Шоле Резазаде, холандскa писателка со иранско потекло
- Македонија беше првата земја што ги доби правата за превод на оваа книга и поради таа причина секогаш ќе ми биде драга. Дури и нејзиното име носи тежина на жива историја, која дури и ги вкрстува патиштата со Персија. Земји со древни корени и длабок дух секогаш ме повикуваат. Нетрпелива сум да видам како читателите ќе ги вткајат своите животи во оваа приказна, ни сподели Шоле Резазаде
Четириесетгодишната Алма живее во брод куќа на тивко разбрануваната река Амстел и постојано е зафатена со работа. Но еден ден носи радикална одлука и сама патува кон Иран. Таму живее Сарај, која чува овци, молзи кози и е вљубена во момче од друго номадско семејство со кое има тајни средби на брегот на Арас, брзата река што татни низ нерамниот планински пејзаж. Номадите живеат од ден на ден и го јадат она што им го нудат годишните времиња. Наместо постојано да зјапаат во нивните телефони, тие се меѓусебно поврзани. Но нивниот опстанок е загрозен. Во прекрасен поетски стил Шоле Резазаде го има проткаено овој совршено алегориски роман „Знам планина што ме чека“, во кој ја раскажува приказната за Алма и Сарај, како и за Арас и Амстел.
Шоле Резазаде е гостинка на годинашниот фестивал за европска литература „Букстар“, кој се одржува деновиве. Таа беше дел од книжевниот поткаст „Гол човек“, Приказни на граница меѓу различни светови, а денеска ќе биде дел од книжевното читање на мајчин јазик во 12 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.
Шоле Резазаде (1989) се преселила во Холандија од Иран во 2015 година. Три години по нејзината преселба, потпишала договор за првиот роман „Небото секогаш е виолетово“, за кој ја добила наградата за дебитанти на Друштвото за холандска книжевност и наградата на публиката „Бронзен був“. Од овој роман се продадени повеќе од 50.000 примероци само во Холандија и Белгија. Нејзиниот втор роман „Знам планина што ме чека“ доби специјално признание од наградата за литература на Европската Унија (2024) и беше номиниран за наградата за книжевност „Амарте“ и за наградата за книга за природа. Таа е ценета рецитаторка и јавна говорничка. Нејзиниот роман „Знам планина што ме чека“ е во превод од холандски јазик на Ели Пујовска, во издание на „Антолог“.
Преселбата од една културна средина во сосема друга често носи и голем број предизвици и инспирација. Како тие искуства се вградија во твоето творештво?
Сè уште се сеќавам на моето прво возење со воз во Холандија. Погледнав низ прозорецот и се запрепастив кога видов пејзаж без планини, само рамни хоризонти и слушнав јазик околу мене што ми ги погоди ушите остро и речиси луто. Се прашав себеси: дали некогаш ќе го зборувам овој јазик? Дали некогаш ќе се навикнам на земја без планини?
Кога почнав да учам холандски – јазик што, во споредба со персискиот и турскиот, нуди помалку простор за емоционален расцут и помалку вродена поезија, слично како неговата култура што се спротивставува на заведувањето – тоа ми даде еден вид јасност. Ми помогна да ги обликувам емоциите во приказни без да се удавам во музиката и боите на самиот јазик.
А потоа беше осаменоста, неизбежниот придружник на миграцијата. Во тие први години ми даде простор да размислувам и да слушам навнатре. Две години мојот најблизок пријател беше дрво што стоеше спроти прозорецот на мојот стан, верно чекајќи ме без закажан термин. Мојата прва книга, која ја започнав по три години во Холандија, се роди од тие тишини, тие набљудувања и од тоа долго дружење со осаменоста.
Што те поттикна да започнеш со пишување романи токму на холандски јазик?
Кога пристигнав во Холандија на дваесет и шест години, по години студирање медицина во Иран против моја волја, се чувствував повторно како дете – принудено повторно да научам сè: зборување, интеракција, стекнување пријатели, откривање нова култура. Во тој момент на изгубеност избрав да го следам единствениот сон што отсекогаш го носев во себе: да бидам и да живеам како писател. Затоа решив да пишувам на холандски јазик. Не само за да бидам публикувана во оваа нова земја туку и да стапам во контакт директно со читателите тука, да споделувам приказни и да зборувам за моите книги и да го градам мојот живот околу тоа.
Дали чувствуваш дека пишувањето на немајчин јазик отвора нови перспективи или предизвици?
Пишувањето на јазик што не ми е мајчин ми овозможи да патувам подлабоко во себе. Тоа ја скрши емоционалната врска за персискиот и турскиот јазик и ми даде јасен поглед на светот околу мене.
