Саемот на книгата во Скопје е отворен вчера и ќе трае до 14 мај во СЦ „Борис Трајковски“. По неколкугодишна пауза, годинава „Македоника литера“ ќе учествува на саемот. На штандот ќе бидат понудени над 600 наслови од областа на белетристиката, литературата за деца, драмската литература, историографијата, книжевната теорија, книжевната и културната историја, лингвистиката, филозофијата (посебно старокинеската). За време на Саемот на книгата „Македоника литера“ ќе организира и промоции на нови книги. За денеска во 11 часот е планирана промоција на најновата книга на Киро Донев – романот „Дневникот од штрковото гнездо“, а промотор е Нове Цветаноски. На 12 мај, во 13 часот, ќе биде промовирана книгата раскази „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ од Марина Димитриева Ѓорѓиевска, а промотор ќе биде Ранко Младеноски. На 9 и 10 мај, од 11 до 14 часот, гостин на штандот на „Македоника литера“ ќе биде Киро Донев, кој за своите читатели ќе потпишува свои книги.
На саемот ќе се претстави и издавачката куќа „Аз-буки“, која годинава бележи важен јубилеј, 25 години постоење и издаваштво на македонски јазик. Препознатливата едиција „Филозофија“, едицијата „Филозофски дисциплини“, историската едиција „Еони“, критичко-теориската едиција „Единаесеттата теза“, повеќе од триесет броја на списанието „Филозофија“, како и другите посебни изданија надвор од овие едиции сочинуваат целина во која јасно се одразува карактерот на издаваштвото „Аз-буки“. Сите достапни наслови од споменатите едиции ќе бидат достапни на Саемот на книгата.
Во годината во која слави 15 години постоење, издавачката куќа „Сакам книги“, пак, приредува вистински книжевен спектакл: во Скопје доаѓа Себастијан Фицек, еден од највлијателните и најчитани современи германски автори, господарот на психолошкиот трилер, чии книги ја освојуваат светската публика со бескомпромисна длабочина и незаборавна напнатост. Фицек ќе биде специјален гостин на 10 мај, кога ексклузивно ќе ги претстави своите две нови книги преведени на македонски: „Девојката со свеќа“ и „Мимики“. Но тоа не е сè – тој ќе одвои време и за лична средба со читателите, потпис, разговор и споделување инспирации, што го прави овој настан историски пресврт за македонската книжевна сцена.