КОНТИНЕНТАЛЕН ШАМПИОНАТ ВО СКОПЈЕ
Министерството за спорт дава огромна поддршка за ваквите настани, на кои се раѓаат нови спортски ѕвезди и се промовираат вистински вредности. Во духот на овој спорт, тоа значи посветеност, дисциплина и стремеж кон совршенство. Ова првенство нека биде поттик за младите да го сакаат спортот, да бидат дисциплинирани и истрајни на својот спортски пат, рече министерот за спорт Борко Ристовски
Со првите борби на татамите во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје во четвртокот и официјално почна Европското првенство (ЕП) во џудо за кадети, кое ќе трае до утре. ЕП 2025 првпат се одржува во Македонија и е спортски настан од највисок ранг што досега воопшто бил организиран во џудо-спортот кај нас. ЕП 2025 за отворено го означи министерот за спорт Борко Ристовски.
– Министерството за спорт дава огромна поддршка за ваквите настани, на кои се раѓаат нови спортски ѕвезди и се промовираат вистински вредности. Во духот на овој спорт, тоа значи посветеност, дисциплина и стремеж кон совршенство. Ова првенство нека биде поттик за младите да го сакаат спортот, да бидат дисциплинирани и истрајни на својот спортски пат – рече министерот Ристовски.
Борбите се одвиваат во поединечна и во екипна конкуренција, со учество на 41 репрезентација од вкупно 51 земја членка на Европската џудо-унија (ЕЏУ). Боите на македонската репрезентација ги бранат 16 натпреварувачи, предводени од искусниот селектор Игор Паскоски и неговиот помошник Александар Фузевски. Влезот во салата е бесплатен. Под мотото „Младите ѕвезди на иднината“, овој престижен настан ги собра најдобрите млади џудисти од целиот континент, кои се натпреваруваат за медали, настојувајќи да ги покажат својата сила, техника и спортски дух.

Од 16-те македонски натпреварувачи, во првиот ден настапија пет и сите загубија, Ангел Радевски (тежинската категорија до 50 кг) од Илија Топтигин од Меѓународната џудо-федерација (ИЏФ), Никола Стојковски (до 50 кг) од Французинот Лукас Шанум, Амар Бајрамоски (до 55 кг) од Швеѓанецот Адам Костоев во машка конкуренција и Хамида Друштинац (до 44 кг) од Белгијката Викторија Григорјан и Анамарија Стојмиловска (до 48 кг) од Британката Тејлор Крисп во женска конкуренција.
По првиот натпреварувачки ден, доминираа џудистите на Азербејџан, кои во три машки категории во низа се закитија со златни медали. Чекор по чекор, рунда по рунда, тие доминираа на теренот, кулминирајќи со победи и последователни изведби на нивната национална химна. Така, со злато се закитија Анар Гулиев (до 50 кг), Расул Ализада (до 55 кг) и Зејд Аласгаров (до 60 кг). Кај џудистките, пак, триумфираше Сема Нур Јуксел од Турција (до 40 кг), која во финалето се сретна со својата сонародничка Јагмур Јилмазтурк, како и Надежда Мишенкина од ИЈФ (до 44 кг) и Барбара Тваровска од Полска (до 48 кг), која на кадетското ЕП во минатата година освои сребрен медал. Г.И.
Потпишан меморандум за зајакнување на соработката помеѓу Европската џудо-унија и Македонија

Како значаен чекор кон развивање на соработката меѓу спортските и полициските заедници, по официјалната церемонија на отворањето на Европското првенство (ЕП) за кадети во џудо, во Скопје, беше потпишан Меморандум за разбирање помеѓу претседателот на Европската џудо-унија (ЕЏУ), Ласло Тот, претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски, и министерот за внатрешни работи на Македонија, Панче Тошковски, пишува ЕЏУ. Во Меморандумот, кој конкретно ги поддржува полициските сили на Македонија преку активности поврзани со џудото, се наведува заедничка обврска за продлабочување на соработката во неколку стратешки области, вклучувајќи но не ограничувајќи се на следново: координација на безбедносното планирање и протоколи за големи џудо-настани што се одржуваат во Северна Македонија, олеснување на сесии за вкрстена обука или размена на информации меѓу персоналот на настанот на ЕЏУ и полициските сили, размена на експертиза за дисциплина, лидерство и методологии за обука меѓу тренерите за џудо и полициските тренери и олеснување на меѓусебните посети за набљудување, студиски патувања и пилот-проекти, пишува Европската џудо-унија.
– Голема чест ни е што сме дел од целата оваа организација и што имаме толку одлична соработка со EЏУ. Овој вид поддршка е симболична, но е многу важна за нас.
За полицијата и војската во Македонија ќе биде одлично да имаме конкретна соработка со ЕЏУ. Се надевам дека во иднина ќе имаме можност повторно да бидеме домаќини на вакви настани, не само кадетски првенства туку можеби дури и европски сениорски првенства. Имаме идеја да воведеме средно образование во полицијата од 2026 година и се надевам дека овој вид вештина може директно да се примени во наставната програма на средните училишта. Исто така, се надевам дека џудото ќе стане една од основните компоненти во постојаните програми за обука во нашата Полициска академија. Затоа сме среќни што имаме можност да организираме обуки со професионалци од ЕЏУ во иднина – рече меѓу другото министерот Тошковски, пренесе ЕЏУ.
Тот, претседателот на ЕЏУ, потоа ги сподели своите ставови.
– Ова означува нова иницијатива, оти е првпат да склучиме таков договор со национален орган. Уверен сум дека овој меморандум ќе послужи како солидна основа за идниот развој на структурирани програми што ги вклучуваат војската, полицијата и другите униформирани служби во рамките на спортот. Почнувајќи од идната година, планирано е првото ЕП за војската и полицијата да се одржи во Обединетото Кралство. Веќе се водат разговори за одржување настан и во Македонија во 2027 година – рече меѓу другото Тот, пренесе Европската џудо-унија. Г.И.