Иницијативи: Во ООУ „Војдан Чернодрински“ во Скопје лектирите се обработуваат на иновативен начин
- Немав сомнеж дека обработката на лектирите е поинтересна доколку ги користиме техниките на плејбек-театарот, а резултатите од истражувањето го потврдија тоа мое верување. Преку овој процес децата меѓусебно се зближуваат, го почитуваат својот простор и просторот на другите. Поттикнати се да ја прочитаат лектирата. Дискутирајќи за делото се отвораат и се охрабруваат да зборуваат за тешкотиите со кои се соочуваат и, што е најважно, забавувајќи се излегуваат од рамките и им се доближуваат на светските трендови, вели Дијана Петкова
Во ООУ „Војдан Чернодрински“ во Скопје, по иницијатива на Дијана Петкова, стручна соработничка, библиотекарка, а под менторство на Оливера Котева, неодамна беше спроведено истражување за поттикнување на читачкиот порив кај деветтоодделенците членови на клубот „Млади библиотекари“. Беа користени техниките на плејбек-театарот, како посовремена форма за обработка на лектирата „Дневникот на Ана Франк“. Всушност, „Војдан Чернодрински“ е прво и единствено основно училиште во нашата земја во кое се користеле техниките на плејбек-театарот за обработка на лектира.
Учење преку игра
Познато е дека децата ја сакаат играта и оти најдобро учат и се изразуваат преку такви активности. Креативните работилници и театарската игра се идеални да поттикнат конструктивна промена во животот на детето.
– Добро осмислената креативна работилница може да разбуди интерес кај детето за одредена тема, додека преку театарска игра може да се подобрат комуникацијата и социјализацијата, да се поттикне имагинацијата, но и да се поттикне желбата за читање кај детето. Може да се променат старите навики, да се усвојат нови и да се создадат вредности што се поврзани со читањето, со жедта за нешто ново, поинакво од дигиталниот свет. Театарската игра е соочување со себеси, со другите на сцената и со публиката. Тоа е извонредна игра за надминување на тремата, стравот од јавно говорење и срамот да се покажат емоции пред непознат аудиториум – објаснува Дијана Петкова.
Џонатан Фокс, синтетизирајќи техники од психодрамата на Јакоб Леви Морено (мимика, танц, музика, ритуал), во средината на 1970-тите години од минатиот век, го изнедри плејбек-театарот како оригинална форма на импровизиран театар. Тој смисли практична примена на театарската игра и ја приспособи на потребите на современиот начин на живот на модерниот човек.
– Во училиштата досега се правеше драматизација на одредено дело, но користењето на техниките од плејбек-театарот во обработката на лектирите би значело воведување една посовремена, послободна и полесна форма на изразување за учениците. Во репродукцијата, креативноста нема граници, превезот станува небо, столицата планина, може да се претера со изразите на лицето и физичкиот израз, да се зборува со „звуци“ и, пред сè, да се игра со симболиката. За да го направите тоа, потребни се синергија и доверба во групата, при репродукција нема „протагонисти“, крајната цел е приказната – посочува Петкова.
Во плејбек-театарот, на сцената интервенираат четири типа на фигури: раскажувачот – личноста што ќе ја раскаже приказната, диригентот/нараторот – оној што го стимулира соговорникот со прашања, за да ги добие елементите (фрази, клучни зборови, емоции, чувства, настани) што треба да се постават, актерите – оние што ги следат приказните и упатствата на диригентот, за да ја импровизираат својата изведба, без каков било договор, и музичарот/музичарите, што ги дава сигналите за отворање и затворање на секоја изведба со ритуален звучен сигнал (отворање и затворање) секогаш ист и однапред договорен со актерите.
Поттикнување дискусија
– Иако се користени техники од плејбек-театарот, во ова истражување, приказната не е од публиката ниту пак од учениците, туку е онаа што е раскажана во лектирата „Дневникот на Ана Франк“. Првичната замисла беше да се поттикнат децата да зборуваат за своите проблеми и да споделуваат што ги мачи на возраст од единаесет до четиринаесет години, споделувајќи го тоа спонтано како случка, а членовите на клубот „Млади библиотекари“ да го изведат на сцена и со техники од плејбек-театарот, што би поттикнало дискусија и би довело до соодветни решенија за надминување на одредени тинејџерски проблеми. Во разговор со педагогот и психологот, констатиравме дека затоа што станува збор за малолетни деца, кои е можно да си поиграат со нечии чувства и наместо да биде надминат, проблемот да се продлабочи, подобро ќе биде приказната да е позната, а обработката на лектирата со техниките од плејбек-театарот да биде поттик да се прочита книгата – ни рече авторката на истражувањето.
