара инспирацијата во секојдневниот живот, да се биде поет е желба да се скроти нагонот во себе, кој постојано те „копка“ да ги постилаш чувствата или приказните на белиот лист хартија.
Во продолжение ви претставуваме дел од нејзиното творештво за деца.

Ка.М.


Сонот на Лео

Лео сони еден сон
на улица сретна слон,
од циркузот избегал тој
го исплашил еден ној.
Па посака Лео
да го земе дома,
да го храни и чува
во својата соба.
Но има една мака
мама дали ќе сака
и дали ќе го собере
да влезе низ врата.
Како проблемот да го реши
не сакаше тој да згреши,
од желбата се откажа тој
од сонот се разбуди свој.

Еже

Еже мало разиграно
низ шумата се загубило
врева голема се крена
го бараат секаде,
но никаде го нема.
Го бараат лево-десно
на секое скришно место,
ја пребараа секоја педа
но никаде го нема.
Леле, леле што ќе биде
што ќе прави зима иде,
мајката кука, плаче,
каде си еженце мало наше.
Од под лисјата глас се зачу
тука сум мамо, немој да плачеш.
Се раздвижија лисја куп
насобрани на неговиот грб.
Не лути се мамо не сум крив
лисјата се набодија
но еве сум жив.

Сонце

Сончко, сончко топол мил,
кажи вчера кај си бил?
Дечиња мили, ништо
не е скришно,
секогаш сум горе на
небото вишно.
Сончко, сончко
не нѐ лажи,
те немаше вчера, к
аде беше кажи?
Дечиња мили,
и вчера
бев на небо
само што ме скри
облаче бело.
Не лутете се деца мили,
и кога не ме гледате
сум тука,
топло милно да ве галам
на насмевки ваши
да се сладам.