Често го опишувам вака: пишувањето на холандски јазик беше како да се поврзеш со непознат човек на забава. Со странец можеш да споделиш тајна, да размениш зборови на длабочина и интимност – токму затоа што не те познава доволно добро за да ти суди.
Како се пишуваше „Знам планина што ме чека“? Дали ликовите Алма и Сарај се базирани на вистински луѓе или се симболични претстави?
Пред неколку години, шетајќи по планините меѓу Иран, Азербејџан и Турција, се изгубив. Случајно наидов на шатор и надвор седеше една жена. Од нејзината облека знаев дека е номатка. Таа мавна, ме покани на чај и ме праша каде живеам. „Холандија“, одговорив. „Кое село е тоа?“, праша таа. Објаснив дека е во странство. „А во странство“, се прашуваше таа, „кое село е тоа?“
Таа кратка размена ми остана во сеќавање. Жена што никогаш не слушнала за „граници“ или „странство“ ми ја отвори вратата кон овој роман. Се враќав неколкупати да ги посетам номадите во различни сезони и секогаш се среќавав со реката Арас – опеана во приказни и песни, дури и од Руми. Затоа решив дел од романот да биде раскажан со сопствениот глас на реката.
Сарај е извлечен од фолклорот; Алма е фигура што ја имам видено многу пати – во метроа, возови и забави: жени заробени во сјајот на модерниот живот, исцрпени и шупливи, барајќи смисла во свет што изгледа беспрекорен од далечина. Алма стана жена што живее на куќа брод покрај реката Амстел во Амстердам.
Романот се одвива помеѓу две реки – Амстел и Арас. Што симболизираат тие води во приказната?
Често размислував за силниот контраст помеѓу Арас и Амстел. Арас е дива и нескротлива, резба граници, ги води номадите, рика за внимание. Амстел, пак, е мирна и речиси декоративна, тивка, само го отсликува светот околу себе. Лесно се заборава.
Тие се како реките во секој од нас – турбулентните што бараат да бидат слушнати и тивките што ризикуваат да бидат занемарени.
Природата игра голема улога во романот. Една од главните теми е поврзаноста – меѓу луѓето, со природата, со самите себе. Дел од романот зборува за опстанокот на номадскиот начин на живот. Дали оваа приказна е и критика на модерниот свет?
При мојата последна посета на номадите сретнав тинејџер, кој штотуку стигнал до летните пасишта по четириесет дена пешачење. Кога го прашав дали го сака овој живот, тагата му трепкаше на лицето. „Не“, рече тој. „Која е поентата, кога по четириесет дена пешачење пристигнуваме на место каде што пролетта сè уште не започнала, каде што годишните времиња се прекинати, каде што реките пресушуваат?“ Тој копнееше да оди во градот.
И помислив на безбројните луѓе што ги познавам во градовите, заробени во канџите на работата и времето, копнеејќи по денови во срцето на природата. Колку малку навистина знаеме меѓусебно за нашите светови додека длабоко влијаеме врз животот еден на друг.
Каква улога играат тишината и повлекувањето од секојдневниот шум во твоите дела? Каква порака носат?
Се плашиме од тишината затоа што нѐ соочува со гласовите што ги закопавме во себе – вистините, мислите што никогаш не сме се осмелиле да ги изговориме. Во свет каде што светлината и звукот секогаш се на дофат на раката, тишината стана ретка. Верувам дека оваа оскудност е една од причините зошто современите луѓе се чувствуваат толку осамени, толку отуѓени. Ако не го слушаме сопствениот внатрешен глас, кој друг ќе го чуе? И кој ќе ги почитува нашите желби ако ние самите не го сториме тоа?
Како ја доживуваш идејата твоите дела да бидат читани на други јазици, како на македонски? И што особено те радува при посетата на Македонија?
Од детството читам не само иранска литература туку и литература од светот, особено од Европа. Секогаш ме воодушевуваше како писател или поет од друга земја, друг век, друг јазик, можеше да ме разбере толку добро, можеше да им даде зборови за моите сопствени чувства.
Сега, кога моите книги се преведуваат и слушам од читатели што се препознаваат себеси во моите приказни, повторно ја чувствувам вистината за тоа: литературата ни припаѓа на сите нас. Надвор од границите, се среќаваме со зборови. Каде што постои љубов и емпатија, ние сме поврзани заедно. Можеби затоа раскажувањето приказни и поезијата останале меѓу најдлабоките уметности на човештвото илјадници години.
Македонија беше првата земја што ги доби правата за превод на оваа книга и поради таа причина секогаш ќе ми биде драга. Дури и нејзиното име носи тежина на жива историја, која дури и ги вкрстува патиштата со Персија. Земји со древни корени и длабок дух секогаш ме повикуваат. Нетрпелива сум да видам како читателите ќе ги вткајат своите животи во оваа приказна.