Истражувањето е спроведено во период од три месеци, кога биле реализирани осум работилници. „Течна скулптура“, „Механичка скулптура“, „Хор“, „Глава-стомак“, „Приказна во приказна“ и „Соприсуство“, беа техниките од плејбек-театарот што беа користени за ова истражување.
„Течната скулптура“ е техника во која актерите еден по еден одат во центарот на сцената, пополнувајќи ги просторите, но индивидуалната изведба на секој актер е фраза и дејство што се развиваат. Секој актер треба да одвои доволно време за својата реплика и истовремено да им остави простор и на другите на сцената, така што секој ќе придонесе да се развива емотивно и наративно. Дејствата на актерите, кои веќе го извеле својот бит, продолжуваат со тивок глас, кога другите актери влегуваат на централната сцена. На крајот заедно се „замрзнуваат“. Иако текстот им е познат на актерите, тие, во моментот кога се на сцена, не знаат кој од нив што ќе каже, се слушаат внимателно и се надополнуваат, што придонесува целата слика и акција да изгледаат хармонично.
„Механичка скулптура е техника во која актерите еден по еден, без никаков видлив редослед, одат во центарот на сцената, обидувајќи се да создадат хармонична слика во просторот. Тие го рецитираат својот дел на механички начин, како да се машини, повторувајќи гестови, звуци и фрази, околу трипати, и потоа се „замрзнуваат“ во положбата. На крајот, откако секој актер е во центарот, „замрзнат“, тие истовремено го повторуваат својот дел одново. Секој актер нагласува различен пасус во приказната.
Техниката „Соприсуство“ разбуди интерес кај членовите на клубот „Млади библиотекари“, зашто преку неа двајца актери се свртени со грб еден кон друг и се вртат неколкупати, полека во насока на стрелките на часовникот и секој изразува елемент. Зборува само актерот што е свртен кон публиката. Елементите се соприсутни, односно нема посилен. Преку чувствата на Ана Франк, актерите ги изразуваа и своите чувства.
Обработка на лектирата „Дневникот на Ана Франк“ со техниката „Хор“
За членовите на клубот „Млади библиотекари“ најприфатлива и со најголемо задоволство изведувана техника, поради која секоја наредна работилница со нетрпение ја очекуваа, е техниката „Хор“.
Еден актер оди во центарот, избира поза и се замрзнува. Брзо, еден по еден, сите други влегуваат на сцената и се ставаат во иста позиција, обидувајќи се да ги пополнат празнините, како да се една скулптура. Актерот што влезе прв почнува да ја кажува својата реченица придружена со гестикулација, полека, а преостанатите актери тргнуваат по него, обидувајќи се да го дадат чувството дека зборува едногласно. Фразата се повторува заедно неколкупати, додека друг актер не одлучи да промени (промената не треба да биде очигледна, навистина треба да звучи како еден глас) фраза и гест.
– Немав сомнеж дека обработката на лектирите е поинтересна доколку ги користиме техниките на плејбек-театарот, а резултатите од истражувањето го потврдија тоа мое верување. Секако, не треба сите книги да се обработуваат на овој начин, но за некои лектири кон кои имаат отпор, добро би било да го сменат пристапот на обработка. Свесна сум дека ваквиот начин на обработка на лектири е чуден и за некого неприфатлив, но факт е дека преку тој изведбен процес децата меѓусебно се зближуваат, го почитуваат својот простор и просторот на другите. Поттикнати се да ја прочитаат лектирата. Дискутирајќи за делото се отвораат и се охрабруваат да зборуваат за тешкотиите со кои се соочуваат и, што е најважно, забавувајќи се излегуваат од рамките и им се доближуваат на светските трендови – ни рече Дијана Петкова.


































