Аналитичарите со кои се консултиравме сметаат дека изјавата на пратеничката Сафије Садики од Алтернатива, која во својот говор од собраниската говорница во расправата за реконструкција на Владата рече дека македонската влада ја составувале луѓе од Косово и Албанија, сама по себе, не само што е скандалозна туку е и повеќе од тоа! Фрапантен е нивниот став што упатува дека содржината на споменатата изјава на пратеничката Садики има битие каде што несомнено се препознаваат елементи дека „станува збор за обид за државен удар“?!
ПО СЕКОЕ ОДЕЊЕ НА АЛБАНСКИТЕ ПАРТИСКИ ЛИДЕРИ ВО ТИРАНА СЕ СЛУЧУВА ПОЛИТИЧКИ ЗЕМЈОТРЕС ВО МАКЕДОНИЈА
По последните настани во земјава околу владината реконструкција и влезот на уште една албанска опозициска партија во Владата повторно се наметна дилемата во македонската јавност дали ваквите чекори се резултат на внатрешнополитичките превирања и преструктурирања или, пак, се добро разработено сценарио од центри во соседството, од каде што изминатите неколку години се диктира кој да влезе, а кој да излезе од македонската влада.
Кога на ова ќе се додадат и изјавите за реорганизација на државата ако не се внесат Бугарите во македонскиот устав, тогаш станува повеќе од јасно дека „упатството за работа“ на Владата е претходно доставено и нема простор за никакви импровизации надвор од наводите на „производителот“.
Тиранските „седенки“ ја дестабилизираат Македонија
Сета сомничавост кај македонската јавност има свој претходен историјат, кој само потврдува дека по секоја таква неформална средба во Албанија се случува политички земјотрес во Македонија.
Имено, во јули 2017 година во Тирана се одржа средба на албанскиот премиер Еди Рама со лидерите на албанските политички партии во Македонија, од каде што произлезе таканаречената Тиранска платформа, чие исполнување беше услов за влез на албанските партии во новата македонска влада. Така надворешно октроираната влада го промени уставното име на државата и направи редица отстапки кон Албанците во земјава, почнувајќи од неуставното носење на Законот за употребата на јазиците, укинувањето на притворот на обвинетите во „Монструм“, како и креирањето на специјалната функција прв вицепремиер, на која седна Артан Груби, а која не е ништо друго туку премиер во сенка. Во меѓувреме се спроведе и попис по диктат на албанскиот политички фактор во власта надвор од сите стандарди на Евростат, што резултира со нереални бројки на Албанци во земјава, кои сега се користат за градење статус на државотворен народ во Македонија, наспроти другите заедници, вклучувајќи ја и македонската, која е под засилен асимилаторски удар од страна на Бугарија.
Идентична ваква средба на албанскиот премиер Рама со лидерите на албанските политички партии во земјава се одржа и на почетокот на оваа година (која, според албанскиот премиер, била само седенка за новогодишен прием). Но турбуленциите што потоа одново почнаа да се чувствуваат во Македонија говорат дека таа средба во Тирана не била обична седенка на која се делеле новогодишни подароци.
Потврда дека овие состаноци не се само за обично куртоазно видување стигна од пратеничката Сафије Садики на Алтернатива, која во својот говор од собраниската говорница, во расправата за реконструкција на Владата, рече дека македонската влада ја составувале луѓе од Косово и Албанија.
– Нас нè молеа да бидеме дел од Владата и тогаш не остана човек што не го испрати, од Еди Рама до членови на семејството Јашари. Ние ја зедовме одговорноста и преминувајќи од опозиција во позиција, задоволни сме што нашето мало движење беше големо за Македонија и Албанија, бидејќи ја стабилизира Владата и двете земји добија датум за интеграции во ЕУ – рече Садики.
По ваквите изјави од собраниската говорница при актуелната расправа за реконструкција на Владата, македонските јавност со право се прашува „дали граѓаните на изборите сами одлучуваат за иднината на својата земја или, пак, за судбината на Македонија одлучува некој однадвор“?!
Котлар: Очигледен пример на обид за државен удар
Аналитичарите со кои се консултиравме сметаат дека ваквата изјава е сама по себе скандалозна. Уште повеќе, во консултација со нашите соговорници, професори, но и експерти од правната област, дури фрапантен е нивниот став што упатува дека содржината на изјавата има битие каде што несомнено се препознаваат елементи дека „станува збор за обид за државен удар“?!
– Со оглед дека ваквата изјава е дадена јавно од страна на човек што е присутен во Собранието, мислам дека таа изјава е толку катастрофална во нашиот политички дискурс, така што ако навлеземе суштински во она што е кажано, тоа значи обид за државен удар. Замислете некој однадвор да ви креира не само политики туку и да ви влијае врз извршната власт. Просто сум зачудена како целокупниот политички естаблишмент, целата политичка номенклатура остана нема и без дејство околу таа изјава – вели професорката Наташа Котлар.
Според неа, кога веќе јавно ќе се соопштат вакви информации од собраниска говорница, тогаш мора да има и реакција! Излегува, според мислењето на соговорниците, дека во оваа држава никој надлежен не реагира за ништо за што е со Устав и со закон надлежен и должен да го стори тоа!
– Сметам дека во една таква ситуација веднаш треба да се распушти Собранието, пратениците да се откажат од своето присуство и дејствување во Парламентот и да се поведе кривична постапка за државен удар. Ова е класичен пример за државен удар – истакнува Котлар.
Таа се согласува дека гласот на македонските граѓани е злоупотребен на изборите, бидејќи тие не одлучуваат за иднината на својата земја, туку тоа го прави некој друг.
– Македонскиот гласач само е сведен на едно дејство, да му даде некому мандат, а потоа нема никаква можност да дејствува, да испрашува, да поставува барања, да биде активен чинител во политичкиот живот. Сведени сме на една безначајна маса, која е потребна само да даде глас. Треба македонските граѓани, нацијата, да управуваат со својот политички, економски и општествен живот, а ова веќе е прашање и од безбедносен карактер, бидејќи е школски пример за државен удар – заклучува Котлар.