Гавриловски кога победи на официјалниот интернет-турнир на СКШК 2018 во Охрид

Следното ЕП во брзо решавање шаховски композиции ќе се одржи во Скопје, од 8 до 10 мај 2026 година

СВЕТСКИ КОНГРЕС НА ШАХОВСКИ КОМПОЗИЦИИ ЗА 2025 ГОДИНА

На 67. Светски конгрес на шаховската композиција (СКШК) што во јули се одржа во Алба Јулиа (Романија), македонскиот велемајстор (ВМ) за шаховски композиции Зоран Гавриловски освои прва и втора награда на интернет-турнирот во составување композиции со матови во три потези и самоматови во три потези. Гавриловски беше успешен и на неофицијалните турнири во составување помошни матови, со освојување шеста награда на турнирот „Аземур“ и деветта награда на турнирот „Сабра“.

На 48. Светско екипно првенство (СП) во брзо решавање шаховски композиции за 2025 година победи Полска (лани беше втора), пред Литванија, Германија, Монголија, Велика Британија, Србија… Најдобар поединечен решавач на СП 2025 е Полјакот Пјотр Мурџа (лани беше четврти на СП, a тој од 1 јули е трет на светската решавачка рејтинг-листа). Тој на Отворениот турнир, пак, во брзо решавање, во јули годинава, го освои првото место.

– На тие официјални натпревари во брзо решавање шаховски композиции или на неофицијалните тематски натпревари во брзо решавање на Светскиот конгрес на шаховската композиција за 2025 година немаше македонски проблемисти, кои во последните две децении формираа екипа во брзо решавање само на Светскиот конгрес на шаховската композиција во Охрид во 2018 година. Досегашното наше неучество на многу меѓународни турнири во брзо решавање се должеше на недостигот од сопствени финансиски средства и отсуство на каква било поддршка од домашните шаховски и спортски ентитети. Финансиска поддршка отсуствуваше и за македонските составувачи на шаховски композиции, кои се многу поуспешни од решавачите на светски конгреси на шаховската композиција – вели Гавриловски, кој победи на официјалниот интернет-турнир на СКШК 2018 во Охрид, кога освои и четири награди на три неофицијални турнири.

Состаноците на Светската федерација за шаховски композиции (СФШК) во Алба Јулиа преку интернет-врска ги следеше Гавриловски, кој го заменуваше македонскиот делегат во СФШК, Никола Столев. Меѓу многуте одлуки на СФШК, за Македонија најзначајно е доделувањето организација на следното, 19. Европско првенство во брзо решавање шаховски композиции, кое ќе се одржи во Скопје, од 8 до 10 мај 2026 година.

Г.И.


Зо­ран Га­ври­лов­ски
Вто­ра на­гра­да, ин­тер­нет-тур­нир на СКШК 2025


Мат во три потези
Решение: 1.Сф:е4! (2.Сд6+ С(Т)е4 3.С:ф5 мат), 1…Д:д5 2.С:ц3+ С(Т)e4 3.Сб5 мат, 1…Л:д5 2.Сг5+ С(Т)e4 3.Сe6 мат, 1…С:д5 2.Сф2+ Тe4 3.e3 мат, 1…С:e4 2.Лф7+ Дд5 3.Т:д5 мат, 1…Т:e4 2.С:ф3+ С:ф3 3.Л:ц3 мат.