По успешно реализираните три изданија на ракометниот камп „40 х 20“, во балканскиот бисер Охрид, организаторот на кампот, агенцијата „КМГ спорт“, ги почнува подготовките и го најавува четвртото издание на еден од најквалитетните ракометни настани во регионот. Настанот на кој во центарот на вниманието е спортот број еден во Македонија, ракометот, но и запознавање нови другарчиња, едукација и многу забава, од 6 до 11 јули, по четврти пат ќе се одржи на брегот на прекрасното Охридско Езеро. Препознавајќи го квалитетот на кампот, но и посветеноста на тимот што го организира, минатата година интересот на родителите и на децата беше на многу високо ниво, а според најавите, годинава интересот е на уште едно ниво погоре.
Горан Ѓоргоноски, менаџер на агенцијата што е организатор на кампот, е основач и координатор на проектот „Ракомет за секое дете“.
– И покрај тоа што бевме свесни за квалитетот што го нуди кампот, грижата за секое дете, посветеноста и ангажманот на сите инволвирани во организацијата, мора да кажеме дека минатата година бевме пријатно изненадени од интересот на децата и родителите за учество на единствениот ракометен камп во државата. Од февруари традиционално ги почнуваме подготовките за кампот што ни следува летово во Охрид и, од она што го имаме како информација, во контакт со родителите, можеме да потврдиме дека годинава интересот е уште поголем, а местата за учество очекуваме да бидат пополнети за помалку од пет дена. Тоа, од друга страна, создава проблеми со децата и родителите што не успеале навреме да обезбедат место за учество на кампот, па затоа сакаме да испратиме апел до сите заинтересирани да се пријават навреме – апелира Ѓоргоноски.
Како содржина на кампот, посебно внимание се обрнува на индивидуалниот пристап во работата со учесниците од повозрасните групи, работа во мали групи, поделени според позицијата што ја практикуваат во ракометот. Тоа го прави овој камп уникатен, многу квалитетен и продуктивен. Но на кампот во Охрид нема само ракомет. Содржината е обемна и приспособена на возраста на одредени групи на деца.
– Како агенција имаме огромно искуство во организација на вакви настани, а истовремено сме ѝ благодарни на екипата од тренери, доктори, предавачи и гости на кампот, свесни за човечкиот квалитети и високиот степен на одговорност што ги презентираат кон децата и нивните родители. На кампот имаме деца од 7- до 17 години и токму затоа програмата е различна во однос на возраста. Кај оние најголемите (14-17 години) се работи и трипати на ден, во голема мера индивидуално, со цел отстранување на недостатоците и надградба на знаењето од ракометен аспект, но и во однос на спортска психологија, додека со помалите категории се работи во групи од 8 до 15 деца. Покрај ракометот, има и доста едукативни предавања за здрав начин на живот, тимска работа, самодисциплина, но и многу натпревари, игри и секојдневно користење на базенот во комплексот на хотелот „Десарет“ – вели Ѓоргоноски.
Пријавувањето почна вчера, од 12 часот, за сите заинтересирани што сакаат да го осигурат своето место за незаборавно ракометно искуство. Имајќи предвид дека минатата година пријавувањето заврши само за пет дена, а интересот годинава е уште поголем, се очекува местата за учество да се пополнат за уште пократко време. Кампот има интернационален предзнак и интересот на децата од странство е зголемен. Се очекува учество на повеќе деца од Шведска, Србија, Шпанија и другите земји од регионот и цела Европа.
Задржувајќи ја практиката од претходните изданија, пред одржувањето на кампот, секој учесник ќе биде детално прегледан во клиниката „Жан Митрев“, медицинскиот партнер на кампот, со цел добивање јасна слика за моменталната здравствена состојба на секој учесник на кампот, сегмент што е од исклучителна важност за организаторот на кампот, но и за родителите на учесниците. Планирано е, како и минатите години, во насока на едукација на тренерите што работат со млади категории во Македонија, организаторот да реализира и тренерски семинар и нови содржини преку кои наши успешни ракометари и репрезентативци ќе ја раскажат својата спортска приказна, како поттик за новите ракометари на Македонија.